САШО РИСТОВСКИ: Да редиме успеси сите заедно, за да одиме напред!

Актерот Сашо Ристовски е актер во НУ Театар Комедија и успешен менаџер на приватниот Театар Хит, со кој секогаш ума повод да се разговара на повеќе полиња. Тој отворено зборува во ова празнично интервју, во кое главно се осврнуваме на минатата година и што сѐ истата му донесе како радост, промена и успеси.

*Среќна Нова 2025 година. 

– Среќна и на Вас, да ни биде успешна на сите.

*Како ја оценувате 2024 година?

– Годината која замина за мене беше една година која мислам дека донесе храброст за многу мои храбри животни одлуки. Одлуки кои многу тешко можев да ги донесам, но успеав во тоа. Кога ќе направам ретроспектива мислам дека подеднакво преовладуваа и убави и помалку убави моменти. Тоа што ме радува е среќата и здравјето на моите најблиски. Сѐ друго е минливо, но среќата и доброто здравје се радост. Благодарен сум на бога што сите мои блиски се здрави, среќни и спокојни. Убаво ми е на душата исто така кога ја гледам публиката како искрено се смее и се радува, а мислам дека оваа година беше таква за публиката која беше присутна на моите претстави. За помалку убавите моменти ќе се потрудам да ги заборавам, несакам да бидам со тежина на душата во новата година.

*Кога ја спомнавте публиката, колку таа ве направи среќен во 2024 година?

– Многу. За мене публиката е светост. Публиката е секогаш во право, без неа сте едно големо ништо. Јас ја имав честа во 2024 година да се дружиме многу, насекаде низ државата и во странство и верувајте тој взаемен флуид на среќа е нешто прекрасно. Мене ме прави среќен секогаш публиката, бидејќи јас искрено и од срце играм пред неа и тука лага нема. Искреноста на сцена публиката ја чувствува и ја наградува со аплауз, а 2024 беше полна со аплаузи. Обврската кон публиката е огромна и затоа јас ветувам уште многу средби со неа во 2025 година.

*А, како ја оценувате културата во државата за 2024 година ?

– Видете тоа е индивиндуална работа. Се случија промени, кои мислам дека во театарот ќе донесат уште подобри денови. Јас можам да кажам едно, мора да се оди напред, мора да се вложува уште повеќе во културата, во инстиуциите, во независната сцена, да се даде шанса на секого… Културните работници заслужуваат уште повеќе, но верувам дека ќе има уште добри и светли денови во културата. Влогот во културата е влог во иднината за сите нас.Тоа што особено ме израдува на крајот на годината е што моите помлади колеги актери кои беа на определен работен однос, добија работен однос на неопределено. Тоа за нив, а и за нас значи многу. Им честитам од сѐ срце на сите.

*Која е за вас најдобра театарска

претстава за 2024 година?

– Во 2024 година нема многу време да гледам претстави, бидејќи бев премногу зафатен со своите театарски ангажмани во Театар Хит, но од тоа што го гледав во 2024 година, за мене најдобра претстава беше ,,Пар распар” на режисерката Нина Николиќ, а во продукција на мојот матичен и сакан театар, НУ Театар Комедија Скопје.

*Зошто ве немаше во 2024 година на сцената на вашиот матичен театар Театар Комедија и дали ќе ве има во 2025 година?

– Сето тоа зависи од годишната програма. Во 2024 година не добив ниту една понуда за улога во мојот матичен театар. Тоа не зависи од нас актерите. Ние секогаш сме желни за улога, за работа и нови премиери. Што се однесува за 2025 година искрено се надевам дека ќе играм во некој од новите проекти во Театар Комедија, бидејќи четири години пауза е голема пауза. Но, не сум само јас има и други колеги кои не играат и се надевам дека и нив ќе ги видам на сцена. Театар Комедија има одличен ансамбал и заслужуваат сите да играат.

*Иако не сте застапени на репертоарот на вашата матична куќа Театар Комедија, вие сте основач и сте на чело на нај актуелниот приватен театар во државата Театар Хит Скопје. Каква година беше за вас 2024 во Театар Хит?

– За театар Хит, 2024 година беше повеќе од успешна. Направивме пет премиери за деца и една за возрасни, имавме над 300 изведби и полни сали публика. Сметам дека овој успех на Театар Хит е заслуга на целиот тим кој неуморно и многу посветено работи. Продукцискиот дел е моја задача која и покрај актерскиот дел го работам со големо задоволство и самата статистика на премиери и изведби ми покажува дека треба сеуште да го водам и тој дел. Не е лесно, но кога имате добар тим, одлични соработници и одличен продукт тогаш имате ветар во грб за работа.

*Вие и пишувате драмски текстови за деца. Колку напишавте во 2024 година?

– Напишав пет драмски текстови за деца и сите пет имаа свои премиери токму во Театар Хит. Се радувам што тоа го правам од срце и се надевам дека еден ден ќе издадам и збирка на драмски текстови за деца. Следуваат уште многу убави текстови и во 2025 година.

*Во 2024 година очигледна беше промената на вашиот изглед. Како успеавте да направите толку голема и убава промена?

– Пред сѐ и над сѐ човек треба сака да се менува. Но, секогаш тоа да е на подобро. Во овој турбулентен свет тоа е многу тешко, но горд сум што е видливо и успешно. Ослабнав над 60 килограми, без никакви апчиња и операции како што се шпекулираше, туку со комплетна промена на исхраната, која си ја направив јас лично, како и со промена на начинот на живот. Спијам редовно, станувам рано наутро, секој слободен миг заминувам на село каде дишам чист воздух и јадам домашна храна која ја произведуваме ние како фамилија. Знам да одредам кога ми е период за работа, кога за одмор, ноќниот живот веќе е минато време и едноставно си дојде до резултатот. Во 2025 продолжувам со исто темпо.

*Дали можеби размислувате да се вратите во политика во 2025 година, бидејќи е повторно изборна година и ни следуваат локални избори?

– Не, дефинитивно не. Политиката не е за мене дефинитивно. Останувам верен на театарот и публиката. Тоа ме прави среќен и нема потреба од авантури од кои ќе ве боли глава. Нека ја работат тие кои сакаат и се успешни во тоа, а јас секој кој сметам дека е успешен ќе го поддржам без разлика на која политичка партија и да припаѓа. Да редиме сите заедно успеси за да одиме напред. Доста е од поделби, одмазда и гнев. Тие работи нѐ водат кон успех. Ако успееме да се отргнеме од ти три зла ќе успееме во сѐ.

*Кои се вашите професионални планови за 2025 година?

– Тие не ги откривам бидејќи вреди да се почека, да поминат празниците, а потоа со многу енергија до нови заеднички успеси. Резултатите ќе покажат дали планот за 2025 година ми бил добар или не. Искрено се надевам на добри денови.

*Бидејќи многу Ваши колеги ги гледаме со стенд ап комедија, дали може да очекуваме во 2025 година такво нешто од вас?

– Не. Таа форма не е за мене. Едноставно не се пронаѓам во таа форма. Имам став дека ќе работам и сработам како што треба само онаму каде се пронаоѓам, во оваа форма не сум јас свој. Така да нема потреба од такви авантури.

*Како ги поминавте празнициве?

– За овие празници решив да се одморам. Премногу работев цела година и мислам дека заслужив да земам одмор. До кога ќе трае не знам, но заминувам да одморам.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.