Нема ни месец, два откако, прелистувајќи ги огласите за работа, во себе многу наивно од моја страна, признавам, ама со длабок копнеж помислив- ах како не бев сропеоцентно здрава и да можев да поднесувам хемиски препарати, па да станев чистачка во згради. Нема кој и што да те вознемири, си знаеш- ќе си ја завршиш работата со своја брзина, сѐ од тебе зависи, немаш директен контакт со луѓе, ќе си одиш дома, ќе се избањаш и потоа можеш да го одмараш и телото и мозокот. Специјални подготовки не ти требаат. Ни ментални ни интелектуални. Само метлата в раце и терај. Нема да има шанса некоја непогодена исфорсирана жена да лечи фрустрации врз тебе, ни некој маж да те притиска со неговите желби и фантазии, како што се случува речиси на секое работно место кај нас. Многу раат.
Теоретски тоа добро звучи, малку е поинаку во пракса. Тоа е работа која им припаѓа на некои жени, и во некоја рака се смета тажна таа професија, иако јас тврдам дека не е најтажна, и за која треба да си телесно сосема здрава. Имаш доста работа за работење и секој си зема за право да те гледа од повисоко, што доведува до една состојба да се чувствуваш потиснато од другите, ама е професија со која никому не должиш ништо, не можеш да згрешиш и на долги патеки твојата совест и душа останува (по)чиста.
Хигиената повеќе припаѓа на жените. Маж реткобстабал хигиеничар, освен ако е шеф на истите. Јас за жал, познавам и еден кој себе си се смета од “големото добро утро” ама истиот тој за поголем хонорар во една државна институција си “се унапредил” во шеф на хигиеничарките, колку за да им го дограбне и тоа ситно парче леб од уста.
Но, не само што е тажна оваа професија. Во основа тажна е и женската судбина. Не е по природа тажна, по природа е волшебно убава. Мажите ги имаат така поставени работите за да биде тажна, а жените се имаат толку согласено по сите основи со таа приказна, што никогаш нема да може да се претвори во среќна како што треба. Ги оставам настрана оние псевдовистини за “рамноправноста”…
Сѐ да е во нивни раце и колку и да е времето “модерно” и не е како порано, за жената секогаш е исто. Дури и полошо. Тие постојано наоѓаат начини како да ја стават во сосема зависна и подредена, па дури и безилезна положба.
Денес тоа се нарекува мобинг. Се согласувам и делумно е точно. Но, иако сум жена со Ж, со свои очи сум видела дека не сѐ што е мобинг е мобинг, има многу нешто од она што се нарекува местенка, провокација и тотално безобразие од женска страна, а се маскира со таа “општа” маска.
За истата работа или проблем, да ја слушнете и машката страна, или другите наоколу, ќе сфатите дека не е како што изгледа и дека самите повеќе настрадале во тој ткн. “мобинг” кој го произвела некоја жена, ладнокрвно лакирајќи си ги ноктите на биро и ставај си пудра на лицето.
Велам, не секогаш. И затоа, во приказната за мобингот кој се случува најчесто во канцеларии и со “шефот”, јас не верувам сѐ додека лично не се уверам, доколку имам можност. Доколку немам, премолчувам и сѐ уште имам сомневања и стереотипи околу некои видови на мобинг. Иако и самата сум била жртва на многу мобинг, посебно кога си вредна како пчела меѓу мрзливи трутови. Сакам да го видам коренот, оној кој е под земја, за да видам од каде из’ртил проблемот.
Но има работи кои се очигледни и таму веќе сѐ е јасно. Дилеми нема.
На пример ова. Неодамна на еден доста спонзориран портал со голема поддршка и грб, со постојана само-реклама и со кууууууп реклами, прочитав нешто на кое сигурна сум дека мнозинството се насмеале затоа што од една страна и порталот себе си се промовира како “емисија за хумор и сатира”, а од друга како “скап”, за најдобродржечки фирми и компании кои имаат да платат.
И не велам не, ќе се насмееш на некои будалии што се случуваат во земјава и во светот, сѐ додека некој нивна објава не ти загорчи во грло и голтај, голтај да ја разблажиш, не оди, горчината те распарала до желудник и црева.
“Тко је јучер карао чистачицу у подруму??? Жена једва хода, други пут звачу милицију” Ваш представник станара гласеше објавата преку фотографија, сигурна сум разбравте, со наслов “Нефер старски практики”.
Ајде сега повикувам само жени, да видиме како течела приказната по обратен редослед.
Жена која чесно си ја извршува својата работа, која по градација рековме веќе, дека се смета за последнота и ѝ припаѓа само на најбезизлезна категорија на граѓанки, хигиеничарка, наводно имала полов однос со неименувано и непознато лице, а притоа според описот жената е во лоша здравствена и физичка кондиција и не можела да стои на нозе. И во таква состојба таа дента оди со свој труд да го извади парчето леб за себе и за своите најмили.
Со “ѕвезди и молњи” пред очи од немоќ, но кој те прашува? И со празен стомак не се седи.
Тоа станало предмет на дискусија и лутење од страна на посовесен жител на зградата, па го ставил како предупредување на јавниот ѕид, потоа некој несовесен го фотографирал колку за да ги насмее пријателите, веројатно тоа завршило на социјалните мрежи, од таму мрзливиот и не баш совесен уредник кој не сака да да си мрдне газот од фотелја и да засука ракави и напише нешто од гоекава реалност, по линија на помал отпор начеканото парче материјал само го “шлапнал” за јавен сеир на неговиот портал и си зел голем хонорар, од бројните реклами. На големото парчето леб од метла некој богами и каснал убав залак. Паричка во џеб.
Не е смешно, напротив трагично е. Ниедна жена не сака да е ни чистачка ни да биде со случаен маж по подруми. Единствено светла точка е што, или јас така си имам замислено, ова дело (не верувам) дека жена го има сторено, макар што не е исклучено. Во целата оваа вертикала на настани мене ми мириса на “машко”.
Од тоа што машко го извршил половиот чин, до тоа што машко (претпоставувам) го фотографирал и објавил, до тоа што машко (е за него сигурна сум) го ставил на портал за сеир.
Оттука. Машко е виновно?
Не! Виновникот е женско. Од чистачката нагоре. Сега одиме по обратен редослед.
Во најмала рака, поради женска солидарност и одбрана на честа во овој случај требало да им припадне на станарките, да се приклучат на повикот за тоа повеќе да не ѝ се случува на жената. И не само неа… Дури и во ситуација и самата посакала да го даде своето тело, условите во кои се извршил чинот се крајно недостојни за една жена. Ама па кој би ѝ дал подобри услови на една немоќна чистачка за нешто што се извршило ала минут и од “на нога”. И сигурна сум изнудено или од страв дека можеби ќе ја изгуби и таа работа што ја има.
Нејзината положба ми е јасна- таа нема каде да оди. Притисната е до ѕидот. Нека кому да пријави, да каже и да му се пожали. Кој би ја сфатил и кој би ѝ помогнал?
Единствено што ѝ останува еве вака некој случаен малку посовесен граѓанин да реагира на начин на кој му е достапен – предупредување и закана, затоа што и нему му паднала во очи нејзината здравствената состојба. Веројатно замислил како слика како е да се најде во истата и негова најблиска роднина, мајка, тетка, баба ќерка, внука, братучетка… независо.
А во иста таква ситуација може да се најде и секоја жена. Па дури и да не биде чистачка. На било кое работно место. Да биде принудена да го даде своето тело и таму каде не сака. Затоа што мора или смета дека така треба. И во недостојни услови. И да помисли дека тоа е нормално и дека самата сакала.
А давањето телото е процес кој почнува од душата. Да затрепери секој дел од неа пред некому да го даде своето тело. Тоа е свето. Пред душата да ѝ е направена сол.
Перцепцијата на мажот и жената не се исто, но во овој случај, како и во многу други вакви и слични случаи мора да се реагира. Како?
Еве за почеток би го прашала уредникот на порталот- дали на таа негова објава му реагираше или барем ми забележа некоја читателка, негова роднина, сопругата или колешка, дали го укори, му рече дека тоа не е во ред? Ако одговорот е “Не”, јас да бев на неговото место, како жена на сите нив, знаеш што ќе им направев? Метлаааааааа…
Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредничка на порталот за култура и уметност КулАрт