На денешен ден Јанко Узунов ги правеше своите незаборавни хуманитарни концерти

Традиционален хуманитарен концерт со учениците од своето Музичкото училиште “Узун” секогаш на 19 декември, на ден Свети Никола, правеше големиот музички маестро и музички педагог, Јанко Узунов.

Овој традиционален бесплатен концерт го организираше Музичкото училиште “Узун” во соработка со Црвен крст на град Скопје и, освен музичка, носеше и хумана порака, а средствата беа донирани за хуманитарни цели.

Во програмата освен младите гитаристи од неговото музичко училиште “Узун”, учество земаа и негови музички гости и соработници.

За потсетување, Јанко Узунов (1951- 2014) роден е во Валандово, дипломирал земјоделски факултет во Скопје, каде и магистрирал.

Своите успеси ги постигна и на народната и во забавната музика, создавајќи певливи рефрени и незаборавни евергрини. На некогашно југословенско ниво се прослави со дуетската мелодија “Момчето со мандолина” со Цветанка Ласкова, со која на фестивалот во Опатија освоиле прво место во првата фестивалска вечер, а во финалето за малку поени разлика со победникот, не заминале да ја претставува Југославија на Евровизија.

Во екот на својата слава, во седумдесеттите, осумдесеттите и деведесетти години, полнел концертни сали во земјава и на турнеи меѓу нашите во Австралија, Америка, Канада и Европа.

Интернационалната кариера му цутела во седумдесетите години, кога имал комерцијални концерти низ Бугарија со оркестарот на РТВ Софија со познатиот Вили Казасијан, на ”Златен орфеј” ја делел сцената со големата италијанска ѕвезда, пејачот Ал Бано, пред Тито прв ја испеал песната за “Делчев војвода”…

Остави големи хитови и победа на Фолк фест Валандово, Гоце фест, Илиџа во Сараево.

Автор е и на првата хумористична песна испеана на Фолк фест Валандово “Чаки Панкерот”.

Освојувал награди, настапувал на бројни фестивали и оставил силен печат, а сега неговото име го носи и салата во домот на културата “25 мај” во Валандово каде се одржува познатиот фолк фестивал, на кој некогаш маестро Узунов бил еден од иницијаторите за формирање на фестивалот и еден од редовните учесници и автори.

Настапувал  и на најквалитетните изданија на “Скопскиот фестивал”.

 

Создаваше и песни за деца. Негова е и првата песна која Тоше Проески ја испеа на училишна приредба “Наставничке пријателке”.

Создаваше и инструментални и класични дела.

Но, она што му даде посебен белег на неговото дело, во последните децении од животот, беше посветената педагошка работа со младите музички таленти во училиштето ”Узун”, кои по заминување на легендата извесно време заедно со семејството на Узунов ја продолжија традицијата на организирање на концерти.

Преку 500 песни кои ги потпишува, а дел и од други автори испеани од него, се сместени на носачи на звук, како и на неговите десет компилации.

Неговите песни “Момчето со мандолина”, ”Дојди ми љубов моја”, “Ти проштевам се”, “Очите ми плачат за сакање”, “Чаки Панкерот”, “Помина време, помина” , “Македонче соколе”, “Заплачи моја Македонијо”, “Те сакам песно македонска” , “Валандово убавино”, “Јас те љубам довека”, детската “Наставничке пријателке ” која е и првата песничка што Тоше Проески ја испеал на училишна приредба, се веќе дел од македонската антологија.

Освен музиката, остана  запаметен и по љубовта и вниманието кое ѝ го посветуваше на својата сакана сопруга Жаклина Коловска Узунова.

 

Неговиот син Кирил има испеано неколку песни, а заедно со Јанко и Жаклина и големиот патриотски хит “Македонче соколе”, а неговата внука Јанка уште од малечка покажува талент и желба за пеење.

 

Оваа година, десет години по неговото заминување во вечноста, на 15 февруари, на  денот на неговиот роденден беше промовирана книгата “Јанко Узунов: …Тој сиот беше музика”.

Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.