Ако некој некогаш ве праша “Дали разбирате џез?” слободно кажете му дека џезот не е нешто што треба да се разбере, џезот е нешто што треба да се (по)чувствува и почестете го со билет за концерт на нашиот фамозен “Национален џез оркестар”, затоа што само така ќе може да му објасните дека тоа е задоволство кое треба (читај: мора!) да се доживее.
А, овогодишното задоволство почна со прекрасна музичка лектира “Quintessence by Quincy Jones!“, која од лектира веќе стануваа и цел учебник- жив, подвижен, осознавачки и задолжителен.
Овој елегантен концерт, со кој беше најавена новава сезона, се одржа на 24 јануари 2025 година и со него му се оддаде почит на музичкиот гениј Квинси Џонс, кој почина на 3 ноември минатата година, во Бел Ер, на 91 годишна возраст.
Беше најавуван со плакатот за кој беше искористена графиката “Шарен џезер” на академскиот сликар Сергеј Андреевски (потомок на Петре М. Андреевски, н.з.), а воедно и на самата бина имаше извонредни анимации за целото концертно време.
Наречен „Quintessence…“ да преведеме поописно- е нешто што претставува најсовршен или типичен пример за квалитет или класа, или што го означува петтиот елемент, кој некои го нарекуваат етер, или петтото чувство кое некои го нарекуваат Љубов.
А кога тој елемент е во рацете на Квинси Џонс станува магија, кога е во инструментите на нашите џезери- станува совршенство, и, со тоа и насловот е сосема оправдан.
Оригинални композиции од албумот Quintessence (1962), како насловната нумера “The Quintessence”, потоа “Hard Sock Dance“, “For Lena and Lennie”, па “Soul Bossa Nova”, популарни нумери од 70. и 80. години од минатиот век, како и познатата “Billie Jean” од Мајкл Џексон (продуцирана од Квинси Џонс, кој се јавува и како продуцент на неговите најуспешни албуми: „Off the Wall“ од 1979, „Thriller“ од 1982 и „Bad“ од 1987)… беа изведени во преполната сала во Филхармонија.
Диригентската палка беше во рацете на маестро Владимир Николов, кој одлично се снајде (досега диригент на сите нивни концерти во Скопје беше маестро Џијан Емин н.з.) и кој успеа преку убаво подготвени и срочени најави да ни го долови портретот на музичкиот маг, но и најинтересните детали за песните од програмата, и, со тоа како да објасни зошто изборот паднал токму на нив.
А освен Оркестарот составен од неколкумина искусни, а повеќето од млади и надежни џезери (во кој некои од свирачите за прв пат пред јавност свиреа и на други инструменти од оние по кои ги знаевме досега), одлична изведба имаа и вокалистите Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ- Дексо и Џон Илија Апелгрен, а на крај во една песна на дамите им се придружи и Сашо Гигов- Гиш.
Ексклузива на концертот беше што повеќето од песните беа изведени во оригиналните аранжмани, нешто што бара посебен напор.
Почестената публика со врвно уживање, имаше можност да ги слушне и аранжманите кои легендата ги направил за Френк Синатра и за оркестарот на Каунт Бејси, како и биг- бенд аранжманите на композициите од подоцнежниот поп-период, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година па натаму.
Во 1960 година Квинси Џонс ја сними “Birth of a band”, песна пред чијашто изведба овој пат диригентот Николов рече дека си ја посветуваат себе си, на својот и наш Национален џез оркестар, како новороден, минатата година.
Квинси е сестран музички магнат, композитор, аранжер, откривач на таленти и централна фигура во музичкиот свет, со рекордни 80 “Греми” номинации, од кои 28 освоени, добитник на безброј признанија, композитор на филмска музика, а и продуцент и диригент на славната химна “We Are the World”, наменета за хуманитарно собирање средства за жртвите од глад во Етиопија.
Да додадеме уште и дека Квинси Џонс (1933- 2024) е легенда со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хип- хоп.
Неговата музика е совршенство и само по себе, тоа и ги инспирираше и нашите врвни џезери во голем подем да направат “чудо од концерт” и да ги расположат и претседателката Гордана Силјановска Давкова, на чие присуство на почетокот во најавниот говор за “добредојдовте!”, лично ѝ се заблагодари и директорот на Оркестарот м-р Гоце Стевковски, како и министерот за локална самоуправа Златко Перински, министерот за правда Игор Филков, бројните личности од јавниот живот во државата…и целата публика без исклучоци.
Убавина од музика која нѐ умори од убавина, но во исто време и нѐ регенерира!
На крај тие со силен аплауз беа вратени на бис, а со тоа им беше дадено до знаење дека нивната обврска да бидат маестрални е императив и понатаму, и- продолжува!
Валентина Ѓоргиевска Парго