27.11.2024
На денешен ден пред осум години нѐ напушти пoпуларниот, а веројатно и најпопуларниот и најомилен македонски телевизиски водител, Реџеп Пампур, кого јавноста го препознаваше по емисијата „Пулсирања“ и по неговата искрена насмевка, а пријателите по неговиот прекрасен другарски карактер.
Промоции, концерти, изложби, журки, беа негови омилени настани. А со колегите не пропушташе прилика за коктел-дружење.
Го нарекуваа и мајстор на анкетите.
Реџеп во Македонска телевизија (а и во други редакции) каде беше мегаѕвезда, немаше решение за работа. Беше хонорарец.
-Кога ќе му речевме:„Oди разговарај со уредниците“, велеше „Разговарав. Кој ти дава решение?!“, велат колегите за незаборавниот ТВ водител.
Се запознал со Џорџ Клуни на снимањето на филмот „Миротворец“ во Македонија, седеле на маса и Џорџ му побарал цигара.
Беше љубител на филмот. Љубовта кон филмот му го донесе големото пријателство со режисерот Ацо Ѓурчинов („Исправи се Делфина“) кој своевремено за Реџо рече дека е забавен, бескрајно шармантен и добро информиран човек, кому му нема рамен за дружење, пренесува новинарот Васко Марковски во своите пишувања.
Колегите со кои работел велеа пак дека било привилегија да се работи со него. Беше вицкаст и сакаше анегдоти, а бидејќи прифаќаше шега со насмевка, сакаше да му кажуваат дека има фризура која е иста како неговата и во фризерските салони ја нарекуваат “Пампурка”. Главна анегдота за него е она кое на шега знаел да го каже: „Јас во животот не барам многу. Да има колку за парче леб и- за виски!“
Беше љубител на мотори, но за жал една сообраќајна несреќа со неговиот мотор го врза за кревет последните години од неговиот живот, но и тогаш не забораваше да е љубезен и фин со сите.
Обожаван во секое друштво, а посебно кај шармантната девојка која беше негова најголема љубов до крај. Таа и ден денес со многу почит зборува за него и за љубовта што ѝ ја подари, а за неговата џентлменска култура вели му немало рамен.
Почитта за Тв за легендата е присутна и ден денес, кај сите кои го познаваа и ќе трае засекогаш.