Почетна ИНТЕРВЈУ МИЛИЦА ПАУЛУС, ПИСАТЕЛКА, ПОЕТЕСА: Емоциите и мислите најдобро се пренесуваат на мајчин...

МИЛИЦА ПАУЛУС, ПИСАТЕЛКА, ПОЕТЕСА: Емоциите и мислите најдобро се пренесуваат на мајчин јазик!

4.02.2025

Единствена и уникатна Дама во македонската поезија по неколку нешта, која со нејзиното творештво и концепт на работа остава златна трага во времето, со сѐ што прави за себе и за современата македонска литература. Особено  најмногу со вреднувањето на творците кои неуморно творат, а ги оценува со вредноста која се мери со срце и искреност.

Поезија и проза се нејзин фах, во нив е на врвот, а на врвот е и со организирање на рекорден број на поетски манифестации и доделување награди кои ќе останат како сведоштво за во иднина, со кои се потврдува вредноста на она што како поетска реч се создава на ова тло во денешно време.

А, Светот на поезијата е најшироко поле за имагинацијата на умот и душата. Да се биде таму значи да може безмерно да се користат тие ресурси, да се ужива максимална слобода.

Screenshot

*Госпоѓа Паулус, Вашето присуство во тој свет го обележуваат повеќе различни позиции. Да почнеме од првата, Вие сте дипломирана писателка и поетеса, пишувач и објавувач. Кои дела се врзуваат за Вашето досегашно ткаење на нитките на убавиот пишан збор?

– Во светот на литературата, живеам уште од мали нозе. Сѐ уште се сеќавам на мојот прв расказ, а само што научив да пишувам. “Рацете на мама” беше насловот. Колку топли и заштитнички, беа нејзините вредни раце, кога бев болна, кога плачев и кога ми требаше мајчина љубов. Од тогаш до сега, се нижат многу раскази и поетски творби. Пишувам двојазично поезија и проза, на македонски и на германски јазик- за возрасни за млади и за деца. Имам издадено поетски книги, драма, романи, кратки раскази и едно научно дело, а сум учествувала во антологии и сум била уредник на книги и антологии. Се разбира, сум напишала голем број на рецензии и сум била промотор. Мотивирам за пишување и правам голем број на литературни настани. Ете, тоа е еден краток времеплов на моето досегашно ткаење на нитките на пишаниот збор.

* Книгите кои досега ги имате објавено сигурна сум допреле до многу раце, но она другото што го работите во светот на креирање со пишаниот збор допрел до многу CV-ја, променил многу животи, внело магија и моќ каде што треба и оставило силни и неизбришливи траги. Тоа е Вашиот ангажман како организатор на бројни поетски манифестации. 

-Како организатор на околу 250 литературни настани, земајќи ги во предвид и онлајн конкурсите, се трудев да ја пренесам пораката- да се чува и негува нашиот мајчин јазик и да се чита и пишува, што повеќе. Ќе набројам, само неколку од моите традиционални литературни манифестации и фестивали: – Поетска гала; – Најубава проза; – Охридски бисер на поезијата; – Гордана Коцева; – Млади творци; – Вилијам Шекспир.

Screenshot

*И сето тоа би било можеби и повеќе обично, доколку не се осврнеме на реалноста дека Вие всушност и не живеете во Македонија, а ги организирате тие поетски манифестации од далечина. Општествениот мотив е- да се зачува и негува мајчиниот јазик на творците на македонски, но кој е личниот мотив за толку големи и силни активности на овој план?

– Живеам надвор од Македонија, ама некаде околу 4-6 месеци сум во Македонија, само не одеднаш. Мојот личен мотив за голема активност на литературното поле е- љубовта кон литературата, инаку, пишувањето не е само мое хоби, туку е и моја професија. Кога започнав со настаните, од прилика пред 25 години, бевме само 15 души и со текот на времето, бројот на творци се зголемуваше, па да не претерам, сега сме сигурно некаде околу 1000 на број. Имаше еден конкурс, каде што зедоа учество скоро 800 пишувачи. Пријатно сум изненадена, што бројот на заинтересирани млади творци и деца е сѐ поголем и родителите и наставниците, сѐ повеќе ги мотивираат младите и децата за творење. Дипломите ги доделува стручна жири- комисија и служат како поттик и мотивација за пишување, рецитирање и читање на поезија и проза.

*Како е да се соработува со современите македонски пишувачи? Имаат ли тие специјални барања и желби, нарачки или можеби забелешки?

-Ја сакам современата македонска поезија и слободниот начин на изразување и пишување. Бев прва, што не пишува во строфи, туку сите стихови заедно, неразделени, што правеше литературни настани и што доделуваше дипломи и трофејчиња. Често пати бев критикувана, а по кратко време, тргнаа по мојот пат.

Screenshot

*Дали Македонија како држава го препозна Вашето значење и Вашиот труд, и го преточи тоа во награда?

-Сум била наградувана во Македонија и надвор од неа, а моето чувство е многу поубаво и многу повеќе сум среќна, кога јас наградувам и кога другите се радуваат. Македонија како држава, сигурно го препознала значењето и вредноста на мојата работа на литературното поле, само најискрено, нема пријателство- нема награда! Најголемата награда се моите читатели и сите литературни творци во Македонија и надвор од неа, што творат на македонски јазики ја негуваат македонската литература, и македонскиот јазик.

*Можете да издвоите некои посебни и драгоцени награди што сте ги доделиле, нешто што Вие сметате дека е посебно важно?

-Може ли една мајка, да ги дели децата? Не, не можам- бидејќи секоја доделена награда е вредна и важна за македонското творештво, за творците и за мене. Секој труд, треба да се вреднува и да се цени наградата.

*Всушност, кои се критериумите за да се земе учество на Вашите манифестации?

– Критериумите за учество на моите конкурси се секогаш добро образложени на самиот конкурс. Најважните се: Да се пишува на македонски јазик; Да биде напишано на кирилица.

Screenshot

*На релација Германија- Македонија течат Вашите години, но со доста продуктивност во сето тоа. Неодамна бевте тука овој како креаторка на неколку сосема нови поетски средби, во Македонски Брод и во Куманово, а настапивте и Вашето родно Кавадарци. Задоволна ли сте од приредбите кои ги направивте?

– Литературни настани правам низ цела Македонија, буквално по сите градови, села и планини- во библиотека, центар за култура, во кино-сала, во музеј, во манастир, на плоштад, во природа, во приватна викендица и во добар и тивок ресторан. Задоволна сум секогаш кога настанот ќе биде успешен, продуктивен и придонесува за негување на македонската литература, како и на македонската традиција. Затоа, моите настани се украсени со македонска изворна музика, традиционални инструменти, носии, танц и традиционални адети.

*Новите генерации Македонци во Германија, го познаваат ли доволно македонскиот јазик Имаат ли интерес за него?

-Тие, што се родени во Македонија и како деца живееле неколку години во неа- да, а останатите сѐ помалку.

*Минхен каде што живеете, е голем град каде живее и голема македонска заедница. Постојат ли литературни средби за нив?

– На жал- не. Речиси и нема некој што пишува на македонски јазик во Минхен, според тоа, нема никакви литературни настани за Македонци и македонски творци.

Screenshot

* За Македонија пишувате на македонски, но и германскиот јазик не ви е веќе туѓ па го користите и за творење. Сепак, кој од двата јазика доминира?

– Најубаво ми е кога творам на македонски јазик. Емоциите и мислите, најдобро се пренесуваат на мајчин јазик. Давам сѐ од себе и сигурна сум, дека нема да бидам разочарана. Се трудам, да бидеме во голем број, да мотивирам и да се пишува. Мојата порака е- пишувајте на кирилично писмо, читајте, чувајте го нашиот убав мајчин јазик и негувајте ја нашата убава македонска литература.

*Велиме поезијата и прозата не се исплатува, но тоа не ги допира доброволните автори и создавачи на книги. Тие творат да ја остават вистината, времето и просторот во кое живеат, или описот на своите чувства, како записи за вечно. Така е и со Вас, инаку не би пишувала, би го потрошила времето на работа и заработка особено во држава која тоа го овозможува. Тоа ви ја одзема или ви дава повеќе сила и енергија?

– Парите, не носат секогаш среќа. Безусловната љубов е таа- вистинската. Топлината во душата доаѓа, само со љубов.

* Освен оваа многу ангажирана литературна страна, што би ни кажале за себе во другиот дел од својот живот?

-Тоа е најтешкото прашање, кога треба да зборувам за себе. Ќе бидам површна- сакам музика, ликовна уметност, добра книга, добар филм и убаво друштво. Знам да се радувам на ситници, знам да бидам благодарна, се трудам да бидам поднослива за сите генерации, знам да простам и знам да се извинам. Да не заборавам, хаха, после долго толерирање, знам и да се налутам.

Screenshot

* Љубопитни сме да ни откриете кои се Вашите најомилени дела од македонската книжевност, филм, песна, уметничка креација?

– Ќе одговорам со неколку збора- гледам, слушам и уживам во сѐ што е добро и вредно. Ја сакам македонската култура и сите случувања на културното поле, ги ставам во прв ред и пред сите.

Валентина Ѓоргиевска Парго 

metropolis-big