Почетна КОЛУМНА ОД МОЈ АГОЛ: “Внимание, се краде!”

ОД МОЈ АГОЛ: “Внимание, се краде!”

…Јас па имам една таква рака, секогаш право годи, како подесена, па така и пред златната проекција на филмот “Пред дождот” во книгите што ни ги подарија, а нѐ чекаа како новогодишно пакетче под секое седиште, “Милчо за Манчевски”, прво што отворив беше токму на “мојата страница” некаде во средина, стота и нешто, во која налетав на мојот омилен лик од неговите филмови.

Станува збор за Борче Начев, актерот кој ми го направи “Сенки” (покрај пораката и сите други вредности) да биде мојот најомилен филм од творештвото на филмскиот генијалец на 21 век, господинот Милчо Манчевски и да биде и еден од најубавите мои филмови воопшто, после кој и немам нешто желба да гледам други зашто врвот е достигнат, па сѐ друго ќе биде само симнување по скалите надолу.

Е не можев да поверувам дека во книгата Борчета ни го опишал токму онака како што и јас го доживеав, а беше кажано/ напишано нешто во стилот – “требаше да се дојде до Борче”… а потоа и дека “тој имаше некој изглед на момче со внатрешен страв и несигурност”.

Ха. Браво. Па тоа и му го дава она најважното. Таа несигурност доаѓа од фактот дека внатре во него нешто се случува, а чувство на страв од тоа таа емоција да не биде разоткриена и повредена. Борче не е рамен. Во него се случуваат емоции, покриени со покривка, до кои не се доаѓа лесно. Тоа ја направи и магијата кај него, зашто замислете да беше “самоуверен и препотентен”, полн со себе и воздигнат на несоодветен начин, немаше да ја доживееме таа негова емоција. Борче, несигурниот емотивец, со таа улога ме купи, и целосно му се сеќавам на секој кадар и секој негов гест, иако покрај него баш па и глумат најдобрите театарски актери кај нас. А театарски актер е веќе испечен актер, еснафлија, за разлика од филмски кој може да биде дури и аматер и случаен човек, натуршчик, само ако е фотогеничен и има емоција (или поглед) која зборува. И не е ни малку лесно да се мериш со квалитетни театарски актери што ги знаат сите “финти” на една глума.

Убаво што кај Борче таа емоција само се насетува и не зборува јасно, ама затоа па филмот и тоа како зборува, вришти. Кине. Корне. Урла. Поместува од земја…

“Врати го тоа што не е твое!”…

Ко библија да читаш.

Ко библија да ти читаат родители пред спиење.

“Врати го тоа што не е твое!!!”… ко ехоооо на планини, пардон- во душа.

О, каков цитат. Па ова треба да стои на секоја врата, запишано и врежано со големи букви- дома, на работа, во канцеларии- од вратата на стражар до вратата на премиер, затоа што секоја врата е подеднакво значаен влез (во нешто познато и непознато) и тука нема поважна поспоредна. Сите се исти. Влегуваш, а не знаеш каде, ама: “Врати го тоа што не е твое”, за да го добиеш тоа што е твое. Од тоа нема поубаво. А, и вака и така еден ден ќе мора да го враќаш тоа што не е твое а си го зел. Па затоа- немој!

И, како што ни е судбина сѐ од филмовите на Манчевски, или пак можеби самиот Манчевски е нашата судбина- сѐ она што (ни) е реалност е во неговите филмови и сѐ она што се неговите филмови е во нашата реалност.

Филмовите на Манчевски станаа цела наука. Затоа па и некако сите сме влезени во нив. Буквално. И сѐ нешто тие нам- ни се убави па не ни се, па ни се добри па не ни се, па ќе имаме подобри од неговите, па ќе немаме… ние колективно имаме некој заеднички конфликт со самите себе во односот кон тие филмови и јас знам зошто- затоа што сме толку врзани што никако не можеме да се одврземе, дури и да сакаме, а не сакаме и нема да сакаме. Во заедништво сме. Дел од целина.

Поточно, ние не ги гледаме (и сфаќаме), ние ги живееме тие филмови.

Затоа еве сега и за време на премиерата на “Пред дождот” во Филхармонија јас размислував околу тоа и додека на моменти подзаплакував скришно, исто се криев да не ме видат и кога се смеев, во себе, со прашањето – Зарем има ли друга нација на планетава која прави “премиера” на нешто кое е веќе историја од пред 30 години? И на која тоа ѝ е главното заедничко остварување во текот на целиот свој милениум на постоење? И на која секој ден одново ѝ се случува истиот филм?

Не, нема, и нема да има. Тоа си е наша ексклузива!

Можеби за некои други простори би било смешно по 30 години повторно цела држава ангажирана за само еден ист веќе виден филм, но кај нас е тоа така затоа што всушност уште во самото негово снимање сите се вградивме на свој начин и уште сме таму. Сите дадовме некоја своја ваква или таква емоција која уште трае, и со која сѐ уште не сме начисто и затоа сме несигурни (како Борче во “Сенки”). И затоа филмот е наш заеднички, тоа сме ние. Нашата приказна. Нашата судбина и нашиот живот. Можеби само Ориѓански беше најхрабар тоа да го изусти и признае јавно, не плашејќи се од одговорот на јавноста на неговата неизмерна посветеност и внесеност во филмот.

Тој филм нѐ спојува. Сите на иста точка, заедно. На иста слика, засекогаш – како Ацо со семејството во “Пред дождот”.

Да не се навраќам сега пак надолго на премиерата (за друго дојдов тука денес)… Преубав свет, сите расположени и горди, како да видов една поинаква средина од луѓе кои долго не ги имав видено на едно место. И како да видов дека нашата “слика” е сѐ уште замрзната кај “дождот” и таа 1994 година, само што ние сме малку постари од тогаш и само што во меѓувреме, од 1994-та, кога почувствувавме дека како да се ослободивме од некое долго ропство и некој долг длабок сон и конечно ја вдишивме слободата…30 години потоа од таа слободна ние направивме преголемо ропство, од она најлошото- ропство на самозаробени.

“Слика” како онаа на Ацо кога се “слика” со фамилијата сите среќни и собрани на маса …пред да настане трагедијата.

Абре исто како кај нас во државава, исто и во реалноста по “сликањето заедно” приказната зеде неочекуван тек, кој не смееше да го земе… за да дојдеме до “слика”, во која истиот тој Манчевски наместо да ужива во аплаузите и во звукот на некоја нова прва клапа “Внимание, се снима!”, се расправа со криминал, со банди кои влетале во филмската сфера, а кои не му се рамни ни на едно мало прсте, и помалку од тоа, а зеле и се ‘рчкаат и борат со него (во своите глави). Банди со лепливи прсти, мамини- татини штитеници, неспособни и мрзливи за добри дела, кои ги имаат узурпирано нашите пари, со менталитет кој не одговара на уметници, културњаци, граѓани, градски и цивилизирани луѓе.

Под ова градски луѓе не мислам пак како на антипод на селски, ние сме сите селани и селото е нашата гордост. И традиција. Мислам на менталитет кој не содржи културни навики во душа, а во исто време не содржи ни селски како чесни, бистроумни и горди.

“Внимание, се краде!”.

Ете тоа е филмот кој тече после “Дождот”. Од 1994-та наваму.

Можеби и затоа е “Сенки” е мојот омилен филм, долго испитувам и сакам да откријам… “Врати го тоа што не е твое!”.

Некој праша дали Манчевски ќе снима продолжение на “Пред дождот”. Ако снима дозволете ми да бидам кума- му давам наслов “По дождот”. Да видиме до каде сме откако заврна, врнеше и дали преврна…

Е, не знам на која страница беше тоа со Борче за да ви го парафразирам точно што беше напишано, сега седнувам да ја прочитам книгата па ќе ви кажам. Не запамтив, зашто веднаш ја отворив втората случајна страница во која ми излезе раскажувањето на режисерот дека нему лично и персонално му се јавил на телефон Никола Груевски кога бил министер (што е одличен тој гест од политичар, всушност и такви треба да бидат политичарите кога се на власт и да се држат до тој курс за грижа кон вредностите, да не забегуваат во филмот “… се краде”) и ја затворив книгата. Натаму не отидов. Запрев тука. Сега продолжувам… од прва страница.

Ве молам за тишина:

“Внимание, се чита!”

 

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт 

Скопје 11.12.2024

metropolis-big