Со почетокот на новата 2025 година, започнуваат и новите проекти на македонските групи и изведувачи. Па така битолската група „Код 369“ годината ја започнаа со снимање на нов видео запис во соработка со младата и талентирана Мила од Србија, а под капата на Кроација рекордс.
Се работи за темата „ Конкретно“, по текст на Мила, музиката на Даниел Митревски, аранжманот на КОД, снимател Дејан Трајчевски, шминка Ксенија.
„Соработката со Мила започна благодарение на Амир Бахтијаревиќ, кој што нѐ запозна со неа. Тоа беше човекот кој што нѐ поврза со Кроација Рекордс, заедно со нашата менаџерска екипа од БАГИ Комуникација. Едноставно ни се јави и рече дека Мила би сакала да соработува со нас, да снимиме нешто во нашето студио, и така се одлучивме да направиме нешто заедно.
Текстот е модерен женски текст, кој што решивме да го сработиме како дует, јас и Мила“, ни изјави вокалот на Код 369, Ирена Митревска.
„Во Битола многу ми се допаѓа, се чувствувам добредојдено од првиот момент кога пристигнав. Овој град многу брзо ми прирасна за срце, а за тоа се најзаслужни моите колеги Ирена и Даниел од Код 369. Нашата соработка е некако меѓунардона и преку музиката ги спојуваме нашите држави: Македонија, Србија и Хрватска“, рече Мила.
Околу текстот ни изјави: „Досега не сум се занимавала со пишување текстови. Јас се инспирирам од музиката за да напишам текст. Кога ја слушнав музиката на Даниел, тој диско фанк звук прво започнав да танцувам, а потоа ми дојде како идеја зборот Конкретно, како насловот на самата песна и од таму започна сѐ. Се надевам песната ќе им се допадне на слушателите. За мене соработката со Кроација рекордс е чест, да работам со тие луѓе, професионалци, навистина е “задоволство“.
“Код 369” минатата година имаа повеќе концерти, а интензивното освојување на музичката сцена, не само во Македонија, туку и во регионот продолжува и оваа година. Формирани се во 2020 година. Потпишаниот договор со „Кроација рекордс“ им ги отвори вратите кон целиот регион.