Замина уште една скопска, но и македонска музичка легенда. Аљоша Исмаиловски Аљо, врвен музичар, басист на култната група „Лева патика“.
Свирел во повеќе македонски групи, како и „Чуден крој“, но сепак ќе остане запаметен по тоа што беше член на легендарната македонска група „Лева патика“ или подоцна само „Патика“, која ќе се создаде од поранешните членови на групата „Пу“.
Во постава: Аљоша Исмаиловски- Аљо (бас и вокал), Бошко Доневски Чико (тапани), Драган Груевски Груле (гитара), Гранит Таки (вокал) и Рамис Јусуфи Цики (клавијатури) кон крајот на 80-ите и почетокот на 90-ите ќе го снимат албумот насловен по името на групата, на кој по долги години од неговото појавување ќе се најде и мегахитот „Неправда“.
Нивниот албум “Патика” со десет песни во вид на ЛП плоча ќе го издаде издавачката куќа „Сузи“ од Загреб, а ќе го продуцираат Питер Мак Тагарт и Љубомир Бранѓолица.
„Неправда“ со тоа конечно ќе се најде на еден носач на звук и како сингл, а песната подоцна ќе биде прогласена и за македонски хит на столетието
Аљоша Исмаиловски, како и останатите членови на групата подоцна ќе престанат целосно или само повремено ќе се занимаваат со музика, секој работејќи во своите бизниси.