На 23 декември, 1906 година во борба на врвот Петлец кај Русиново, загинал Даме Груев.
Роден на 19 јануари, во 1871 година, како Дамјан Јованов Груев, попознат како Даме Груев, тој бил македонски револуционер, основач и еден од најистакнатите членови на Македонската револуционерна организација.
Роден е во Смилево, во семејството на Јован и Тула.
Се школувал во родното Смилево, Ресен и Битола, Солун и Белград и во Софија, каде што студирал историја на Високата школа. Во Солунската егзархиска гимназија Св. Кирил и Методиј (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците во борба против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување во настава на македонски народен говор, а во Гимназијата во Белград во бунтот против српската пропаганда.
На Универзитетот во Софија го формирал Македонското студентско друштво, кое имало за цел ослободување на Македонија од османлиската власт. Меѓутоа поради убиството на бугарскиот министер за финанси, Белчев, Македонското студентско друштво се самораспуштило, а Даме заминал за Македонија.
Во текот на образовната одисеја на потегот Солун- Белград- Софија, Даме и неговите сопатници созреале и разбрале дека ослободувањето на Македонија лежи во самите Македонци.
По враќањето во Македонија, дава иницијатива за формирање Учителски сојуз со чисти револуционерни идеи, но ваквата иницијатива не заживеала. Набргу потоа се нашол како егзархиски учител во родното Смилево, а во учебната 1892/93 година бил назначен за учител во Прилеп. Во овој град, поради конзервативната чорбаџиска средина, немало услови за револуционерно делување и незадоволен од таквата средина, Даме решил да замине во Солун.
Во културниот, економскиот и политичкиот центар на Македонија, Даме се вработил во печатницата на Коне Самарџиев, македонски чорбаџија и издавач.
Претседавал на Рилскиот конгрес во 1905 и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите, меѓутоа единството постигнато на Конгресот траело кратко. Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија.
На 23 декември, 1906 година во борба на врвот Петлец кај Русиново. Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во Смилево.
Даме Груев е еден од основачите на македонската револуционерна организација. Пред Илинденското востание ќе ја каже неговата најпозната и најцитирана изрека: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“
Слава му!
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.