ОД МОЈ АГОЛ: МОБ е хит!

Македонската опера и балет во моментов е голем хит, најсилно што сум почувствувала досега.

Сакам да кажам дека МОБ, иако е отсекогаш најугледната културна институција, храм на уметноста и отсекогаш почитувана и посетувана (со исклучок на едно време кога имаше проблеми од организационен карактер, неплатени сметки и слично), сега навистина направи “бум” и таму не можете да најдете слободно место доколку не се потрудите да си резервирате навреме.

Засега не можам да утврдам со целосна прецизност на што се должи оваа промена, треба да “ѕирнам” и од другата страна па ќе дообјаснам во некоја следна прилика.

Некои велат новиот директор сериозно се зафати, ја направи програмата и организацијата подобра; некои велат дека ПР сервисот е одличен и функционален; а некои и велат откако се промена партијата на власт и веќе луѓето го немаат тој анимозитет кон претходните партиски поставени луѓе, сега таму си одат послободно.

Во последново не сакам да верувам зашто сметам дека е нечија измислица, а дека љубителите на уметноста се вистински љубители на уметноста и не почитуваат партија (и нејзини одлуки) повеќе од својот личен вкус и навики, а особено и заради тоа што директорите на МОБ (дури и да доаѓале преку некоја партија) никогаш партијата не ја ставиле и не ја ставаат над својата професионалност. “Ова отпаѓа!”, изјавувам отсечно.

Во претходното верувам, бидејќи ПР тимот

последнава година- две е совршено функционален и младите професионалци, посебно Бурхан Д. со кого имам активна директна комуникација- не само што знаат и умеат да направат најдобра реклама за да го испромовираат настанот и информацијата да стигне до секој заинтересиран, сите тие навистина негуваат љубезни, културни и одлични релации и непрекината комуникација со новинарите, за разлика, морам да споменам и некои претходни времиња кои не беше баш така мазно и речиси никогаш не одговараа ниту на мејлови и барања. Но, верувам се учиме на грешките и пропустите и продолжуваме како подобри.

Во однос на новиот директор, Оливер Арсовски, ако веќе се инсистира на тоа да го споменам и по име и презиме, тој е сегашен а и поранешен долгогодишен директор, долгогодишен член на овој уметнички ансамбл (воедно и одличен организатор на Виенскиот бал, настан кој секоја година од културен, музички и гастрономски аспект ја промовира виенската култура и традиција), и не само што одлично си ја знае и се надоврза на својата работа и искуство, сосема одлично се надоврза и на работата на претходните двајца директори, Васо Ристов и Ќазим Асотиќ, чија работа ја следев одблиску и увидов дека од петни жили се вложуваа за куќата, а патем и за прв пат воспоставија и добри релации со соодветните институции од регионов и отпочнаа успешни соработки со Сараево, Белград, Софија…

Но, како познавач на приликите ќе кажам дека за сегашниот “бум” најмногу придонесе квалитетната понуда и тоа што на репертоарот покрај стандардните оперски и балетски претстави од таканаречениот “железен репертоар” (кои се непроменливи и постојани на репертоарот во секоја сезона) се воведуваат и низа други. На пример, по повод “100 години на најголемиот оперски композитор Џакомо Пучини (22 декември 1858- 29 ноември 1924)”, во месецот ноември се прикажаа дури четири негови грандиозни оперски дела: “Боеми”, “Мадам Батерфлај”, “Тоска” и “Турандот”, за кои игла немаше каде да падне. А се стоеше и на нозе и по скали.

“Месецот на Пучини” ја крена публиката на нога, и во потрага по билет и во момент на стоечки аплаузи. Беше фрка да се најде место во салата. А од таму сите излегуваа одушевени.

За ние кои не успеаја да погледнат како тоа изгледало, ПР сервисот навремено доставуваше информации, фотографии, видеа, преку својата ФБ страница, на која гледавме весели луѓе, мноштво од посетители и проследивме нивни изјави во суперлативи, а понекогаш и ги изненадуваат со по некој гратис билет за најбрзите кои ќе одговорат на фејсбук.

Инаку, во операта веќе се поставени и екрани на кои, доколку сте посетител, таму ќе прочитате што е следно.

Еве конечно вечерва и јас решив да ја посетам Опера и Балет за оваа зимска сезона. Цело време велам Македонски опера и балет, а најчесто велам МОБ, затоа што на актуелното официјално НОБ- односно Национална опера и балет навистина, сѐ уште не сум навикната и кога има некој настан најавен “во НОБ” проверувам дали е истата куќа или некој друг простор случајно, па да не згрешам. Малку ми е чудно и измешано ова, од причина што МОБ си го знаеме како МОБ и сѐ друго нѐ збунува, нема ни да може да ни влезе во уво и уште помалку пак и да се навикнеме на таа кратенка, сега после пола век, извинете. Не ни е звучна и препознатлива, нам, кои сме од “тие генерации”…

Но, да се вратам на уметноста. Храмот на културата МОБ е и најтоплото место кое сега постои во градов, ми се чини и чувствувам како секој да е добредојден таму. И целиот тим функционира и пулсира како едно.

Од билетарата каде се доста љубезни и дозволете ми тука да ја споменам мојата Александра С., затоа што верувале или не, како моја поранешна сосетка кога беше тинејџерка за прв пат стапна во овој објект, јас ја поканив да ја однесам на Мајски оперски вечери на “Лебедово езеро” и по самиот балет, маѓепсана од преставата, рече “Ох, колку би сакала оваа да ми се случува секоја вечер, ова е нешто многу убаво”…

И?

Желбата ѝ се исполни- ете, по дваесеттина години оттогаш, таа сега со насмевка на лице ќе ве пречека на билетарницата кога го купувате или подигнувате својот билет.

Обезбедувањето е на ниво и сѐ се решава со збор и смирен тон.

Црвениот тепих е нешто на кое не му се придава значење како на вештачки Вип гламур туку сосема природно ве прави да се чувствувате отмено и достоинствено.

Екипата е врв, дури и да изоставев да споменам, тоа се подразбира. Таму работаат најврвните професионалци признати кај нас и пошироко и нивниот талент, сценска способност, изведби, ентузијазам и вложеност, постојано одушевуваат.

А објектот е толку простран и широк што одговара и за починка на меките табуретки споени во круг во холот; и за разгледување на честите изложби во холот; и за уживање во салата; и за прошетка ходниците и гримиорните… па и за кафе потоа во кафулето во емисиите на објектот.

Се сеќавам дека маестро Александар Џамбазов како еден од десетмината кои своевремено одлучувале за овој објект, ми има раскажувано како одлучиле и на што дале приоритет но му беше криво само што салата не е поголема, а инаку, објектот е чудесно- прекрасен и се смета за едно од најубавите зданија на таа таканаречена брутална архитектура, карактеристична за бетонските градби на големите градови во средината на 20 век (од 1950 до средината на 1970) како дел од Модернизмот.

Вечерва, ајде, повелете, да одиме заедно. Ви најавувам дека јас ќе ја посетам МОБ и тоа со гостинка архитектка од Белград, да ѝ го покажам зданието и нашиот културен живот. На програмата е операта во три чина “Пикови дами”, која ќе ни ја прикажат уметниците од Државна опера- Варна, Бугарија.

Како новинар ја имам привилегијата да влезам со акредитација, но доколку не беше така, ќе ми беше задоволство да си се почестам со еден билет од пристојна сума кога станува збор за уметноста, од 800 /1200 денари за овој музички настан, и да си помнам една предновогодишна или подобро речено новогодишна магична ноќ во МОБ. Затоа што е навистина убаво и затоа што навистина сега- МОБ е хит!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго новинар и уредник во КулАрт

(Скопје, 14 декември 2024)

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.