Вечерва промоција на илустрираната книга за деца „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски

„Сѐ убаво што постои на светов, создадено е од љубов“ – со оваа мисла и мото чест ни е да ве поканиме на промоција на нашето најново издание „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски со илустрации на Иванка НиБа. Промоцијата ќе се одржи вечерва од 18 часот во Лабараториум, пишува во најавата за овој убав културен настан каде во центарот е творештвото за деца.
Најубавите мигови од детството ги поминуваме во студените зимски ноќи, стуткани во ќебенце, со мече во рака или со омилената сликовница, во исчекување на првиот снег, со блеснати очиња и растреперени срца. Илјада прашања имаат децата во тие моменти. Па уште ако имаат и постара сестричка или братче расположени за одговори и за откривање на тајни – е, тогаш се случува магија. Цела ноќ можат да си раскажуваат.
Ама добро, навистина, па како се родила зимата? Кој ја знае таа тајна?!
„Сликовницата „Бакнежи на небото“ почнува со загатка – како се родила зимата со снегот и со неминовниот Снешко, која произлегува од љубопитноста на помалото дете, братчето Јаков. А ќе продолжи со разјаснување од повозрасното, сестричката Илина, која, пак, со оглед на својата возраст, сето тоа го открива преку сознанијата добиени од нивната баба. И сѐ така тече, кротко и неизнасилено, топло и спонтано, со слога и разбирање меѓу двете деца, за да се допре и кревката тајна на братчето Јаков дека ја сака Дарија од неговата група во градинката.
Ако сказната/приказната почнува со љубов, во тој дух продолжува и понатаму. На тој начин љубовта станува стожер во сликовницата „Бакнежи на небото“ и им ја открива на децата вистината на животот. Дека сѐ што се случува во природата и, воопшто, на планетата, е плод на љубовта. Уште и кога сознанијата доаѓаат од дете, повозрасната Илина, но, не и без љубопитноста на другото, помалиот Јаков, на тој начин имаме два главни лика кои, бездруго, ќе бидат засакани и прифатени од оние што ќе ја читаат.“ – Горјан Петревски
„Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски е нежна и лирична приказна за настанувањето на зимата, за љубовта меѓу облаците, раѓањето на снегулките…
Приказна за сите деца и родители чие љубопитство не згаснува, дури и кога ни се чини дека сме ги дознале одговорите. Едноставноста на јазикот, згуснатата имагинација и живите дијалози, го тераат читателот на постојано навраќање на прочитаното. „Бакнежи на небото“ се чита бавно и тивко, и топли како меко ќебенце во студена, снежна ноќ.“ – Николина Андова Шопова
Авторот на оваа приказна, Иван Антоновски за себе вели дека кога бил дете, како и сите деца, многу сакал да му раскажуваат приказни и да му откриваат тајни. – „Особено во зима, по првиот снег на којшто и тогаш многу му се радував… Годините минуваа, ама детето остана во мене. Иако веќе одамна сум голем за да можам како некогаш да се скријам зад вратата или под масата за да ги „откривам“ тајните на „големите“. Или за дома да ги носам снежните топки за да ѝ ги подарам на симпатијата. И знам дека „тајните“ на „големите“ не се интересни како оние детските. Детето во мене уште одамна посака да раскажам, запишам некоја приказна и да споделам некоја долго чувана тајна, којашто иако можеби е само дојдена од фантазијата, сепак имав/м чувство дека се пренесувала од генерација на генерација, со и за љубов. Но, не се осмелував да го сторам тоа… Сѐ дури не се појави една Илина што ем го распалави, ем го разнежни детето во мене. Му ја врати фантазијата и го потсети на јазикот на детството… За заедно да ја раскажеме приказната што долго чекаше да дојде зимата во која ќе биде откриена тајната. И ете, се случи, со „Бакнежи на небото“… Со многу емоции… И со желба за поубав и похуман свет за оние што остануваат по нас. Ама најмногу – со љубов! И се разбира, со снег…“ – вели Иван.
Снежната атмосфера и вивидните љубопитни детски лица во оваа приказна ги илустрираше Иванка НиБа. Нежно и меко, таа ја исцртува фантазијата во приказната за облачињата кои носат многу љубов.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.