Даут пашин амам- Вангел Коџоман, 120 години од раѓање

19. 11. 2024, 20 ч.

 

Националната галерија поканува на изложба посветена на доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман која ќе биде реализирана во објектот Даут пашин амам по повод 120 години од неговото раѓање. Ќе ни биде голема чест и задоволство заедно да се потсетиме на неговиот живот и творештво, неговите портрети и пејзажи, боите и светлината на неговиот роден крај.

Оваа година се одбележуваат 120 години од раѓањето на академскиот сликар Вангел Коџоман. Почитта која му се оддава на уметникот значи повторна средба на неговите дела со публиката, кои по подолг временски период се изложуваат и нѐ потсетуваат на едно минато време забележано со вештата сликарска рака.

Коџоман ѝ припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност. Важно е да потсетиме на огромните напори што овие автори ги вложувале во своето творештво за осовременување на македонскиот ликовен и културен живот, кој се одвивал во тешки економски и општествено-политички услови. Тие твореле во времиња кога уметноста не ѝ била толку блиска на пошироката јавност, во период обележан од војни, сиромаштија и несигурност. Делата на овие автори за нас претставуваат и своевидно сведоштво за тие минати времиња, белези се што нѐ потсетуваат на промените кои се случувале, а кои уметниците ги доживувале на ним својствен длабок, емотивен, индивидуален начин.

Во творештвото на Вангел Коџоман тешко може да се издвојат одредени фази. Грубо, тоа може да се подели на два временски периода: пред Втората светска војна до 1950 година и од педесеттите до осумдесеттите години. Првиот е период кога во неговите дела се забележува академскиот реализам, како и постимпресионистичко влијание од белградската ликовна школа, додека вториот се карактеризира со веќе формиран личен колористички експресионизам кој преовладува во неговите дела, а со елементи од фовистичкото сликарство.

Она што најмногу ќе го обележи творештвото на Коџоман е неговиот придонес во обработувањето на многу различни теми. Интересот кон сѐ што го опкружува со помош на својот сликарски занает вредно го бележи, црта, слика. Се чини дека не постои тема која тој не ја обработува или, пак, не се обидува да ја стави на хартија, на платно. Масло, пастел и акварел се техниките со кои ги работи своите дела на темите: актови, портрети, пејзажи, мртви природи, како и дела со мотиви од староградската архитектура, дела со социјална тематика и дела со историска содржина. Сепак, најпрепознатлив е по пејзажот и портретот, во кои ги остварува своите најголеми и најзначајни дела.

Ликовниот опус на Вангел Коџоман е многу голем. Пред сѐ, тоа се должи на неговата мисла дека уметноста треба да биде меѓу луѓето, дека таа му припаѓа секому и дека не треба да биде ничија привилегија. Оттука ја црпи својата истрајност, дисциплинираност и посветеност кон работата. Третманот на сите техники во кои се изразува за него имаат иста важност и вредност, како и темите кои ги обработува во текот на својот творечки живот, што ќе го одбележи како особено плоден автор, препознатлив и запаметен како сликар на македонското поднебје.

До крајот на својот живот (1994) вредно, одговорно и со огромна љубов ќе биде посветен на својот занает: уметноста и сликарството. Улогата на Вангел Коџоман како еден од основоположниците на македонската модерна уметност ќе остане забележана и високовреднувана во историјата на македонската уметност.

 

Биографија

 

Вангел Коџоман е роден на 14.2.1904 во Струга, починал на 28.9.1994 во Скопје. Во 1930 во Белград завршил уметничка школа кај професорите Б. Вукановиќ, Љ. Ивановиќ, М. Миловановиќ.

Како ликовен педагог работел во Охрид, Белград и Скопје. Во 1955-1956 бил на четиримесечен студиски престој во Париз. До 1972 предавал на Педагошката академија во Скопје.

Во 1975 е избран за дописен член на МАНУ. Редовен член е од 1981.

Во 1974 во неговиот роден град Струга, отворена е Спомен куќа со постојана ликовна поставка.

Вангел Коџоман од 1941 учествувал на изложбите на ДЛУМ во Скопје и во други градови на поранешна Југославија.

 

САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ:

 

Скопје: 1938, 1958, 1972, 1976, 1981, 1994, 1995, 2001

Струга: 1961, 1962, 1974

Охрид: 1995

Торонто: 1975

Берлин: 1984

 

НАГРАДИ:

 

1955- Орден на трудот од III ред за културни дејности

 

1958- Орден на трудот од I ред за 25 години ликовно творење

 

1961- I награда на изложбата „Охридски мотиви“ во Скопје

 

1969- Октомвриска награда за животно дело на Р. Македонија

 

1972- Орден на Републиката со сребрен венец, Белград

 

 

1975- Дописен член на Македонската академија на науките и уметностите

 

1981- Редовен член на Македонската академија на науките и уметностите

 

1979- Награда АВНОЈ за општо значење за развитокот на СФРЈ во областа на ликовната уметност

 

1981- Награда „13 Ноември“ на град Скопје за особено плодно и успешно творештво

 

Куратор на изложбата е Александра Зиновски Вилиќ и истата ќе биде поставена до 20 декември 2024 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.