Промоција на книгата „Феминистичка теорија на насилството“ на Франсоаз Вержес во КСП Центар Јадро

 

Вечерва (26 декември 2024) ве во Културно социјалниот простор Центар Јадро каде во 19.30 часот ќе се случува промоцијата на книгата „Феминистичка теорија на насилството“ на француската политикологина и историчарка Франсоаз Вержес, првото издание на Тиииит! Инк. во новата едиција за феминистичката литература и теорија на македонски јазик именувана Vagina Dentata, чија уредничка е Јана Коцевска.

„Феминистичка теорија на насилството: За антирасистичка политика на заштита“ е куса книга во превод на Дарко Леитнер-Стојанов на македонски јазик, а во уредништво на Вики Младенова. Книгата ја разгледува моменталната состојба на насилството во општеството од феминистичка перспектива, фокусирајќи се на насилството врз жените, но во исто време не ограничувајќи се на тоа.

Насилството во книгата се разгледува во поширока смисла не само што вклучува физичко насилство како што вообичаено се разбира (силување, масакри, геноцид и така натаму) и исто така извршено, на пример во војни, туку и дискриминација, тешкотии и ранливости, чиј товар го сносат (неправедно) само одредени сегменти (жени, расизирани луѓе, оние наречени „опасни“ класи итн.), деградација на екосистеми и немилосрдно заграбување на ресурсите. Книгата тврди дека не можеме да одговориме и да се осврнеме на насилството врз жените без да го земеме предвид насилството како целина – глобалната состојба на насилство што опстојува денес.

Франсоаз Вержес, родена во Париз и порасната на Реунион (остров во Индискиот Океан и една од француските прекуокеански територии), е политикологина, теоретичарка, антирасистка и застапничка на антикапиталистичката и деколонијална феминистичка теориска струја. Фокусот на нејзиниот истражувачки интерес, меѓу другото, е насочен кон колонијалното ропство, феномените на креолизација, постколонијална критика и особено продлабочен кон деколонијалниот феминизам.

Форматот на вечерашната промоција ќе ни овозможи да поразговараме со преведувачот Дарко Леитнер Стојанов, уредничката Вики Младенова, уредничката на едицијата Јана Коцевска и Александра Перишиќ, професорка на FMK – Факултет за медиуми и култура во Белград. Програмата се реализира во склоп на Малиот новогодишниот Темплум саем на книга.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.