Со “Вадаико Саи” прославени 30 години дипломатски односи меѓу Јапонија и Македoнија 

Први Ноември 2024 година многумина среќници ќе го запаметат по присуството на ексклузивниот концерт во Македонска Филхармонија со кој се славеше јубилеј од 30 години пријателство и дипломатски односи меѓу Јапонија и Македoнија.

По тој повод годинава Амбасадата на Јапонија организираше повеќе јапонски изложби, концерти, работилници и прикажување на јапонски филмови, ама овој концерт беше јаготка на шлагот, а на него се случи врвна презентација на традиционални јапонски инструменти, дотолку повеќе што слушнавме како тие звучат во вештите раце на врвни млади јапонските уметници кои нѐ одушевија.

Концертот уште на сам почеток почнаа бомбастично и интензивно во изведбите, а во следниот час и нешто уживавме во досега неслушната музика која “ја произведуваат”  само перкусии и повремено кавал,  односно  таико што на јапонски значи тапан.

Групата млади музичари која настапи се вика „Вадаико саи“, талентирани музичари кои се формирани во 2005 година како вадаико ентузијасти во рамки на универзитетски клуб.

По освојувањето на неколку награди и здобивањето на популарност, тие почнуваат со професионални настапи во 2013 година. До денес, „Вадаико саи“ бројат повеќе од 2000 настапи и од 2017 година одржуваат концерти надвор од Јапонија во повеќе од 30 земји.

Јапонија е навистина пријателска земја на Македонија, а тоа се покажа преку гестот на самиот амбасадор Оцука Казуја кој одржа импресивен говор на македонски јазик, и на крај кога гостите уметници засвирија строфа од македонската химна, што направи салата да биде исполнета со стоечки овации, и тоа неколку пати.

Присуството на Претседателката Гордана Силјановска Давкова и високи владини претставници и министри, ја потврдија официјалноста на настанот, на кој на крај самиот Амбасадор во холот лично ги поздравуваше присутните.

Уметниците пред концертот одржаа  работилница во општинското основно училиште “Љубен Лапе” во Аеродром на која учениците научија дека еден тапан е со дијаметар од 45см и може да се користи и по 300 години, но и да произведе звук од 130 децибели, што е јачина на звук кој го произведуваат авионите.

Таико тапаните се интегрален дел од многу јапонски духовни ритуали и фестивали, а звучат како татнеж на грмотевици.

Сценските настапи со вадаико се моќни и динамични нагласувајќи го прецизното време, координација и моќните удари проследени со кореографија. Традиционално, таико тапаните се користеле за молитви кон боговите, затоа што се верувало дека тоа е единствениот звук кој боговите можат да го слушнат. Оттаму, тапаните се интегрален дел од многу јапонски духовни ритуали и фестивали. Тапаните, исто така, ги придружуваат традиционалните уметности, како кабуки- театарот.

Во последниве 30-40 години тие почесто се дел од сценските настапи. Таико тапаните се најчесто направени од тврди дрва, како јапонскиот јасен. Процесот на изработка, кој вклучува сушење на дрвото и обработка на кожата, трае пет години.

Вадаико уметноста продолжува да еволуира со времето и во Јапонија се пренесува од една на друга генерација и навистина е нешто што вреди.

Посакуваме да има уште вакви убави настани кои пријателска Јапонија ќе ни ги организира или подарува и во иднина.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.