Скопје, 12 декември 2024 година- Германската инспиративна приказна за 11-годишната
Мона, „Победници“ во режија на Солин Јусеф, од денеска премиерно се прикажува во домашните киносали.
Филмот се прикажува во Кино Милениум од денеска до 18 декември, во работни денови
со почеток од 18 часот и за викенд од 16 часот. Дополнително, денеска и утре филмот ќе има премиера во Кинотека од 16 часот и во Домот на култура „Злетовски рудар“- Пробиштип, од каде продолжува во Кино Манаки во Битола.
Мона и нејзиното семејство од курдско потекло, кои пребегнале од Сирија во Берлин. Во овој нов свет, сè е поинаку, а Мона копнее по својот дом, своите другарчиња од уличниот фудбал и по тетка ѝ Хелин. Кога еден посветен наставник го препознава нејзиниот извонреден талент за фудбал и ја избира за женскиот тим, предизвиците се зголемуваат. Мона брзо добива етикета на аутсајдер, што ја отежнува нејзината интеграција во тимот.
Но, како што секоја девојка се соочува со сопствените битки, станува јасно дека вистинскиот успех може да се постигне само ако играат заедно, како тим.
Филмот беше премиерно прикажан на 16 февруари 2024 година на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, во програмата Generation K+ како филм за отворање.
Филмот веќе ги освои срцата на публиката и стручните жирија, а во 2024 година ја доби наградата за Најдобар детски филм на Германските филмски награди.
Со трогателна приказна, силна порака и универзални вредности, „Победници“ е филм кој инспирира, ги надминува културните граници и ги истакнува моќта на тимската работа и пријателството.
Дистрибутер на филмот е Катавеј од Скопје, со поддршка од German Films.