80 години Македонско радио- “Зборуе Радио Скопје, Зборуе Радио Скопје”

Деес, 28 декември 2024 година се одбележуваат 80 години откога во далечната 1944 година, за првпат на македонски јазик во етерот се слушнале зборовите на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески Тале: „Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија…” .

Во декември се подготвувало одржувањето на Второто заседание на АСНОМ во зградата каде што и денес се наоѓа Собранието на Република Македонија. Владо Малески на Президиумот на Собранието му предложил смела идеја- Второто заседание да се пренесува директно преку радиото. Тоа било голем предизвик, но и грижа како салата од каде што требало да се врши преносот да се поврзе со кабли до самиот предавател. Недостасувале стотици метри кабли што тогаш не можеле да се најдат во Македонија. Наскоро решението било најдено- радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом, на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши преносот од заседанието. По неколкудневна работа, сè било подготвено од технички аспект.

Покрај радиостаницата, за цело време на преносот главен оператор бил Александар Грков, еден од пионерите на македонските радиотехничари.

Инаку, македонскиот збор во етерот за првпат е емитуван преку програмата на радиостаницата „Слободна Југославија” во далечниот Советски Сојуз, од страна на истакнатиот артист на Скопскиот театар Илија Џувалековски, кој е и прв спикер на македонски јазик преку оваа радиостаница.

Следните триесетина денови од овој историски датум, 28 декември 1944 година, биле најтешки за малубројната екипа радиотехничари кои имале за задача да оспособат предавател и студиска техника за емитување на редовна програма на македонски јазик од сопствено студио во Скопје.

Со помош на сонародниците од странство, со набавен и со приспособен трофеен материјал, со многу труд и умеење, првиот професионален предавател од 200 W бил поставен на тогашниот скопски аеродром, поради зачуваниот антенски систем. Редовната работа со секојдневна сопствена програма на македонски јазик од студиото во градот, Радио Скопје ја започнува на 21 (некаде стои 28) јануари 1945 година.

Тежок проблем бил и фондот на музиката бидејќи најголемиот дел од плочите биле уништени. Токму поради тоа, освен говорните текстови што биле читани во живо и музичките изведувачи, заедно со ансамблите кои доаѓале во терминот на емитување, свиреле во живо.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.