Со изведбата на претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, Народниот театар Битола го одбележа 80 годишниот јубилеј на театарот. Во преполната сала, претставата и ансамблот беа поздравени со бурни и долги аплаузи. Пред премиерата беше презентирано историското катче на НТБ, изложбата на 100 плакати, постери, каталози на Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески, посветени на претставите во НТБ.
На почетокот многубројната публика ја поздрави директорот на Битолскиот театар, Васко Мавровски.
„Одговорноста беше голема и сеуште трае, бидејќи ова беше само еден дел од
настаните, не очекуваат уште многу премиери, уште многу работа, но сметам дека заедно со целиот колектив 69 вработени, завршивме голема работа, направивме римејк на претстава која се одиграла пред 80 години. Се работи за интегралната верзија на текстот, онаа која се играла пред 80 години. Ги имаме истите проблеми, само што живееме во некое друго време. Повторувањето 3 пати на истиот текст од тројца различни режисери е да не дозволиме да заборавиме дека тоа може повторно да се случи“.
Како што рече Мавровски, театарот го користеле како медиум во минатото.
„И ние како модерна театарска институција ги пренесуваме пораките преку театарот. Наше е да ги повикуваме и освестуваме луѓето во однос на оние клучни прашања, бидејќи во театарот не постои партија, кај нас театарот е на прво место. Идентитетот, јазикот, тоа е нешто што ние сме должни да го негуваме и ќе продолжиме на истиот начин“.
Меѓу присутните бројни претставници на другите македонски театри и вљубеници во театарската уметност. Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, со своја честитка.
„Би сакал да изразам огромна благодарност за сето она што Битолскиот театар го прави, посебно на генерациите кои продефилираа овде и на сите оние кои сега не се со нас, за се она што го подариле на градот, на државата. Се надевам дека уште многу јубилеи заедно ќе славиме и ќе се радуваме на вашите успеси, а ние сме тука како град, како локална самоуправа да го поддржиме во секое време, затоа што Битолскиот театар е нашиот културен амбасадор во светот“.
Јубилејот преку порака го честитаа и Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
„Со задоволство го чествуваме важниот датум на Народниот театар од Битола. Тој е една од најстарите и најпочитувани културни институции, надалеку позната по ширењето на духот на уметноста, не само дома во Битола, туку и на многу други престижни театарски сцени, на кои битолските актери и актерки изведоа маестрални претстави, добија бурни аплаузи и овации, се овенчаа со награди. Изминатите 80 години Битолскиот театар беше неуморен неимар и учесник во културниот и општествениот живот“, се вели во пораката на Силјановска Давкова.
„Битолскиот театар со својот квалитет потврди дека врвната уметност секогаш победува. Денес славејќи го минатото, гледаме во иднината. Уверен сум дека прославувајќи многу јубилеи, Битолскиот народен театар, со ангажираноста и со своите уметнички вредности, ќе остане пример за тоа како се создава и како се негува врвната театарска естетика“, истакнува Љутков.