Изложба на Елена Гелева во Галерија МКЦ   „Youclidean“

Отворање понеделник 18. ноември 2024 година во 20.00 ч.

Ќе трае до 30. ноември 2024

 

Елена Гелева изјави за својата иницијација околу изложбата „Youclidean“:

Поаѓам од англискиот јазик;

Изговорот на двете букви ‘Е’ и ‘U’ напишани една по друга и изговорот на заменката ‘You’, речиси не се разликуваат.

Првите две букви ‘Eu’ од зборот Euclidean (Евклидова) ги одземам, и ги заменувам со зaменката ‘You’(Ти).

Идејно, го позајмувам првиот постулат на Евклидовите „Елементи“

“1.Права отсечка може да спои кои било две точки.” за шеговито да го предлoжам единствениoт постулат на Youclidean;

“1.Kонсензус (права отсечка) може да спои кои било два набљудувачи (точки).“

 

Елена Гелева, Скопје, 14.11.2024

 

…Суштината во делата на Гелева кои кореспондираат со „Големиот бран“ на јапонскиот уметник Кацушика Хокусаи е:

-повторливоста на космосот со секвенци на привидна оригиналност.

Токму тие блесоци на временско индивидуално доживување можеме математички прецизно (ЛИКОВНО) да го восприемеме од платната на Елена.

Делата се… вид на тантра која е холистички пристап кон животот, кој ги поканува спремните поединци да ги истражат и интегрираат своите духовни и физички размери за подлабоко и поврзано суштествување.

Непотребно е било какво понатамошно анализирање и „дрдорење“ за делата на Елена Гелева која е земно млада уметница но од друга или иста страна, зрела и возрасна авторка која со своите дела има освоено врв, или една единствена точка од „големиот бран“. 1,1,2,3…

Есенско утро 11.11. 2024 Горјан Ѓорѓиев

 

На секое пишување има почеток и крај, на секое дело има почеток и крај, но гледајќи ги делата на Елена Гелева се вивнувам во безвременски и бесконечен простор во кој само треба да СИ и да го вдишеш. Во нејзиниот внатрешен свет вдишувајќи навлегов и останав во еден свет на форми и симболи, бои и нијанси обидувајќи се да дешифрирам што сакал авторот да каже.

Сфаќам дека нема никогаш сосема да го разберам авторот, во тоа е и убавината на уметноста, секој гледа низ својот внатрешен свет, секоја уметност поминува како низ сито преку нашата душа, нашиот внатрешен свет.

Оваа изложба се состои од дваесетина дела со различен формат, од грандиозни големи платна до средни не помалку грандиозни по квалитет. Поделени на неколку изразни теми, од шематски, ритмички, преку стилизирани фигурации до апстракции, овие дела ќе ве однесат на спиритуален пат низ вашата душа, ќе дишете подлабоко и побавно наспроти брзиот ритам на модерниот свет и ќе пловите низ богатството на нијанси и форми, приказни без зборови, слики кои лебдат во бесконечноста на просторот меѓу нашите души.

Весна Ничевска, 11.2024

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.