“Голем мераклија” се прослави со кумановскиот мерак- а мерак “нема цену”!

Кумановскиот “мераклија” доживеа многу изведби. Имено, песната “Голем мераклија” испеана од големата ѕвезда на српската фолк естрада Беки Бекиќ, напишана на хартија од шеќер од најплодниот текстописец на “Тумба Фест”, кумановецот Боби Петковски, за која музиката и аранжманот ги потпишува хитмејкерот маестро Сашо Митковски, е обнародена шегобијна песна која доживеа повеќе верзии досега.

Испеана е на “Тумба фест” во Куманово далечната 2000 година, се разбира на автентичен кумановски дијалект.

Песната и ден денес живее и по повеќе од две децении, и не може да се замисли свадбена или друг вид на веселба, а да не биде изведувана и по неколку пати.

-“Мерак, ех пусти мерак за добру капку од рано насабајле па до… ситни сати, мерак да се милуев други жене, све што се посакало све да се има. Е тој е останало како аманет од Батка Ѓорѓију”, вака ја објаснува нејзината популарност актуелниот директор на “Тумба фест”, господинот Драган Јаким, кога го прашавме што е тоа што песната ја прави голем евергрин.

Драган и Беки

-Многумина ја доживуваат како народна песна од Кумановскиот крај, а има ли нешто поубаво кога авторите ќе доживеат нивното дело да се обнароди, ни раскажува овие денови, кога уште посилно одекнува на кумановските предновогодишно журки.

Песната освен што е мегахит, и мегапопуларна, доживеа и поголем број на преработки, помеѓу останатите од Оливер Алексовски, Злате Антевски, Круме Спасовски, Милан Динчиќ- Динча, а во поново време доживеа и видео запис од групата “Савршен дан”.

 

“Голем мераклија”

 

Голем мераклија одувек си бија

Жене си мамија и вино си пија.

 

Од весеље или жалост

важно пие свак.

А ја пију отсабајле

такој ме мерак.

 

Цел живот лумпују,

за друго не знам

За жене и вино мераклија сам.

Затој немам куќу,

спију на сокак.

Још ме не напушта

т’ј пусти мерак.

 

Од роѓење мене ми е

хороскопски знак.

Да милују туѓе жене

такој ме мерак.

 

Ја не живу како други

не сам ја за брак

Поважан ми е мерак

Него куќни праг.

 

****

Авторот Сашо Митковски ни раскажува од свој агол, како се случила оваа песна.

– Во 1997 година Благица Павловска подготвуваше цел албум и ми побара неколку песни, а, бидејќи за да ѝ се допаднат неколку јас морав да ѝ направам повеќе, за да може да си одбере, тогаш ѝ ја направив и “Добро утро Македонијо”. Кога седнавме да преслушаме, како што ѝ ги пуштав песните, си ги зема тие што ѝ се допаднаа, така што мелодијата за “Голем мераклија” не ни дојде на ред да ја слушне. И така останаа неколку мои авторски песни, а “Голем мераклија” си стоеше во фиока само како музика, немав текст за неа. Во 2000 година требаше да учествувам со една песна на “Тумба фест” и по тој повод со пејачот Влатко Алексовски отидов во студио кај Горан Михајловски, тогаш неговиот татко беше организатор на фестивалот. Завршивме со моето снимање, Горан ме замоли да му отсвирам хармоники уште на уште неколку песни и ми побараа дали имам уште некоја песна да понудам за фестивалот. Јас во моментот имав повеќе, а нивниот план беше таа година да има учесници и од други држави, Романија, Бугарија, Србија итн. Организаторите имаа желба на тој фестивал од Србија да настапат Беки Бекиќ и тогаш актуелната Марина Живковиќ. Преслушавме што имам од моите демоснимки, и заедно со Горан одбравме две мои песни за нив двајца. Остана уште да се направи добар текст, а најбитно Боби направи прекрасен текст. Кога ги направивме комплет двете песни, со Горан Михајловски отидовме во Белград кај Беки и Марина. Беки на прво слушање веднаш прифати да учествува и се договоривме, а Марина одби да учествува не од што не ѝ се допаѓа песната која ја понудивме, исто моја музика и текст на Боби, од некои други причини, тогаш беше многу актуелна и презафатена. Се договоривме со Беки кога да дојде, во меѓувреме го направив аранжманот, Горан повика инструменталисти и женски вокали, дојде Беки, ја отпеа и оттогаш “Тумба фест 2000” прво стана локален хит, ама после многу година стана и хит во поширокиот регион. Откако и други познати пејачи направија кавери, Круме, Злате и некои колеги од Србија, песната се слуша и по социјалните мрежи и уште долго време да биде слушана и изведувана од многу изведувачи, во еден здив ни раскажува авторот Митковски.

Текстописецот Боби, пак, во сето ова можеби ја има и најинтересната приказна.

-Завршува работен ден во Радио Куманово, си доаѓам дома, бев женет, и велам :”Жено, ќе пиемо ли кафе?”. “Куде ќе пиемо кд нема шеќер?!”. Скок до продавницата, тогаш на мерење, во хартиена ќеса, доаѓам дома, пресипувам, ќесата и ноншалантно ја фрлам во кантата за ѓубре…Ѕвони фиксниот телефон и Ванчо Михајловски, уредникот од радио, кои имаше студио каде се снимаа песни, ми вели: “Аман, заман, ти татко- ти мајка, спасуј!”. Ми ја пушта демо снимката ја слушам и велам “Бате Ване, не се секирај за пола саат ќе биде!”. Како за беља немав ќорав лист хартија за пишување, си одам си ја земам хартијата од шеќерот од канта каде што пред тоа ја фрлив, ја распарав, го пишувам текстот го носам во студиото. Господинот Беки Бекиќ кој ионака секогаш е дежурна насмевка на естрадата, со толкава професионалноста само симпатично се насмеа, ја зема хартијата со текстот, ја отпеа од прва и другото е историја. Се случи. Ама кога сака да биде…”

Песната која е отпеана на “Тумба фест 2000” е толку обнародена што ретко кој знае дека е авторска.

Според оваа песна Боби Бобан Петковски ја наслови и книгата песнарка која имаше промоција во Занаетчискиот дом во Куманово, на 29 август 2024 година, непосредно пред почнувањето на овогодишното издание на славниот кумановски фестивал на шегата.

А во Куманово кога меракот е голем велат “Мерак нема цену”…односно, не се зема во обѕир колку треба да се плати (се разбира, најмалку и не секогаш со пари) кога нешто силно се сака.

Ова се верзиите на песната.

 

Беки Бекиќ

 

Оливер Алексовски

 

Злате Антевски

 

Круме Спасовски

 

Милан Динќиќ

Група “Савршен дан”

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.