(… нечујниот рокер со вечен белег!)
28.12.2024
Крајот на годината за секој новинар е момент кога прави ретроспекција и сублимат на сѐ она што се случило во истата. Јас, долги години наназад веќе не правам и не морам, и тоа ми носело едно големо олеснување од завршната обврска пред јавноста. Затоа што, по сила на нештата и на професијата- тоа што новинарот ќе заклучи на крај на годината, е удирање на печатот и потписот на официјалниот документ и потоа тој оди во архива.
Оваа година за прв пат по речиси повеќе од две децении размислував да напишам колумна и во неа недвосмислено да ја нагласам најголемата (при)добивка за мене како новинар годинава, и воопшто, и воедно, кога веќе почнаа малку по малку убаво да легнуваат нештата по бурата од изминативе години, да ѝ посочам на публиката што е она што јас сметам дека како комплетна појава и процес е највредно од сѐ што ѝ се има случено на нашата музичка сцена.
Не пишувам- па ќе пишувам, на крај повторно ја одложив колумната од две причини.
1. Прво, тоа што излетав од правилото и за прв пат неодамна јавно си кажав во официјален новинарски текст (неколку но низа) со мој потпис, која е мојата најомилена рок група и нивна музика и зошто, што не е препорачливо за новинар кој уште е активен и е своевиден “луксуз” кој не смее баш и да си го дозволи и претставува флагрантно кршење на кодексот на неутралност во пишувањето, макар и во персонална колумна. Не заради тоа што некој од таа сфера би ми се налутил (а и би бил во одредено право, што мене сепак не би ме засегнало, тоа си е мој личен став и согледување!), но над тоа и пред сѐ значи видливо потценување на публиката и сега јас мојот вкус го ставам над другите и тоа ми успева затоа што имам медиум в раце, а за вкусовите не се расправа и сечиј вкус е подеднакво важен колку мојот, како што подеднакво е важен секој човек како публика, било да е слушател, било да е читател. Без оглед што со мојот вкус покажував и една објективна и аргументирана вистина.
2. Бидејќи веќе јавно е кажано, станува збор за гевгелиската рок група Зијан”(која има еден албум како своја вечна легитимација “Низводно” објавен од Музичка и касетна продукција на МРТВ 1991, фундамент на македонската современа рок сцена), нова колумна решив да не напишам само од почит кон нивниот принцип на работа и достоинството со кое тие самите од (лудоста на) медиумите го одбранија значењето на својата група сиве овие децении, нешто што не успеа да направи никој друг. Никаде ги немаше во медиуми, како да испариле…
Доколку сакаа медиумска фама и помпа денес барем е лесно. Само треба да му се јавиш на било кој новинар, уште подобро на самонаречен новинар, а најдобро на квази новинар, инфлуенсер, подкастер или нешто такво “набрзинка” или сам да си отвориш ФБ профил и да си се фалиш, браниш, дискутираш, коментираш, себепромовираш…
Но “Зијан” не направија ништо од тоа. Тој момент го испочитував и ја зауздав мојата раскокана желба за повторно изнесување во јавност билансот на мојата работа од оваа година, година во кој мене ми се оствари најголемата концертна желба која стрпливо ја чекав три децении, нивниот концерт во МКЦ на 7 ноември 2024, а на глобално за жал остана само она што никогаш нема да се оствари- рок тигрицата Тина Тарнер. Но, во ред, “Зијан” ми го надоместија тоа на некој, свој и на мој начин.
Е сега. Можеби е, а можеби и не е вистински момент да признам неколку нешта. Рок музичарите на Македонија се посебен вид луѓе за обожавање. Нема подобри никаде. Ако некој најмногу го одбрани својот личен, национален и музички идентитет, тоа се тие. А никој тоа и не го забележал и продискутирал. Добрите македонски рокери имаат еден многу несрушлив закон (не баш лесно видлив) што се толку свои па- или ќе ги прифатиш такви какви што се (по) сите нивни правила (читај: творештво) или- нема да се сменат. Трето нема. Не се продаваат и не се шиткаат, зборувам за најврвните и затоа не трчаат сега во студио да снимаат нешто ново по секоја цена. Го почитуваат тоа од нивно време кое си го сторило своето и сега нека служи за евергрини. Комерцијала- не ги интересира.
Затоа што- рокенролот е и начин на живот, и култура!
Македонските рокери, оние кои твореле во 70 и 80-тите и некои и во 90-тите, се оригинални. Тие ја создале најубавата рок музика на мајчин јазик, дури и кога ја дрмале ју сцената на српски, како едни “Леб и сол” “Конкорд”, секогаш внеле нешто од македонскиот специфичен мелос. Да не повторуваме дека “Леб и сол” дури и ју- пробивот и влезот во доцните седимдесетти го направиле со таа етно “…кучка Лилјана” и “Абер дојде Донке”. Да не се осврнувам ни на тоа дека многубројни македонски генијални групи не ни прифаќале да снимат на друг јазик, вклучително и на сите нам драгиот и близок српски, само затоа што не сакале да бидат уценети на таков начин, па тркнале до Белград и се вратиле дома без свој остварен сон.
За разлика од многу од нив, или подобро речено на сите нив, на “Зијан” пак српските продуценти им го скршиле сонот, не им дале да посонуваат ни делче од тоа, кога виделе кои се и што можат и дека ако ги пушат да поминат, лесно тоа ќе стане булдожер со несопирлива сила. Снимиле што снимиле, им преслушале и не им се јавиле повратно.
Но и тој сон не е спречен. Со неостварувањето на тој голем сон (кој којзнае како ќе завршел по разбудувањето), оствариле уште поголем. Останале свои и непобедливи на свој терен и во една своја рамка.
Се сеќавам дека до пред осум години (ах колку брзо лета времето) имав голема професионална привилегија да бидам блиска пријателка со “чудниот” рокер Канго, од кого најмногу сфатив како е подесен, како размислува и делува еден вистински здрав рокерски ентитет, и додека сите си мислеа тоа е човекот што стопира и си се шетка натаму наваму за џабе, тој водеше силна битка на најдостоинствен рокерски начин. За жал ретко кој, а можеби и никој не го забележа тоа…
Иако сосема различни во начинот на одбраната јас детектирав дека Тој и “Зијан” се оние кои го бранат тоа “нешто”.
Во една друга подлабока паралела кај “Зијан” одбрана е всушност секоја секоја песна. Секој акорд, секој стих.
Сосема различни во својот пристап кон авторството и презентацијата, затоа што кај Канго преовладуваше оној нескротлив вечномладешки жар и импулс и темперамент, и секогаш беше како силен вруток кој наеднаш бликнал и пак ќе бликне неочекувано.
Кај “Зијан” преовладуваше поинаков вид на генијалност, смиреност, сигурност, сериозност и стаменост каква што ретко се забележува и сѐ беше мирна сигурна река која полека веќе си има заземено свој тек низ ширно поле и се движи кон целта.
Во сиот нивни репертоар владее максимална осмисленост, спонтана а не усилена со цел колку да ѝ се допадне на публиката за таа да се збере во што поголем број. Не и не!
“Композитор” на нивниот рок е генот. ДНК-та. Мислата. А има нешто што е извлечено директно од крвта. Влечеле од срцевината. Тоа е група која никогаш не ја пресече папочната врска со нивната Мајка/ Мајковина. Така генијално.
Во нивната музика се вкрстува македонскиот менталитет, чистата македонската традиција и исправната македонска гордост и непокор, мудрост и интелегенција. Целата таа домашна специфика на најинтелегентен начин на купче, сместена во рок музика.
Со сила убавина не бидува, ама кога нешто навистина е преубаво кога тогаш ќе те занесе со својата убавина.
Нивната изведба е скапа. Во неа чувствуваш дека сите фактори се вложени од сите страни…
А во еден од спотовите (на мојата нивна омилена “Обична песна” сниман во МТВ ) тие се облечени како благородници. И таа асоцијација треба да проговори за нив преку тој имиџ…
Можеби сево ова не го (до)напишав во неодамнешните колумни во кои дадов доволно податоци што го откриваат мојот став за таа група и од денешен аспект ми е драго што бев барем и толку искрена во откривањето на мојата приврзаност кон нивната музика и порака, само затоа што тоа го прочита и Некој кому му било наменето тоа објаснување, а повеќе го нема. Навреме беше кажано.
Тие рокери од тоа време кај нас сѐ уште ги прават најголемите и најубави работи, пак ќе речам доста невидливо. А знаете зошто? Затоа што најубавото е што во сиот тој ривалитет (како природна карактеристика) рокерите сѐ уште се почитуваат себе си и еден со друг затоа што многу ја почитуваат и сакаат рок музиката. Тоа ги спојува. Со нив секогаш си начисто, кај нив нема фолиранции.
Сметам дека “Зијан” доминираат во целата таа чесна игра со својата многу чесна приказна. И се непобедиви. Затоа и оваа колумна, еве “не сакајќи” јас, сама си се напиша. Овој пат можеби од “раката” на еден од членовите на групата, легендарниот Ристо Ице Ќорнаков кој за жал заминал вчера ненадејно. “Ненајавено”. Впрочем како и секоја вистинска легенда. Не знаеш ни од каде ќе никне и ќе се појави ни кога ќе замине. Ни кога ќе влезе во легендите.
Јас знам дека музиката и постоењето на “Зијан” допрва ќе е предмет на дискусија и тоа една голема и обемна дискусија која ќе трае можеби со векови. Кога бучните во медиумите ќе стивнат и кога ќе се направи убава “ревизија” кој е кој, што е што и колку вреди. Како општество засега не постигнавме целосно вреднување на овој блескав бенд, а толку достоинствен. Но, колку и да е пропустот голем, јасно ми е и дека таква врпочем и е судбината на сите вистински легенди. Отпосле сфаќаме што сме имале, нивната вистинска вредност отпосле доаѓа. Кога ќе го помине тестот и филтерот “време”.
Голема е загубата за македонската сцена.
Голема е добивката што беше дел од најдоброто.
И знам дека времето е само мерка- покусо-подолго, ама сепак е ограничено. Ако не денес, утре, ако не утре некој друг ден некогаш, сите си одиме. Ама музиката што ја оставаш по себе е вечна.
“Зијан” веќе никогаш нема да биде истиот “Зијан”. Со заминувањето на едниот член и самата визија за оригинална групата се сели во некој свет на безвременското.
Замина уште еден бесмртен, кој го дал совршеното од себе како учество во македонската музика. Ни останува да го испратиме со последниот громогласен аплауз овој наш тивок рок великан, во име на сето што го наведов во овој текст, и што овој музичар генерално беше дел од нешто што целокупно се нарекува “Зијан” или со опис кажано- no record of wrongs…
Валентина Ѓоргиевска Парго, независен новинар, уредничка во порталот за култура и уметност КулАрт и обожавателка на “Зијан”