Скопје, 10.12.2024
…Замира е млада девојка од едно македонско село со албанско население, која тајно се вљубува во момче Македонец од соседното село со македонски жители, подеднакво колку што тоа се вљубува во неа. Спремни да умрат еден за друг. Но бидејќи со тоа не се согласуваат селаните, ни од едната ни од другата страна, настанува проблем кој прераснува во вооружен конфликт и на крај, кога еден Македонец, повратник од Лондон, ја прави разврската (во име, пак, на неговата незаборавена, непомината, неодболувана љубов од младоста- мајката на Замира), ќе направи девојката да избега од куршумите на Македонците и тие да завршат во неговото тело, но за жал набрзо неа ќе ја пречекаат куршумите на Албанците и ќе ѝ пресудат во истиот час.
Сублимирано во една реченица, навидум “проблем со љубовта поради различни етнички убедувања” е основа на филмот кој 30 години го тресе светот, буквално со иста магнитуда како првиот пат, секаде каде ќе се појави овој филм, славен и прославен, “Пред дождот”на сценаристот и режисер Милчо Манчевски.
Сите сме го гледале и тоа по неколку пати, и, понатаму познато ни е како тоа тече пушки, шмајзери, одмазди, крвје… Сме ги цитирале над сто пати и славните цитати “Пукај бе братучед пукај”, “Кажи му да ми го бричи со зелено џамче“, “Кругот не е секогаш тркалезен”, “Касаат мувите”… и конкретно и метафорички и фигуративно.
И така додека филмот 30 години дрма на најјако, кај нас општата констатација главно се сведува на тоа дека “филмот нѐ претставува во погрешно и лошо светло пред светот”, што е прифатено веќе и како главна етикета за него.
Ама да ја свртиме паричката кон нејзиното лице- во филмот ништо не е лага, за да бидеме лошо претставени, тоа што е- тоа е. Но некој им ги врзал со превез очите на мнозинството од луѓето и тие веќе не ја согледуваат вистината. Филмот е вистина. Се случува тоа што е во него прикажано.
Добро, не баш сѐ. Во филмот, на пример, вози раскантан автобус со кој ние и сега по 30 години се смееме до солзи, но денес тој раскантан автобус не вози и воопшто го/ги нема по скопските улици. Тоа е полошо “светло”, зарем не?
Наспроти тоа што во филмот царува вистината, во нашето општество царува лагата, и таа луѓе мои, ни ги затвори очите па така не видовме кога тие со шмајзерите од селото со куќи од плитари, ни пристигнаа во урбаното и модерно Скопје, до пред врата речиси.
И ако тоа таму што го гледаме се случува поради “заостанати селски и националистички сфаќања” во овие триесет години фино, мазно без проблеми и отпор сето тоа со брзина како на филмска лента се пресели од божем селско на “урбано” тло и тоа во центарот на градот/главниот град и државата, во една таква мачна реалност во која се пука секаде, по кафеани, барови, па дури и на сред молови, се палат автомобили речиси секоја вечер, и тоа не заради убедувања, туку заради пари, мафијашење и лудило.
А сѐ тоа и како да е дозволено или во најмала рака не е забрането и нема кој да го забрани.
Оттука ќе си дозволам повторно да констатирам дека филмот нѐ претставува погрешно. Навистина не е така како што нѐ претставува- полошо е! Бетер. Полошо дојде.
Контра- аргумент? Нема.
Полошо е и затоа што, со разлетаните куршуми, за сѐ се гине, освен за љубов.
Има разлика.
Во филмот се умира за љубов и од љубов, денес се умира само против љубовта, од љубомора, омраза, злоба која ја гризе душата… Од улавост, неразумност, инает, лошотилок, грабање, хипокризија, полтронство, корупција, примитивизам, национализам, предрасуди, дискриминација, неправди…
Сѐ е исто, само што е полошо. Многу полошо.
Ама па овој пат, овој таканаречен златен јубилеј од 30 години мене ми отвори ново сознание и можеби ми ја одгатна тајната зошто “Пред дождот” има сила која расте наместо да бледнее и да ослабува.
Љубов.
Тоа било.
Љубовта!
Она што не може да ја победи никој и ништо на овој свет. Не само онаа на Замира (на филмот). Туку и љубовта која се случувала и вон филмот и уште пред самиот филм.
Во самото негово ткаење.
Да се зборува за “Дождот” од стручен, филмски, еснафски, научен, социолошки, општествен, интернационален и секаков друг аспект е веќе капка во морето, реки и реки гледачи, филмски критичари, филмаџии, најголемите синеасти го дале своето мислење, рецензии, изјави, видувања, коментари, за филмот се снимени томови и томови фермани и книги, снимени се документарци, се предава за него во најголемите светски универзитети каде не. А и нема што да се каже, но и секогаш има одново, зашто овој комплексен и тежок филм секаде е прифатен со леснотија.
Ама ајде јас пак за љубовта.
На прес конференцијата еден од авторите на музиката, Златко Ориѓански, за прв пат откри дека на режисерот Манчевски кога се двоумел меѓу нив како “Анастасија” и други автори, му пратил порака во која напишал. „Јас сум спремен да умрам за твојот филм“. Ова ме трогна и струја ме полаза низ цело тело. Добро, зарем е можно? Па ете што го направило филмот, и покрај сите потешкотии и пречки во снимањето. Силната љубов со која творците го крепеле во создавањето.
Изјавата ја дава и невидлива димензија дека во него се вложиле буквално сите и сплотени и непоколебливо и до ден денес, така што- тоа било клучот.
Та тие сите можеби да ти биле спремни да умрат за филмот, а ако некој во меѓувреме се предомислил сигурно и отпаднал од таа енергетска шема и мрежа (рака на срце и сите ние потоа како публика дадовме една емоција која што трае).
Со тоа се отвора уште еден одговор на мое прашање, зошто филмот секаде каде што се гледа со неутралност доживува слава. А кај нас има нешто што ги вознемирува просечните, но амбициозни луѓе, особено ако и тие се дел од медиуми и имаат допир со медиум (како што и филмот по суштина е медиум и пренесува порака), а тие упорно фрлаат и фрлаат прав врз “дождот”. Иако и самите знаат дека дождот е тој што може да ја стопи правта, невозможно е обратно.
И додека некои биле спремни (и млади) да умрат за филм, во овие триесет години се покажа дека повеќето луѓе кај нас се спремни да живеат и над сто во измама и заблуда и на лагата да ѝ речат “добредојде и не си оди”.
На пример, мене многу често во мисли ми одѕвонува една изјава на таканаречениот најпознат уредник кај нас веќе исто три децении, кој цело време нешто “јавно заговара” против Манчевски (се препознава дека е од личен мотив), но во една негова изјава на Тв емисија кажа нешто во стилот дека “Пред дождот” е просечен кон потпросечен, а другите филмови на Манчевски воопшто не чинат, ама кога требаше да ги образложи, рече дека не ги имал гледано.
И дали е ова верно?
Е.
И ете, тоа е своевиден лакмус каде е сета заблуда. Кога веќе наместо љубовта и почитта ќе им отвориш врата на љубомората и омразата, тие до тој степен ќе направат да не си веруваш на својата свест, на своите чувства, мисли и констатации, па дури ни на своите очи, да не сакаш ни да тргнеш по вистината. Да не ѝ веруваш неа. Да не ѝ веруваш на реалноста.
А во таква состојба, зрак не може да допре.
И со така, нема да можеме да сфатиме дека филмот на Манчевски е само протоколарно “игран” филм од 113 минути, но фактички е реално шоу од 30 години во кое само се вклучени камери и прикажуваат тоа што се случува (а кога пак треба нешто навистина треба да прикажат камерите се исклучени, како на филм).
Јавно ви е? Знам доста е заплеткано, но е јасно, и треба да направиме да ни се доизбриструва сѐ повеќе, за да ни биде уште појасно. Само со вистината напред.
А за “Пред дождот” (официјално награден со “Златен лав” во Венеција во 1994 година, кандидат за Оскар и прогласен за еден од најдобрите илјада филмови на сите времиња) е сѐ е кажано сѐ е напишано, а овој пат дека од различна перспектива веќе и гледам сите нешта, имав и чувство како прв пат да го гледам. Што има потреба од дообјаснување?
Можеби само останува потребата да дознаеме зошто синоќа не беше главната глумица (која наводно отишла да ја подигне својата неодамна доделена награда во Европа), ама како и да и мене ми недостигаше само (Лабина) Замира. Таа што беше спремна да умре (во филмот) и, да, умре славно, за- Љубов!
Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт
(фото: Види вака)