ГАЛА ЗЛАТНА ПРЕМИЕРА ЗА 30 ГОДИНИ ОД КЛАСИКОТ „ПРЕД ДОЖДОТ“ НА МАНЧЕВСКИ

„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик на Милчо Манчевски, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија ќе ја прослави 30-годишнината со гала златна премиера на реставрирана копија.

Овој настан, на 9 декември, во 20 часот во Филхармонијата одбележува 30 години од најголемиот успех на Македонија- не само во културата, туку и воопшто. Oва е прв и засега единствен пат македонско дело да победи на најважен светски мегдан.

На златната премиера ќе присуствуваат авторот Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а со видео порака и Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано “, новиот филм на Манчевски.

Присуството го потврдија дури 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот, ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонија.

Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци, без учество на државата во организирањето, ниту во финансирањето на настанот.

Златната гала премиера ја финансира „Витаминка“. „Дајнерс“ и Државна видеолотарија на Република Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје, кои ги поддржаа изданијата, биографската книга „Милчо за Манчевски“ и изданието на меморијалниот есеј „Убавите работи долго траат“ кои ќе бидат бесплатно достапни за публиката, Британскиот совет го обезбеди доаѓањето на гостите од странство, а Мајпринт печатарските услуги.

Појавувањето на „Пред дождот“ е дел од создавањето на државноста и на националното самочувство. Македонија и Македонците можат да создадат дело кое се смета за светски класик и дело преку кое многумина во светот за првпат слушнаа за Македонија.

Или како што ќе каже заменик- амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Даниел Филер во 2024: „Уметници како Манчевски се оние што го градат идентитетот на оваа земја“.

„Пред Дождот“ стана дел од светската културна баштина, стана класик со сврстувањето во библиотеката на престижниот „Крајтерион колекшн“ и со тоа што „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови во историјата.

За „Пред дождот“ е посветена интердисциплинарната академска конференција во Фиренца, има над 5.000 написи за филмот во светскиот печат, вброен е во академската програма на над 200 универзитети, како и во италијанските средни школи, освоил над 30 награди на меѓународни фестивали (меѓу кои и Златниот лав, ФИПРЕСЦИ, Индепендент спирит и Номинацијата за Оскар), играл на 220 фестивали и има дистрибуција во над 60 земји, има десетици книги и поглавија во светската стручна литература посветени на овој велик филм.

Годинава и Државниот филмски архив на Кина и Државната телевизија на Словенија го одбележуваат јубилејот со специјални проекции на „Пред дождот“, а повторно ќе се прикажува и во Бразил.

Кога „Пред дождот“ во 1994 година го освои Златниот лав, тоа беше првпат македонско дело не само да учествува рамноправно во светска конкуренција, ами и да победи. Многу ретко се случило малечка Македонија во светот да ја сметаат за рамна на себе, а – што е уште поретко – и ние самите така да се осетиме. Тој громогласен аплауз со кој светот ги прими филмовите на Манчевски за нас не беше само сплотувачки фактор, туку и извор на самодоверба и на националното самочувство.

Пред точно 30 години „Пред дождот“ триумфираше во Венеција, освојувајќи го Златниот лав за најдобар филм и уште 9 други награди на Фестивалот. Директорот на фестивалот, Џило Понтекорво, на церемонијата извика: „Баста, сињор Милчо!“

Но беше далеку од доста – во следната година и пол „Пред дождот“, првиот македонски филм кој победил на најпрестижниот светски фестивал, освои уште 30-ина фестивалски награди низ светот, доби киноприкажување во 60-ина земји и, како што вели британскиот финансиер и најзаслужен за постоењето на овој филм, Сајмон Пери, „беше да побудалиш блиску до тоа да го освои Оскарот за најдобар странски филм“ во 1995.

„Њујорк тајмс“ потоа го вброи „Пред дождот“ меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња, Венеција именува една споредна награда на Фестивалот по мотото на филмот „Кругот не е тркалезен“. „Пред дождот“ натаму продолжи да живее исклучителен живот во светот – беше предмет на научни конференции и десетици научни трудови, стана дел од наставната програма на стотици универзитети во светот, а во Италија е и дел од средношколската лектира, делото и авторот се споредувани со делата на Џојс, Кундера, Бергман, Тарковски.

-“Пред дождот”ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт во февруари 1995 за американската премиера на филмот. Во јапонските весници цртаа мапи на Македонија за да објаснат од каде доаѓа филмот и како се изговара името на земјата. „Македонија, љубов моја”, „Од Македонија, со љубов“ и „Мајсторот од Македонија“ беа наслови во весници во САД, а „Милчо Македонецот“ во Италија. Со помош на „Пред дождот” се изучуваше македонскиот јазик на универзитети во САД и Полска, а во Кореја – англискиот. Дури, има и италијанско вино што се вика „Пред дождот“. Во ноември 2024 филмот повторно се прикажува во Кина (од Државниот кинески филмски архив), во Словенија и во Бразил.

А во 1994, Македонија беше само едно ново име на светската мапа. Огромниот успех што филмот го имаше во светот, како и огромниот публицитет што го проследи тоа во светските медиуми, на името Македонија му дадоа лице и со тоа, дефинитивно, ја етаблираа како факт на светската мапа. За „Пред дождот“ се објавени над 5.000 текстови на 50-ина јазици, неколку илјади текстови емитувани на радио и на телевизиските мрежи низ светот, има десетина илјади референци за овој филм на Интернет.

Пред светската премиера, кога „Пред дождот“ бил избран да игра во конкуренцијата за награди, Венецискиот фестивал му пишал љубезно писмо на Манчевски да го праша какво е македонското знаме, оти никогаш не го виделе. Во 1993 „Бритиш скрин“ почна соработка со Македонија за „Пред дождот“, иако Велика Британија немаше дипломатски односи со државава. Во 1995, кога „Пред дождот“ беше номиниран за Оскар, Манчевски одби да присуствува на свеченото доделување на Оскарите затоа што Американската филмска академија реши филмот да биде најавен како филм од ФИРОМ, и успеа да оди под уставното име, Република Македонија.

Во земјава, реплики од филмот станаа дел од популарната култура. На крајот на 1990-те на зградата на Македонската опера и балет стоеше графит со дијалогот: „Нема тука да пукне, мирен е народот. – Така и за Босна викаа, сега Запад сеир гледа, чека да се испоколат“.

Репликата „Пукај бе, братучед, пукај“, веќе 30 години се испишува на разни објекти во Скопје, беше мото и на транспарентите на сега веќе историските студентски протести во 2014-2015, исто како и „Кругот не е тркалезен“. По повод 25-годишнината од Златниот лав, едно кафуле во Скопје креираше коктел „пред дождот“ што редовно е на менито.

Забележани се дури и тетоважи со слики и реплики од филмот.

А 14 години по светската премиера, Македонија го доби својот прв светски признат класик: на 24 јуни 2008, легендарниот американски издавач „Крајтирион колекшн“ го издаде „Пред дождот“ на ДВД. Ова е едно од многуте комерцијални ДВД изданија во светот на нашиот најуспешен филм.

Професорката на универзитетот „Колумбија“ Анет Инсдорф, во коментарот што е дел од ДВД-то вели дека „Пред дождот“ е „едно од најдобрите дебија во историјата на филмот“[i], a професорката Ен Киби во книгата „Теорија на сликата“ вели дека е „еден од најзначајните филмови на деценијата“[ii].

Самиот факт дека на ДВД излезе после 14 години од светската кинодистрибуција, дека излезе во Америка (која не објавува често странски филмови) и дека го издаде баш „Крајтирион“, кој и самиот е класик и објавува само ремек-дела, јасно го потврдува статусот на класик за „Пред дождот“. Со ова издание „Пред дождот“ влезе во богатата колекција на „Крајтирион“, кој на американската публика изминативе децении ѝ ги промовираше најзначајните светски автори, од Бергман, преку Фелини, Куросава, Фасбиндер, Бресон, Озу, до Трифо, Реноар, Годар, како и комплетните дела од францускиот нов бран, италијанскиот неореализам, германскиот нов филм.

Само една година откако Грција го радикализира наметнатиот спор за името и ја затвори границата, а милион луѓе излегоа на антимакедонски митинг во Солун, се случи овој филм. По премиерата во Венеција и Златниот лав, грчкиот весник „Апогематини“ пишуваше: „Овој филм на младиот скопјанец би требало да го земе под заштита грчкото Министерство за култура и да го покажува на членовите на комитетите на Центарот за кинематографија и на оние што доделуваат награди на грчки филмови што не успеале. Да ги повикува сите режисери и да им кажува: ете што направи скопјанецот за својата татковина, зашто и името на новосоздадената земја го направи познато!“ А „Та неа“ заклучи: „Ова не е никаков антигрчки заговор. Жално е што и Грција не може да создаде филм вреден за Златен лав“. Дури и агенцијата Франс прес во веста за грчките реакции имаше наслов „Нема антигрчки заговор“.

Сето ова, а на крајот и ДВД-то на „Крајтирион“, беше и уште една потврда на вредноста на културната дипломатија: со ниедни пари не може да се купи тој публицитет, фактот дека земјава му станува поблиска на светот, и тоа преку едно уметничко дело, преку еден класик. Со ниедни пари не се купува да може дело од една мала земја да влезе во лектира на друга земја. Со ниедни пари не се купува и тоа десетици илјади пати да биде спомнувано во светските медиуми и на Интернет, авторот да има можност во интервјуа да го изнесува пред голем аудиториум својот став и да ја промовира земјата.

Кога во септември 2004, токму на 10-годишницата од венециската премиера на филмот, излезе Монографијата „Дожд – Светот за ’Пред дождот’ на Милчо Манчевски“, на промоцијата беше и првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, кој рече: „Знаете што, јас мислам дека ‘Пред дождот’ е најубавото нешто што ѝ се има случено на Македонија во овие 10 години”.

Уште 20 години подоцна, јасен е фактот дека Манчевски ја отвори македонската култура кон светот и кон професионалноста. „Пред дождот“ беше македонско- француско- британска копродукција, во Македонија се снимаше 6 недели есента 1993, а потоа 3 недели во Лондон. Во најголемиот филмски успех Македонија вложи 7% од неговиот буџет – „Пред дождот“ беше 93 отсто финансиран од Велика Британија и од Франција. Неговиот втор филм „Прашина“ беше 95 отсто финансиран од Велика Британија, Германија, Италија и од Шпанија, а само 5 отсто од Македонија. Иако живее во Њујорк, изминативе три децении Манчевски својот професионален углед и искуство секојпат ги носел во Македонија. Во македонската култура преку македонските копродукции на Манчевски влегоа директни инвестиции од странски партнери и влади (Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Данска, Белгија, Холандија, Албанија, Шпанија, Бугарија и Еуримаж) во вредност од над 20 милиони евра, при македонски влог од околу 4 милиони евра. Со други зборови, 5:1.

Од практичен аспект, во Македонија цела една генерација домашни филмски работници и актери се школуваше со практична работа на меѓународните копродукции на Манчевски снимани во земјава. Врвни светски професионалци со огромно искуство и талент од дури 14 земји, добитници на најпрестижни меѓународни награди, работеа на македонско тло и ги споделуваа своите искуства со нашите филмаџии и актери.

Неговите филмови етаблираа нова фаза во современата филмска продукција во Македонија (први меѓународни копродукции, воведување кастинг процес, сториборд, сублиминален тон; претставувања македонски играни филмови на фестивали од А-категорија, светска кинодистрибуција на македонски филмови, и друго).

Во глобални рамки, Манчевски е ценет поради естетските и филозофски достигнувања на неговиот опус. Споредуван е со Џојс, Кундера, Тарковски, Бергман, Кишловски. Но, светската јавност кај Манчевски уште повеќе го цени тоа што тој со својата работа и со своите ставови поставува меѓународни стандарди. Стандарди за иновативност во авторскиот пристап, за инвентивност во креативниот израз, но стандарди и за тоа како бескомпромисно се прави авторско, вредно дело, независно од огромниот напор кој е неопходен да се зачува инегритетот на делото од упади на оние на кои уметноста не им е на прво место: финансиери, дистрибутери, цензори или политичари.

Искуството на „Пред дождот“ беше охрабрувачко и за другите креативци – тој им покажа дека можат слободно да се натпреваруваат со другите во светот, а не само во државата или регионот, иако не е лесно. Откако „Пред дождот“ победи во Венеција, веќе е нормално да очекуваме наши филмови да гледаме во Кан, Берлин, Ротердам, Санденс, и да очекуваме тие да освојуваат награди. Веќе е нормално да очекуваме дело од македонски автор да биде рамноправен дел од светската културна баштина.

За Македонија опусот на Манчевски е од колосално, формативно значење. Од „Пред дождот“ (1994) до „Кајмак“ (2021), неговите филмови освоија повеќе награди во светот и беа видени и почитувани во повеќе земји од било што создадено во Македонија. Па сепак, прашање е дали современото македонско општество и култура, чие ткиво е систематски разјадено од тридецениската сурова посткомунистичка транзиција и кое просто патолошки избегнува саморефлексија, има капацитет да ја апсорбира колосалноста на опусот на Манчевски и да ја негува како трајна баштина. Изминативе 30 години, има константна дихотомија во односот на Македонија кон Манчевски како уметник и интелектуалец: омилен и почитуван од публиката од една, и игнориран, напаѓан, шиканиран и во последно време дури и прогонуван од културниот естаблишмент од друга страна.

Токму неговото одбивање да го компромитира сопствениот авторски интегритет и спремноста гласно да го брани јавниот наспроти политичкиот, партискиот, идеолошкиот интерес, се во средиштето на споменатата дихотомија и се извор на конфликтот со естаблишментот, што во случајов кулминира во отворен политички прогон кон Манчевски како истакнат укажувач на корупција во државна институција.

Откако во 2020 и во 2022 пријави корупција во Агенцијата за филм па до ден-денес, Манчевски е изложен на континуирана оркестрирана кампања на политички прогон и одмазда, особено интензивиран последниве две години, со што де факто и де јуре му е оневозможено натамошното творење во Македонија. Државната комисија за спречување на крупцијата (ДКСК), Државниот завод за ревизија (ДЗР), Инспекциите на Министерството за култура, Транспаренси Интернешенел Македонија ги истражија и потврдија неговите наводи. Транспаренси Интернешнал дури „Случајот Манчевски“ го вклучи како пример во препораките за новиот Закон за заштита на укажувачите. Филмскиот фестивал во Венеција објави писмо за „безусловна солидарност“, потпишано од директорот на Фестивалот, Алберто Барбера, и од претседателите на двете Здруженија на италијански филмаџии. Поддршка стигна и од Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ) и од Македонската секција: „Ова е студија на случај за политички прогон на истакнат укажувач кој пријавил корупција на највисоките нивоа на власта“. Whistleblowing International отвори истрага за случајот Манчевски: „Тоа е едноставно одмазда затоа што тој успешно ја разоткри ‘филмската мафија’ на земјата“…

Случајот Манчевски сѐ уште нема завршница и по 4 години откако првпат пријави корупција. Дури и по промената на власта, Агенцијата за филм сѐ уште ги блокира неговите проекти, со што најтрофејниот македонски филмски автор не може да твори во Македонија.

За многу гледачи од светот „Пред дождот“ беше поттик да тргнат на пат и да дојдат да ја видат Македонија. Во архивата на Манчевски има стотици пораки и писма од гледачи од целиот свет кои сведочат за тоа.

„Пред 7 години слушнав за еден прекрасен филм наречен ‘Пред дождот’, на начин како што во дамнешните времиња некој би чул за тоа дека во градот е познат исцелител или мистик“, пишуваше еден гледач од Израел, и кажа дека оттогаш филмот го гледал повеќе од 10 пати, па дури со тројца пријатели дошол и во Македонија и отишол да ја види црквата на Канео во Охрид.

Триесет години по премиерата, на Оскарите 2024, во промотивното видео емитувано пред оскаровската церемонија во кое филмски уметници одговараат на прашањето кој филм ги инспирирал да посакаат да патуваат во земјата каде е снимен, легендарната актерка Глен Клоуз го избра „Пред дождот“.

„Постои филм што се вика ‘Пред дождот’ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара земја и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите“, рече Клоуз која има осум номинации за Оскар.

А дома, пак, за „Пред дождот“, но и за сите негови дела, има и такви на кои им пречи како Манчевски „нè претставува во светот“, а тоа најдобро се сублимира во забелешката „па, кај го најде тој скапан автобус?“.

Одговорот на Манчевски веќе 30 години е скоро ист: „Моите филмови не се пропагандни пораки. Тие се уметнички дела. И сепак, тие ја отсликуваат Македонија како земја во која живеат луѓе со комплексни судбини, со динамичен внатрешен свет и богатство на морално размислување. Тоа- и фактот дека од Македонија доаѓа вредно уметничко дело- е вистинската промоција на оваа култура. Не се слагам со вашата потреба земјата и културата да се пропагираат со санитетски кич или со вашето срамење од материјална сиромаштија. Важно е духовното богатство, и обидете се да го видите во себе. Во моите филмови тоа е повеќе од евидентно“.

Со својот став, своите постапки, со својот живот, тој покажува дека е можно и поинаку да се постои во Македонија.

[i] Анет Инсдорф, Аудио коментар, „Пред дождот“, ДВД, „Крајтирион колекшн“

[ii] Ann Kibbey, “Theory of the Image, Capitalism, Contemporary Film and Women”, Indiana University Press, 2005, стр.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.