Кристина Хаџиева со изложба „Невидливото видливо“

Во ликовниот салон на Дом на култура „Драги Тозија“ Ресен, на 27 ноември (среда), со почеток во 18 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Кристина Хаџиева, насловена „Невидливото видливо“.

Кристина Хаџиева е родена 1982 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2007 година, сликарски отсек со насока конзервација и реставрација, во класата на проф.Благоја Маневски и одреден период проф. Душан Перчинков. Во 2009 година, со уште неколкумина современи уметници, со јасна визија, ја оформуваат уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и основаат истоимен културен центар во Скопје. Кристина учествува во иницијативата и основањето (2012) на составот на уметничката група МОМИ со која реализираат голем број на изложби. Пионeр во ширење на учењата на Кундалини Јога според Јоги Баџан, во Македонија, и сертифициран учител по Кундалини Јога, одржува редовни активности, работилници, практики и предавања кои им помагаат на луѓето да живеат во благосостојба и со свесноста во Единство.

Кристина сега живее и твори во Преспа, како посветена мајка на Хари, каде активно одржува јогистички собири и настани.

– „Невидливото видливо“ зборува за моето трансформативно сликарско искуство и редефинирање како се поврзувам, творам и доживувам творештвото. Изложбата содржи одбрани дела преку кои рефлектирам и гледам позади создаденото. Ве поканувам во оваа атмосфера, преку споделување на моето сознание заедно ја прошируваме перспективата и начинот на кој гледаме и доживуваме ликовни дела. Воедно сликите се на продажба“- Кристина Хаџиева.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.