На 25.01.2025 година во Галерија “КО-РА”- мал салон, отворена беше самостојната изложба на рачно изработен накит на Соња Драгољуб Гиздавиќ, кој преку различни изразни форми од кожа во комбинација со монистра ја посочува нејзината креативност во текот на повеќегодишна преокупација во повеќе изразни форми.
Ја паметиме и по првата стихозбирка “Љубовта во 7/3”, но и како новинарка во МРТВ, по документарните филмови, по креациите на модните ревии со истакнати личности од културниот и јавниот живот, но и по повеќе самостојни изложби кои се случуваа токму во просторот на Галерија „КО-РА“, а кои имаше чест да бидат отворени и од големите доајени на македонската култура и уметност. Првата изложба ѝ беше отворена од Ана Темкова, а третата од Блаже Конески…
Оваа самостојна изложба на Соња Д. Гиздавиќ ја отвори Виолета Калиќ која говореше за значењето на накитот во континуитетот на сите цивилузации од праисторијата до денес, вклучувајќи ги и богатите и инспиративни археолошки артефакти во Музеите на РС Македонија од богатите археолошки наоѓалишта кои пленат и инспирираат.
Накитот имал повеќекратна улога низ вековите не само естетска со својата форма, туку и со структурата на материјалите, бил трансмисија на разнородна енергија имал и култно и апотропејско значење, и бил застапен и во култните ритуали и во разнородни обредни и државни церемонии и ја одразувал моќта на различни сталежи уште од времето на Маите и Ацтеките, во Египетската цивилизација, во античката, во хеленизмот, во Римската империја , византиска, и на блискиот и на далечниот исток и бил застапен во сите епохи, од праисторијата… сѐ до денес.
А денес кога многу нешта се трансформираат неговата улога треба да се демистифицира,да се дефетишизира, да се доближи и со естетиката и си употребните материјали до секојдневните мултифункционални потреби. Овие рачно изработени експонати на Соња Гиздавиќ имаат повеќекратна примена и како накит и повеќенаменски апликации, некаде се инспирирани од македонскиот фолклор и традиција, стилизирани, некаде се геометризирани, поедноставени во стилизацијата до апстрактни форми, а некаде нѐ водат во детството во светот на фауната или пак, цветни, флорални, ја доловуваат и детското во фантазијата и имагинацијата на автораката,истакна во своето излагање Виолета Калиќ по повод оваа самостојна изложба на Соња Д. Гиздавиќ во Галерија „КО- РА“ .