Изложба на Јулијана Гешоска во МКЦ на 17 декември

Во вторник, на 17 декември 2024 година ќе се одржи отворање на изложбата „Уметничко (По)стоење“ на Јулијана Гешоска.
Поставена ќе биде во Ликовниот салон на МКЦ, од 20 часот.

Гешоска е уметник со долга и плодна кариера и надвор од границите на Македонија.

Таа се има претставено во над 30 групни изложби надвор од границите на Република Македонија(Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија и др.) и била учесник на над 30 ликовни колонии проследени со изложби.

Кога стоиме меѓу делата од најновата импресивна серија слики на Јулијана Гешоска,обединети околу клучниот збор „Постојам”, спонтано ни се наметнува мислата дека за оваауметница несомнено важи геслото „Сликам значи сум!”. Ова мото веројатно би можело да си го преведеме барем на три начини: „Постојам за да сликам”, „Кога сликам вистински постојам”, или, „Во и преку насликаното токму сега (но и секогаш ќе) постојам”. Всушност, кога стоиме пред гигантските платна, диптиси, триптиси, полиптиси на Јулијана Гешоска, но и пред сликите во помали димензии, низ нас прострујуваат идеи дека сликањето за неа е и мислење и чувствување и на светот наоколу, но и светот во себе. Во нејзините слики може да се почувствува сè освен рамнодушност: тие и вознемируваат и смируваат,и (нè) разигруваат и растреперуваат, воодушевуваат и вознесуваат, пред сè благодарениена бројните колористички и композициски свежи и смели решенија и изведби. Трагите од широките и импулсивни потези во повеќеслојното нанесување на боите прават да се чувствуваме како сведоци на раѓањето на сликарските визии на Јулијана.

Во нејзината најновата серија платна да се постои значи да им се даде нов живот на боите инијансите, но и буквално да се живее, да се бивствува во и низ боите: во нивните необични. вибрации и комбинации, неочекувани пластови и значења, во нивните нанеси и вознеси,во нивните рабови и зони на меѓусебни допири, во нивните претопувања и проникнувања.

Во сликите на Јулијана, боите имаат синестетичка моќ: тие се и звуци и мисли и духовниенергии, како што пророчки посакуваа родоначалниците на апстрактното сликарство. Затоа, кога стоиме пред платната на Јулијана, ни се наметнуваат асоцијации на тезата на Милан Кундера, кој сметаше дека нема потреба да се интервјуираат писателите т.е. уметниците, бидејќи сите одговори се веќе вткаени во нивните дела.

Во сликите на Гешоска има и приказни и песни и цели колористички симфонии, има имонолози и дијалози, но и многу „прашања и одговори” од насликани разговори. Оттука, кога стоиме пред најновите слики на Јулијана Гешоска, кои несомнено се плод и надоврзување на сè што создала и претходно, не е тешко да насетиме дека уметноста знае понекогаш да нè потсети на најубав начин дека вреди да се постои (меѓу другото) за да можеме да ги видиме овие убавини.

Проф. Др. Владимир Мартиновски.

 

Инаку, Јулијана Гешоска е родена во Скопје, Македонија, во 1961 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, 1990, додекапостдипломски студии завршила на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, отсек графички дизајн, со магистратура од мултимедијален арт, 2008 година.

Нејзини самостојни претставувања се: „Самостојна изложба на слики и инсталации“, Даут Пашин Амам- Скопје 1992; „Слика во слика„ Скопје, 2008; „Играта на актот“ Пула, Хрватска,1991; „Остави го шеширот и оди“ Скопје, 1998; „Измислен пејзаж“ Љубљана, Словенија, 1999;Интерактивна изложба со минувачи, Рогашка Слатина, Словенија, 1999; Мултимедијална изложба „Зад лицето – лик“ Мала станица, Национална галерија на Македонија, Скопје 2005; Мултимедијална изложба „01.01.200…? 12:00 часот“ Мала станица, Национална галерија на Македонија, Скопје 2009, самостојна изложба Приштина 2008.

Се има претставено во над 30 групни изложби надвор од границите на Република Македонија (Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија и др.) и била учесник на над 30 ликовни колонии проследени со изложби.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.