македонски книжевен, културен и јавен работник
Блаже Конески е прв Претседател на МАНУ, на должност 1967-1975, и прв претседател на Шаховски сојуз на Македонија
Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 — Скопје, 7 декември 1993)- истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.
Блаже Конески
македонски писател, јазичар и историчар, академик, поет, прозаист, филолог
Период
1945-1993
Жанр
проза, поезија, есеистика
Значајни дела
„Везилка“, „Стерна“, „Црква“, „Црн овен“
Значајни награди:
Златен венец на Струшките вечери на поезијата, Хердерова награда, Његошева награда, АВНОЈ, 11 Октомври, 13 Ноември
Роднини
Цака (мајка), Ордан (татко), Милица (сестра), Дунавка (баба)
Животопис
Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово (Прилепско), од мајката Цака. Тој потекнува од познатиот прилепски сој Љаме (Љамев(ци), Љамески), од гранката Конески (по поглаварот Коне, неговиот дедо). Блаже Конески имал сестра Милица. Основното образование го започнал во Небрегово, каде семејството живеело седум години по што се преселило во Прилеп и таму Конески го продолжил и го завршил основното училиште, а потоа и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето, добил стипендија и образованието го продолжил во Крагуевац, каде завршил виша гимназија. Потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар се префрлил на Филозофскиот факултет, на студиите по филологија, на отсекот за словенска филологија. По капитулацијата на Кралството Југославија, Конески се префрлил на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде ги продолжил студиите по филологија, дипломирајќи во 1944 година.
Со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија, Конески студирал на Универзитетот во Белград како Благој Коневиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев.
По завршувањето на Втората светска војна, Конески се вработил како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, каде во 1957 го добил звањето редовен професор. Притоа, тој го предавал предметот историја на македонскиот јазик, а во текот на целата универзитетска кариера ја извршувал и функцијата шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во 1952/1953 година бил декан на Филозофскиот факултет, а во 1958-1960 година бил ректор на Универзитетот во Скопје. Исто така, Конески работел и како уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Во 1967 година станал член и на МАНУ и прв претседател, а таа функција ја извршувал до 1975 година. Покрај тоа, Конески бил дописен член на академиите на сите републики на Југославија, во 1968 година станал почесен доктор на Универзитетот во Чикаго, а бил почесен доктор и на Универзитетот во Вроцлав.[
Творештво
Родната куќа на Блаже Конески во Небрегово
Конески е истакнат јазичар, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата, итн.). Исто така, тој е истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици.
По ослободувањето на Македонија, Конески активно се вклучил во стандардизирањето на македонскиот јазик: ја изработил граматиката на современиот македонски јазик, го составил правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.
Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, а од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот. Во 1967 станал член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и бил нејзиниот прв претседател (до 1975). Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов прв претседател. Покрај тоа, Конески бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго и Вроцлав.
Конески, работел како уредник на литературните списанија “Нов ден” и “Македонски јазик”, а бил и редовен соработник на списанието “Современост”, каде биле објавени негови песни и прилози, како: “Ангелот на Света Софија“, расказот “Крчмите” (по кој била снимена првата македонска ТВ драма), и други текстови.
Книжевно творештво
Во областа на книжевноста, Конески пишувал претежно поезија, но исто така и раскази. Неговите песни се застапени во сите антологии на македонската поезија, објавени во Македонија и во странство, а книги со избор од неговото творештво се објавени на повеќе јазици, како: германски, англиски, француски, турски, руски, украински, романски, грчки, унгарски, полски, дански, италијански итн. Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).
Своите први песни Конески ги напишал во еден стар нотес меѓу 1941 и 1945 година, а нотесот случајно го зачувал Владо Малески. Подоцна, тие се објавени како циклусот „Од стариот нотес“, објавен во списнието „Современост“, VIII, бр. 3 од 1958 година. Потоа, во 1945 година, тој ја објавил поемата „Мостот“, која најпрвин се појавила како посебна книга (издание на „Култура“), а потоа била вклучена во збирката „Земјата и љубовта“ од 1948 година.
Конески се занимавал и со преведувачка дејност. Така, тој превел на македонски јазик повеќе странски дела, како: „Горски венец“ од Петар Петровиќ Његош (1947), „Лирски интермецо“ од Хајнрих Хајне (1952), „Отело“ од Вилијам Шекспир (1953), „Поезија“ од Александар Блок (1966) и „Крштавање на Савица“ од Франце Прешерн (1980).
Награди
Конески е добитник на повеќе награди и признанија, како:
годишната награда на ДПМ (1953)
наградата на Сојузот на писателите на Југославија (за стихозбирката „Везилка“, 1956)
„11 Октомври“ (за редакцијата на првиот том на Речникот на македонскиот јазик, 1961)
„11 Октомври“ (за „Историја на македонскиот јазик“, 1965)
наградата АВНОЈ (1966)
„11 Октомври“ (за „Записи“, 1974)
наградата „Кирил Пејчиновиќ“ (за преведувачки опус, 1976)
„11 Октомври“ (за животно дело, 1979)
„Гоце Делчев“
наградата „Браќа Миладиновци“ (за „Записи“, 1974)
наградата „Кочо Рацин“ (за „Записи“, 1974)
Његошева награда (за „Записи“, 1975)
„Ацо Шопов“
Хердерова награда
„Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (1981)
наградата на „Мисла“ (за книжевен опус, 1981)
наградата „Бранко Миљковиќ“ (1985)
наградата „Скендер Куленовиќ“ (1985)
наградата на Сојузот на писателите на СССР
наградата „13 Ноември“ (за „Македонскиот 19 век“, 1986)
Вуковата награда на КЛЗ на Србија (1987)
Рациновото признание (за „Дневник по многу години“, 1988)
наградата „Книга на годината“ (за „Сеизмограф“, 1989)
Везилка
Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.
Судбинско нешто се плело за века
од двете ниски, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.
Везилке, крени наведена лика,
погледај в небо во претпладне златно:
се зари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.
За тебе нема ни вечерен запад,
ти – морно око на трепетна срна.
две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои – црвена и црна.
Зар не се плашиш јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.
– И најмил спомен што в душа ми блесна
се гаси од нив ко цвеке без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.
Ангелот на Света Софија
Ти којшто толку време мина
под малтерот на ѕидот мрачен,
пак слободен си в простор зрачен
– о сине тих на мисла сина-
со живот пак ти гори видот
и зори како небо ѕидот
Но таа лика што се крие
под малтерот на мојте гради
и – утеха на дните млади-
по убост како сестра ти е,
не, нема мајстор да ја спаси,
со мојот живот ќе се згаси.
Виј
Во свеста, како во полноќна црква,
Те заклучив. И свеќи ко што бледат
На гасење, ти сега бледиш така,
А сите светци похотно те следат.
Ти тука си заточница за која
Јас толку мошни заклинања правам,
И еве веќе настапува часот
И сешто гласи дека ќе се јавам.
Јас идам како оној грозен Виј,
Со сиви очи, сиот земја жедна,
Да, страшен сум, и дека нежност носам
Во тврди грутки- затоа си бледна.
Се ближам како нежен Виј, но веќе
Таинствена си повлекла ти црта,
И штом ќе стапам до пределот, остро
Се руши понор и со карпи чкрта.
И сиот жеден, песок, јас се ронам
Во таа пропаст, и сè веќе гасам.
Јас, Виј, во свеста те домавив мошно,
Но, жеден, немам сила да те стасам.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.