Сто години од раѓањето на академикот Крум Томовски

На 21 декември 2024 година се навршија 100 години од раѓањето на академик Крум Томовски (21.12.1924 Скопје – 7 јули 2010 Скопје), редовен професор на архитектонскиот факултет во пензија .

Роден на 21 декември 1924 година во Скопје, каде завршил основно и гимназија. Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград во 1952 година по што веднаш бил избран за асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Доцент станува во 1958 година, вонреден професор во 1965, а редовен професор е од 1971 година. Предавал развој на архитектурата, Архитектура и уметност на седен и нов век, Народна архитектура, како и Методи и заштита на градителското наследство. Бил декан на Архитектонскиот факултет 1977- 1978 година.

Томовски е еден од првата повоена генерација дипломирани македонски архитекти кој работи не само на создавање на нови кадри, туку и на дефинирање на основните вредности на македонската архитектонска историографија. Ја проучувал и архитектурата на другите балкански народи, задржувајќи се на делата на нашите мајстори- градители и нивниот придонес во развојот на архитектурата во 18 и 19 век.

Автор на околу 250 трудови објавени во земјава и странство. Меѓу нив се монографиите “Мајстор Андреја Дамјанов“ (во која прв го истражил делото на овој голем творец), “Кратово: стара архитектонско- урбанистичка структура“, “Архитектурата и монументалната уметност во Скопје меѓу двете светски војни“, “Македонските мајстори-градители од 19 век и др.

Бил уредник на Зборникот на Архитектонско-градежниот факултет, член на редакциите на Заводот за студии и проектирање, на “Културно наследство“, како и на “Зборник заштите споменика културе- Београд”. Го водел проектот на УНЕСКО “Дрвото во архитектурата и скулптурата кај словенските народи“.

Основач и прв директор на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје (1963-1965). Бил проректор на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“; претседател на Собранието на Републичката заедница за култура, како претседател на Архитектонската академија на Македонија.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран 1974, додека за редовен член 1979 година. Научен секретар на МАНУ бил од 1984 до 1992 и од 2005 до 2007 година.

За својата работа одликуван е со ордените: за труд со златен венец, заслуги за народ со сребрени зраци, Орден на Републиката со сребрен венец и орденот на МПЦ “Свети Климент“. Добитник е на наградите “11 Октомври“, “Климент Охридски“, “13 Ноември“, “Андреја Дамјанов“ и др.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.