Со највисока оценка, денеска, 18.12.2024 година, на Музичка академија во Штип дипломираше младиот хармоникаш Илче Костадинов.
Жири комисијата на чело со претседателот, редовен професор м-р Марјан Јанкоски, и членовите д-р Илчо Јованов и професор д-р Горанчо Ангелов, неговата изведба на познати ора (од маестрата Илчо Јованов, Кочо Петровски, Горан Алачки и други автори), придружен и од колеги хармоникаши, ја оценија со највисока оценка- чиста десетка.
Бројни колеги музичари и секако најблиските, беа присутни на одбраната на неговата дипломска работа, а една од најсреќните беше неговата баба Донка со која често пеат и дедо му Илија, чие име го носи.
Илче Костадинов е роден во 1999 година во Штип, а неговото постојано живеалиште е во Радовиш. Од најмала возраст покажува интерес и талент за музика, кој го наследува од својата баба Донка, позната по изведбите на традиционалните народни песни. Првиот контакт со хармониката го остварува во основното музичко училиште “Никола Карев” во Радовиш, под менторство на професор Јован Трајанов.
Во рамките на училиштето го изучува свирењето на хармоника и добива бројни награди и признанија, истовремено започнувајќи да настапува со фолклорниот ансамбл “Бучин” од Радовиш.
Во 2014 година Костадинов продолжува со своето образование во средното музичко училиште во Штип на инструменталниот отсек инструмент класичма хармоника, под менторство на професор м-р Петре Јованов.
За време на средното образование го усовршува своето музичко изразување и освојува значајни награди и признанија како во земјата така и на меѓународно ниво.
Учествува на престижни фестивали и натпревари, меѓу кои особено се издвојуваат освоеното второ место на натпреварот во Тревизо- Италија, трето место на натпреварот во Крагуевац- Србија, како и бројни први места на државни и меѓународни натпревари во Македонија.
Костадинов е исто така активен член на повеќе културни уметнички друштва, вклучувајќи ги “Бучин”, “Мегдан” и “Бојмија”, со кои настапувал на концерти во Италија, Унгарија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Турција.
Неговите активности придонесуваат кон промовирање на македонската музичка традиција и културен идентитет.
Во 2018 година се запишува на факултетот за музичка уметност во Скопје, на инструментален отсети по класична хармонија под менторство на професор на Златко Мадевски. Во 2022 година се префрлува на Музичка академија во Штип на одделот музичка теорија и педагогија, модул- етно хармоника, под менторство на професор д-р Илчо Јованов.
Во рамките на оваа програма Костадинов се посветува на изучување на македонските ора и песни, при што активно учествува на концерти посветени на етно хармониката, демонстрирајќи ја својата сценска и уметничка изведба под водство на својот ментор.
Валентина Ѓоргиевска Парго