6.02.2025
Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид SOS реагираат со допис кој целосно ви го пренесуваме:
-Во Планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7, на страница 112 е поместена копија од Синтезен план – намена на земјиштето со граница на плански опфат. Може да се види новата ситуација, што некој испланирал за оваа локација. Во текстуалниот дел кој следи потоа, во воведот, меѓу другото е наведено дека основна цел на Деталниот урбанистички план е „подигање на квалитет на живеење со ревитализација на просторот“, потоа „заштита на јавните простори и зелени површини кои се од јавен интерес за населбата и градот, како и соодветна опрема со партерно уредување“ и „внатрешна обнова и делумна реконструкција на градбите со зачувување на создадената урбана матрица“. Убаво напишани зборови, но што имаме во реалноста?
Според Агенцијата за катастар, освен приватните парцели каде се наоѓа старата куќа изградена во 1927 година, останатото се води на Република Македонија, и две парцели (15545/1 и 15545/3) имаат непознат сопственик. Доколку се работеше за заштита на јавните простори и зелени површини, немаше тие да се отуѓат и претворат во приватни станбени згради и паркинзи. Немаме информација дали и кога државното земјиште е отстапено за семејно домување и зошто во планот се изменети границите на постојните катастарски парцели. Ќе беше разбирливо доколку КП 15546 имаше намена за дејноста која и сега се врши тука, односно здравствен дом или амбуланта.
Маларична ќе остане поврзана со името на Елена Етингер Каваева, основоположник на македонската педијатрија, и тој објект најдолго ќе служи како педијатриска амбуланта. Еден дел се приземни објекти, додека другиот се П+1 и скоро се незабележливи во просторот. Од другата страна на уличката е зградата на гимназијата, монументален примерок на културното наследство од раниот дваесетти век. Со новиот ДУП, наспроти гимназијата ќе се надвисне станбена зграда со висина П+4 на целиот простор на сегашната Маларична, заземајќи и половина од сегашниот паркинг сè до оградата на основното училиште. Со оваа зграда, Охрид ќе добие уште 10.501 м2 станбена површина или половина од она што се гради годишно. Добро знаеме дека досегашната урбанизација резултира во половина од становите да зјаат празни на сметка на хуманото живеење. Но, затоа изведувачот ќе биде побогат.
Кога сме веќе кај училиштето, интересен момент во Планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 е дека нарачател е OОУ „Григор Прличев”. Зошто училиштето би иницирало ваква планска програма со која му се одзема огромен дел од катастарската парцела за во новиот проект целото зеленило да се претвори во паркинг за новиот станбен објект? Извршител на документот е ИН-ПУМА управувана од Божо Илоски, име добро познато на охридската и македонската јавност. Не е чудо ако планираниот објект го гради неговата градежна фирма. Доносител е Општина Охрид. Сето она што го напишале со предложениот план е како и ред други папагалски текстови во документите на oпштината – ќе нема ни „унапредување на урбаното зеленило“, нити „оформување препознатлива амбиентална целина“, а најмалку „почитување и валоризација на културното и градителското наследство“. Невидени лаги и лицемерие. Но, кога тоа го прави локалната самоуправа, тоа е акт на доведување на јавноста во заблуда и административна измама. Ќе има само задоволување на одредени интереси. Кој и зошто одлучил да се уништи огромен парк и отворен простор, да се отуѓи државно земјиште (и земјиште со непознат сопственик) и од сите можни содржини тука да се изгради огромна зграда? Според кои параметри на урбаното планирање и анализи, во центарот на Охрид фалат згради и е потребно да се намали зелената површина?
Урбанизацијата со овој ДУП е директно на штета на автентичноста и интегритетот на културното наследство. Во Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029), за зоната каде припаѓа овој ДУП стои: „Во оваа зона ќе се применува мерката на урбана реконструкција, односно воспоставување состојба која ќе ги подобри условите за живеење и работа. При уредување на просторот прифатливи методи се обнова на постојните и изградба на нови градби со почитување на амбиенталните карактеристики на целината, традиционалните форми, карактеристиките на пејзажот и хармонијата на целината.“ Планот забранува окрупнување на градежни парцели, токму за да се превенира изградба на габаритни објекти. Исто така, новите градби треба да имаат: „габарит кој е усогласен со контекстот и не ја нарушува визуелната перцепција кон целината Старо градско јадро“ и „силуета која го почитува традиционалниот локален карактер и силуетата на просторот каде се градат.“
Но, Планот е за на хартија, тоа е веќе добро познат став на Општина Охрид. Како и во други случаи, така и сега, Општина Охрид турка ДУП кој не добил позитивно мислење од Комисијата за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион (го нема во СОЖС која е на јавна расправа). Со тоа, по кој знае кој пат, Општина Охрид го прекршува Законот за управување со светското светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион – оној кој токму таа треба бескомпромисно да го почитува.