Се формира и потпишува меморандум за соработка на Граѓанската коалиција за борба против злоупотреба на урбано зеленило, што ќе се одржи на 17.12.2024 (вторник), во Кино Кисела Вода (ул. „Христо Татарчев“ бр. 44).
Претставници на граѓански организации, институции, експерти и граѓани ќе се здружат за да може поефикасно да се води борбата против корупцијата во урбанистичкото планирање и градење, поради која неповратно се уништува урбаното зеленило, за сметка на интензивна и нехумана урбанизација и бетонизација на просторот.
„Зелен институт“, во партнерство со „Изгрејсонце“, спроведува проект „Граѓаните против корупцијата во животната средина“, во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата (ГПК)“ – „Грантови и градење на капацитети“. Финансирањето е обезбедено од МЦМС, со средства од американскиот народ преку УСАИД.
Модераторка на форумот: Снежана Лупевска.
Панелисти: градоначалник на Општина Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски, претставник од Министерството за животна средина и просторно планирање, проектен менаџер- арх. Ана Петровска, претставник на Асоцијацијата на архитекти на Македонија- арх. Иван Арсовски и граѓанскиот активист и независен советник од Општина Центар – Јане Димески.
***
Денес се формираше тематска граѓанска коалиција за борба против злоупотреба на урбано зеленило со потпишување на меморандум за соработка помеѓу Здружението „Зелен институт“ и бројни граѓански организации, претставници на институции (вклучувајќи го и Градоначалникот на Општина Кисела Вода), активисти и други заинтересирани граѓани. Оваа коалиција ќе се мобилизира за заедничка борба против корупцијата во урбанистичкото планирање и градење, поради која неповратно се уништува урбаното зеленило, за сметка на интензивна и нехумана урбанизација и бетонизација на просторот.
По формирањето на тематската коалиција, се одржа широк граѓански форум на тема “„Злоупотреба на урбаното зеленило за згради“, со панелистите – Иван Арсовски, планер, Орце Ѓорѓиевски, Градоначалник на Општина Кисела Вода, Јане Димески, активист и независен советник во Општина Центар и Ана Петровска, архитект и раководител на проект „Граѓаните против корупцијата во животната средина“ и модераторката Снежана Лупевска Созен од ТВ Телма како медиумски партнер. Со дебатата се отворија прашања за корупцијата што придонесува за загуба на зеленило и брутална бетонизација на простори во сите делови на Скопје при изработка на урбанистички планови. Се дискутираше за новите технологии за попишување на зеленилото и нивното користење во планирањето заради негова заштита, но и за клучната улога на политичарите во спроведување на законите и вклучување на граѓаните, каков што беше случајот со отворање на меѓународен конкурс за уредување на Расадникот во Кисела Вода и откажувањето на изградбата на 99 нови станбени згради во зелена површина со огромно значење за градот. Се утврди неопходноста од усогласување на законите за урбано зеленило и урбанистичко планирање, за да се намалат можностите за корупција што досега до сите нивоа и ги опфаќа и функционерите и стручните служби, но и урбанистите што ги злоупотребуваат своите лиценци. Имено, измените на Законот за урбано зеленило и соодветните правилници се веќе подготвени и мора да станат дел од агендите на Владата и Собранието. Со овие измени секој граѓанин ќе ужива во достапно зеленило по глава на жител во своето соседство и во градежната парцела, а глобите за непочитување на законот ќе бидат тројно зголемени. Се отвори конкретен неодамнешен случај во Општина Карпош што треба да се истражи, за што проектот ќе обезбеди поддршка. Граѓаните наскоро ќе може да пријавуваат случаи на корупција, што ќе се обработуваат од стручен тим и ќе се доставуваат претставки.
Активностите се во рамките на проект „ГРАЃАНИТЕ ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА“, во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата (ГПК)“ – „Грантови и градење на капацитети“, што „Зелен институт“, во партнерство со „Изгрејсонце“ го спроведува со финансирањето од МЦМС, со средства од американскиот народ преку УСАИД.