18.01.2025
Поемата “Син цвет” инспирирана од творештвото и напишана во чест на Живко Поповски Цветин од авторката Валентина Ѓоргиевска Парго, на 6.08.2011 година, доби издание во ракопис на уметникот.
Имено, тој поемата ја напиша на негови цртежи со мотиви на сини цветови и ја промовираше како уникатно издание, по повод 18 јануари, денот на раѓањето на Григор Прличев.
-Ова ми е една од најдрагите поеми кои ги имам добиено, покрај околу 700 посветени песни од поети од цел свет на Струшките вечери на поезијата во изминативе децении и нас сите песни лично напишани за мене од македонски поети и поетеси. Песната има една длабочина и освен што ја опишува љубовта, како универзална љубов и љубов од многу аспекти, како го црта и целото мое творештво. Дури би рекол е и пророчка, во неа е напишано дека моите раце ќе станат “трапави” со текот на годините и тоа навистина веќе почнува така да биде, се пошегува Цветин, на промоцијата која беше направена во “Пелистер”.
Не случајно беше одбран овој најпознат скопски ресторан.
-Нашиот славен уметник секоја година прави поетски читања со кои се потсетуваме на жртвите од Хирошима и Нагасаки, но воедно и укажува на мирот и опасното од нуклеарното на вооружување за човештвото. На тој 6 август ми се јави меѓу 14 -15 часот за да ме покани дента во 17 часот да прочитам и јас своја поема на неговата манифестација, за која пропуштил да ме покани навремено. Јас, со свои пријатели бев во “Пелистер” и немајќи време да се вратам дома и да напишам соодветна песна, побарав од персоналот хартиени подметнувачи за под чинии и салвети и така ја напишав оваа поема, онака како што ми доаѓаше, исто како што на Цветин некој му ги фрла цветовите од горе на прсти, како што своевремено рече големиот поет Петре М. Андреевски.
Стихови од поемата прочитаа познатите и реномирани поети и рецитатори Горан Анчевски и Анита Бошкова.
На скромната промоција присутни беа одреден број, како и гостинкста од Бугарија, Неда Сандева Тодорова од Перник.
Денот е избран затоа што на овој датум пред две години, во чест на раѓањето на Григор Прличев беше направена свечена манифестација на улица Македонија пред Спомен куќата на Мајка Тереза, на која поетот Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе.Ѓе, татко на Парго, кој ја знаеше наизуст целата поема “Сердарот”, рецитираше стихови од истата и ги одушеви присутните.
Цветин е светски познат афирматор на мирот преку секојдневни активности, подарил над 70.000 цветни цртежи, нацртал цветови во должина од 70 километри, наградуван е со бројни награди и признанија, повеќепати бил номиниран за Нобелова награда за мир, но исто како и Никола Тесла од балканските простори кој иако бил номиниран за Нобелова награда, никогаш не го добил ова големо признание, така и Цветин засега не се има закитено уште со оваа награда, останува тоа да се случи во иднина.
***
Син цвет
За љубов моја
денес подари ми едно Сонце
од Сонце, сончевина
од мед, медовина,
од оган, топлина
од семка, плодовина.
од бескрајот, ширина.
И најпосле, подари ми син цвет
со мирис на твојата крв
со вкус на блажината од твојата крв.
со боја ко очите твои.
Оди, претрчај до небото и скини го од облаците
откини го од синевината,
набери го од виножитото,
укради го од рајската градина.
И донеси ми го,
да го ставам зглавје кога спијам..
Син како небото, син како очите твои!
Ако ти се чини далеку, не оди! Ако!
Ќе ти простам,
седни до мене,
и само нацртај го со раце растреперени, а срце искрено!
Не ме прашувај како од само една боја можеш да составиш рапсодија во сино
само наостри го калемот и почни…
Нека биде,
нека биде,
нека биде цветот излеан од песната
исшаран со бојата на пролетта
разигран ко лебедите
нежен како од на гулабица,
силен како крик
топол- како сон
топол – како бајка
топол како неочекувана мелодија среде штама
топол како тазе пеќел леб од Мајка.
Кога тие мене ќе ме прогонуваат
јас ќе бегам од нив и во прегратки твои засолниште ќе барам
ќе ти тропнам на прозор
А Ти, насмевнат излези и со лесна рака отвори ми
пречекај ме со цвет, онаков каков што ти посакав- со сини ливчиња:
ќе ми ја исуши солзата,
ќе ми биде надеж,
како подотворена порта во темнина…
Ако го оставам цветот на прагот и си заминам
те молам вдоми го во твојот дом,
за да не овене,
да не ни го снема.
јанѕа да не ме јаде…
А кога ќе посакаш да ме имаш- само пријди ми со цвет
ќе ти дадам паричка, врел поглед.
Еден ден кога Твоите очи нема да гледаат, рацете нема да цртаат
ќе го замолам Севишниот тој да ми го наслика истото, наместо тебе.
„За љубов моја, Господе, Господе ти што можеш се , нацртај ми цвет во форма на неговото срце и со истите грешки како од неговите трапави прсти нацртано„.
Сето тоа ќе биде полно со хармонија на боите,
и во хармонија со срцето мое, растропано.
Пријди ми со цвет,
оди, скини го од небото
ич око да не ти трепне.
Ако ти се чини далеку,
ќе ти простам
само нацртај го со раце растресени и душа искрена.
Нека ги истерува лошите духови, нека биде среќа моја
та твоите раце се магични, само тие можат да исшараат ваква чудесна колоритна хармонија,
совршен цвет, како совршен круг.
Круг без крај. А кругот ионака нема крај.
Ако сепак тргнеш кон небото, не заборави да скинеш два сини цвета
две слуги на душава да ми бидат
еден за тебе, другиот за мене,
едниот ако изгуби боја, другиот да ја чува свежината.
Ако си заминеш пак, ќе фрлам со цветот по тебе,
за нашата разделба да има смисла.
Донеси ми цвет за прошка,
донеси ми цвет и за свадбен дар…
донеси ми цвет и во судниот час.
Сонцето ќе зајде,
огнот ќе изгасне,
цветот ќе овене,
тоа е нивната судбина…
(посветено на денешното поетско читање и апел за мир на големиот уметник Живко Поповски- Цветин-06.08.2011- 16.30 часот)
Валентина Ѓоргиевска- Парго