Јануари 2025
Како стручна и општа јавност, секогаш некако фокусот повеќе го ставаме на неважните нешта, отколку на она што е суштина и корен во дадениот сегмент за кој се отвора јавна расправа.
Така и деновиве, во рамки на она што го прави МОН, Бирото за образование ,стручната јавност, но со демократско вклучување на целата јавност, фокусот наместо на коренити промени на сето она што во последниве 34 години на независност, се создаде во најважниот дел на општеството а тоа е образованието, го става на “сертификатите за познавање на англиски јазик на директорите“
Се прашувам, зошто?
Во цело море на недоследности во наставните програми, начинот на нивно спроведување, избор на квалитетни наставници и избор на најквалитетни директори, како “диригенти“ во училиштата кои треба да се најдобри од најдобрите, за целиот образовен процес да се одвива во функција на воспитанието и образованието на најмладите, а тоа значи на иднината, фокусот се става исклучиво на овие “толку потребни сертификати“ .
Секако е предност директорот да познава англиски јазик, но не и услов за негово успешно менаџирање на училиштето.
Во својата стручна книга насловена како “ Педагошки основи на функцијата директор на училиште„ проф Ленка Гогоска, пред две децении го вршеше ова истражување, токму од потребата да се поведе сметка, на овој многу важен аспект од образовен и менаџерски аспект.
Таа уште на почетокот на книгата нагласува дека : “ Ако директорот е на врвот на пирамидата на училиштето, тој може со својата работа позитивно да влијае и лошите појави да ги трансформира во позитивни, но и да ја менаџира функцијата на наставниците, кои како воспитаници треба да бидат од полза на новите генерации на кои останува државата“.
Понатаму таа како важни карактеристики ги посочува: “Куркулумот и наставата, во кој се вклучени влијание врз развој на специфични методи, укази на постојните предмети, воведување на наставни единици;да влијае на развојот и успехот на учениците, да се грижи за континуиран развој и дообразување на вработените, да ја управува целата организација, како еден систем и да наоѓа начини да го опремува училиштето со нова опрема и наставни помагала.
Но, некако и според тековнава расправа, имаме дефокус од вистинските потреби во училиштата, како еден сеопфатен организирам, кој го раководи директорот, а се насочува фокусот кон нешто што е најмалку важно.
Фактот е овој: Имаме многу испуштени генерации со разните експерименти во образованието од 1991 година. Имаме воведување на недоволно испитани нови програми кои се покажаа нефункционални. Имаме воведување на нови предмети и системи, без позитивни повратни резултати.
И што е најстрашно, политиката влезе длабоко во образованието, од избор на наставници, промена во наставни програми па дури и историски и географски факти и недозволено мешање на политиката во избор на директори, што е погубно за функционирањето на училиштата и целиот образовен систем.
Без поставување на цврсти основи, со длабоки здрави корени, поставување на директори по процес на селекција на најдобрите, избор на најквалтетни наставници не можеме да очекуваме подобрување на образовниот систем во државава, па колку и нови Закони да се носат.
Пишува М-р Татјана Гогоска