Да се биде учител е најблагородната, но и најодговорна професија и не случајно Мустафа Кемал Ататурк, кој со посебен пиетет мудро зборувал за учителот, добриот учител го споредил со свеќа која се троши за да им го осветли патот на другите.
Оваа изрека, како и уште повеќе вакви инспиративни мудрости беа кажани и изјавени на традиционалната манифестација на прогласувањето на “Просветен работник на годината за учебната 2023/2024 година”, што на 20 ноември 2024 година во Музејот на македонската револуционерна борба го организираше “Здружението на просветни работници на Град Скопје”.
Свеченоста беше спој од одлична програма, која ја водеше ученичката Нина Ламева, ученичка во III клас при Средното училиште “Јахја Кемал” и наградување на најдобрите наставнички, кои навистина се најдобри и избрани по повеќе релевантни и селективни параметри.
Сценската програма ја отворија децата од детската градинка “Весели Цветови”- објект “Сончоглед”, од Општина Кисела Вода, со познатата и омилена песна “Градот убав”.
Потоа се обрати Претседателката на Здружението, педагог Катерина Митковска Сирма.
-Денес за нас е голем и свечен ден во кој ги прогласуваме најдобрите меѓу најдобрите просветни работници на територијата на град Скопје во соработка и поддршка на Град Скопје, изјави таа.
По нејзиниот говор ученичката Нина Ламева се претстави со рецитацијата “Ода за учителот” од Венко Андоновски, а музички настап имаа учениците од IVа и IVв одделение при основното училиште “Стив Наумов” од Општина Гази Баба, кои ја исполнија песната “Благодарам учителке”.
Здружението им се заблагодари на своите блиски соработници и партнери, најпрво на издавачката куќа “Просветно Дело” која повеќе од две децении е нивни соработник, на директорката г-ѓа Весна Дуковска и директорот м-р Павле Петров како и на уредничките Сузана Томовска, Елена Новковска и Ксенија Маказлиева Трајчева, а во нивно име благодарницата ја прими уредничката Сузана Томовска.
Доделени им беа благодарници и на претседателката на Здружението Хуманитарно Културен Феникс- М-р. по правни науки, адвокат и поетеса Билјана Челик, на претседателот на Хуманитарни акции.мк Владимир Чолаковски, на претседателот на Европскиот институт за менаџмент, право и дипломатија проф. д-р Зендел Абедин Шехи и на м-р Верица Пандиловска Гичева.
Потоа следуваа настапи на Лана Дангева, ученичка во VI-1 при основното училиште “Вера Јоциќ” од Општина Гази Баба- рецитација на песната “Една успешна приказна”, како и музички настап на учениците од V-а при основното училиште “Партенија Зографски” од Општина Кисела Вода со песната “Мојата учителка”.
Благодарност преку доделување на благодарници беше изразена и до новинарката Марија Таушанска Анастасовска и до новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго, за успешната соработка.
Бидејќи Здружението на просветни работници на Град Скопје оваа година доби и Златна плакета од Светската поетска асоцијација за афирмација и негување на македонскиот јазик и литература, во оваа пригода му беше изразена благодарност на претседателот на Асоцијацијата г-дин Трандафир Симпетру кој живее и работи во Романија и потпретседателката Милица Паулус која живее на релација Германија- Македонија.
Исто така, оваа година Здружението организираше настан по повод 21 Март- Светскиот ден на поезијата, пролетта, екологијата, како и чествување на 90 години од раѓањето на великанот на македонското литературно творештво Петре М. Андреевски, и затоа во негова чест, претседателката Катерина Митковска Сирма и овој пат прочита нешто од неговото творештво.
Во учебната 2023/2024 година преставници од Здружението реализираа серијал од четири работилници со ученици и учители од областа на етно- педагогијата, насловени “Од ука и поука до наука” според книгата на проф. Крсте Велески “Крај девет гори”. Придонес во работилниците имаше и реномираниот писател Горјан Петревски со кој Здружението има плодна соработка, па така со учениците беа драматизираа текстови од оваа книга, беа претставени народни игри, обичаи, верувања, сказанија како и разни забелешки и записи од едно време како дел од етнолошките одлики на еден народ.
Многу заеднички активности, на кои веќе не им се памти број, Здружението има и со нивниот долгогодишен соработник, светски познатиот, а наш ликовен уметник и хуманист, кандидатот за Нобеловата награда за мир, Живко Поповски Цветин. Во учебната 2023/2024 година заедно одржаа една работилница во средното училиште Јахја Кемал насловена “Да кажеме НЕ за булингот, а да кажеме ДА за љубезноста и почитта“.
-Многу домашни и светски автори му имаат подарено свои песни во име на неговата мисија. Како почит кон него досега имам напишано еден серијал од четири песни, а како заокружување на неговата неколку децениска мисија Здружението ќе покрене иницијатива за отворање на Цветинов музеј на мирот и пријателството, кој би бил единствен и уникатен во светот како што е и самиот тој. Секој еден државник кој ќе ја посети Македонија, задолжително и по протокол да мора да го посети Цветиновиот музеј, па потоа да се разговара за политика. Како и секоја година така и оваа на добитниците на признанието им подарува по една своја уникатна слика со цвеќето на мирот како печат на неговото битисување, со оваа најава пред присутните претседателката го покани на сцена, по што уметникот на Здружението му ја врачи Цветиновата награда за мир и одржа кус говор.
Перформанс на пијано слушнавме изведен од страна на Ана Манчева и Гала Нановска, ученички при Државниот музичко- балетски училишен центар “Илија Николовски- Луј” под менторската палка на професорката по пијано, м-р Даница Стојанова. Потоа настапија м-р Даница Стојанова со професор Бобан Мирковски кој завршил во нејзината класа. Тие маестрално изведоа на пијано Валцери од Ј.Брамс за четири раце.
По богатата програма се дојде до најважниот момент на вечерта- прогласувањето на Просветен работник на годината на Град Скопје.
Митковска заедно со генералниот секретар на Град Скопје г-дин. Зоран Глигоров ги доделија признанијата.
1. За просветен работник од предучилишно образование и воспитание е прогласена Габриела Стојановска, воспитувач во ЈУДГ „Весели Цветови“- Општина Кисела Вода;
2. За просветен работник од предучилишно образование и воспитание Ениса Хасич, воспитувач во ЈУДГ „11 Октомври“ – Општина Бутел (од босанската заедница);
3. За просветен работник од основно образование, одделенска настава Билјана Арсовска, професор по одделенска настава во ООУ„Вера Јоциќ“- Општина Гази Баба;
4. За просветен работник од основно образование, одделенска настава Алша Окакач, професор по одделенска настава во ООУ„Партенија Зографски“- Општина Кисела Вода (од горанската заедница);
5. За просветен работник од основно образование, предметна настава Милица Патраклиева од ООУ„ Лазо Трповски“- Општина Карпош;
6. За просветен работник од редот на стручните соработници Биљана Василевска, педагог при ООУ „Стив Наумов“- Општина Гази Баба;
7. За просветен работник од средно образование Даница Стојанова, професор по пијано при ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“;
8. За особен 40 годишен придонес во воспитно-образовната дејност Јадранка Клисарова, од неодамна пензиониран професор по одделенска настава при ООУ „Блаже Конески“- Општина Аеродром;
На доделувањето присутни беа и претставници на Град Скопје, Генерален секретар г-дин. Зоран Глигоров, претставници од Бирото за развој на образованието, претставници од општините, од невладиниот сектор, синдикалните организации, Сојузот на просветни работници на Македонија, Друштвото на писателите на Македонија, почесниот претседател на здружението професор Раско Лозаноски, новинари, писатели, учители, ученици, родители.
***
Здружението е формирано на 28 декември 2000 година како стручно- научна, непартиска организација и легитимен претставник на просветните работници на Град Скопје.
Според своите донесени акти за работа, Здружението има многубројни активности во областа на образованието кои се јавно видливи на неговиот електронски медиум. Своите цели ги остварува преку просветните работници во општините кои гравитираат кон градот Скопје, нивните организациони облици како и разни институции и локалната средина. Здружението активно се занимава со третирање на општи и актуелни прашања од животот и работата на просветните работници и од сферата на воспитанието и образованието на младите.
Во органите и телата на Здружението- Претседателството или Извршниот Одбор, Собранието, Надзорниот Одбор и Комисиите учествуваат угледни професионалци.
Согласно Статутот на Здружението, секоја година се распишува јавен оглас на кој според одредени критериуми се прогласува просветен работник на годината на Град Скопје од предучилишното образование, од основно образовие и тоа од одделенска и предметна настава, од редот на стручните соработници и просветен работник од средно образование. Целта е да се истакнат постигнувањата и вложениот труд на просветните работници во реализацијата на својата воспитно- образовна работа.
Наградените секогаш се од редот на истакнати личности во образовната фела, автори на трудови, учебници, книги, прирачници, лектири, добитници на престижни државни награди како 13. Ноември, Мајка Тереза, истите се прогласени за најдобри просветни работници на Македонија како и надвор на поранешните југословенски простори.
-Да не заборавиме, просветниот работник е значаен фактор во воспитно- образовниот процес каде неговата улога во обликувањето на младата личност е незаменлива со било каква електроника. Без сомнение, неговиот труд спаѓа меѓу најсложените, најодговорните, но и најблагородните професии, посочија присутните и наградените.
-Кон учителот треба да се покажува почит и културен однос, беше исто така уште еден генерален заклучок од овој настан, од кој буквално сите, и учениците и наградените и гостите, си заминаа со широка насмевка и големо задоволство.
(Доделените благодарници на Томовска, Челик, Чолаковски, Шеги и Гочева, Таушанска Парго )