Филмот “Традицијата продолжува” за преспанското село Кривени, награден на “Камера 300”

2.11.2024

Деновиве, на филмскиот фестивал “Камера 300” во Битола, документарниот филм “Традицијата продолжува” снимен во село Кривени за празникот Св.Јован, доби награда сребрен медал.

Режисер е Диме Талевски.

(Фото, ФБ група КРИВЕНИ МАКЕДОНИЈА)

Кривени– село во Општина Ресен, во околината на градот Ресен.

Местоположба на Кривени во Македонија

Координати 41°08′25″N 21°01′26″E

Регион- Горна Преспа

Општина- Ресен

Шифра на КО 23020

Селото Кривени се наоѓа на околу 5,6 километри (воздушна линија, сметано од средиштата на населените места) северно од Ресен, длабоко вовлечено во една од пазувите на планината Бигла и од сите страна опкружена со нејзините истурени разграноци. Соседни села се Лева Река (на северозапад; 2,5 км) од северозапад, Смилево (на исток; 7,6 км), Златари (на југоисток; 4,1 км) и Јанковец (на југ; 3,5 км), Избишта (на запад; 1,8 км).

 

Историски развој на селото

 

Кривени е старо (повеќевековно) христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Во неизменета форма на името (Кривени) селото е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано во Слепчевскиот кодик во 16 и 17 век (Селишчев), во 1519 и 1583 година во турските пописни документи од тој период (Методија Соколовски), во 1889 година во делата на Стефан Верковиќ, во 1900 година во делата на Васил К’нчов и Јован Цвијиќ, во 1902 година кај Лев Огненов, во документите и спомените од Илинденскиот период, во 1912 година кај Георги Трајчев, во 1925 година кај Ѓорѓе Киселиновиќ, а потоа кај Јован Хаџивасиљевиќ, Влогимјеж Пјанка и други.

Во врска со името на ова село, Влогимјеж Пјанка пишува дека е етничко, произведено од апелативот “крив/а река” со помош на суфиксот “-ени”. Денешниве кривенци раскажуваат легенди кои говорат дека нивното село името го добило по зборот “криени” (сокривани), се мисли на мештаните, веројатно некогаш во текот на турското владеење. Постојат и кажувања кои името на ова село го доведуваат во врска со некое покарактеристично криво крувче на претходната локација на селото.

Историско минато

 

До 1912 година селото беше под турско владение, но не и беговски чифлик. Активно се вклучи во подготовките и текот на Илинденското востание со своја востаничка чета водена од извесен Трајче (смилевчанец). Загинал еден жител, а селото беше ограбено и запалено (66 куќи).

Во Првата балканска војна (ноември 1912 година) падна под српско владение (прво српско), а во текот на Првата светска војна (октомври 1915 година) под бугарска окупација (прво бугарско). Подоцна, со поместувањето на фронтот низ селото поминаа и војските на Антантантата (француски, грчки, српски). Во оваа војна кривенци беа мобилизирани во војските на спротивставените страни (српската и бугарската), некои од нив, во различни периоди се бореле и на двете страни. Цивилното население било ангажирано во пробивање и поправка на сообраќајниците и изградба на фортификациски објекти.

По завршувањето на Првата светска војна, селото повторно се најде под српско владение (второ српско), под кое остана сѐ до 1941 година со сите последици на српската денационализаторска и асимилаторска политика (српска власт, српска војска и полиција, српски јазик и писмо, српски училишта и учители, српски цркви и попови, српска националност и презимиња и др.).

Во овој период селото беше во состав на општината Јанковец. Двајца кривенци (Панде Божиновски и Михаил Бочкаровски) учествуваа во редовите на интернационалните бригади во Граѓанската војна во Шпанија (1936-1939).

Во Втората светска војна (мај 1941 година) падна под окупација на фашистичка Бугарија (второ бугарско) под кое остана сѐ до неговото ослободување (септември 1944 година).

За цело време на војната, во месноста Јаворец на планината Бигла била поставена германска радио станица. Во оваа војна Кривени беше на страната на НОАВ. Во септември 1940 година беше формиран актив, а во март 1941 година ќелија на КПЈ, во септември истата година и организација на СКОЈ, а во јули 1944 година НОО. Во оваа војна загинаа тројца мештани.

 

Археолошки локалитети

 

Во атарот на Кривени постојат повеќе локалитети од археолошко значење и тоа: Старо Кривени, осамен наод од римскиот период. При обработка на земјата биле откопани и неколку питоси. Чешино, населба од доцноантичкиот период. Источно од селото во подножјето на Гричи Рид, при обработка на земјата наоѓа ни се темели од градежни објекти, ѕидани од кршен камен и кал, камење за рачно мелење и фрагменти од ќерамички садови, питоси и градежен материјал.

Во месноста Чешино, од десната страна на Чешинска Река, на падините од ридестата косина, на локалитетот Биолски Пат, постојат остатоци од градежни објекти, а некогаш биле наоѓани и други остатоци кои упатуваат на претпоставка дека таму некогаш имало живеалиште.

Кај кривенци постои предание дека, таму некогаш фатила некоја заразна болест, поради што луѓето ја напуштиле населбата, одселувајќи се негде во источните делови на земјата. Некои постари луѓе од денешново село Чешиново (Кочанско) некогаш раскажувале дека нивните далечни претци биле доселени од областа Преспа и дека тие во знак на сеќавање на претходното нивно живеалиште, новото го нарекле Чешиново. Недалеку од овој локалитет (од левата страна на Чешинска Река) постои локалитетот Оцон Куќи, а во негова непосредна близина се местата Грмаѓено и Црквиште на кои, исто така, постојат остатоци од објекти, а се наоѓани и други предмети (покуќнина и земјоделски алатки). Во месноста Кула некогаш биле пронајдени големи земјени купови.

Во Кривени постојат два верски објекта. Црквата “Св. Горгија”, во јужниот дел на селото (под селото), најверојатно подигната во текот на 19 век, а обновена во 1985 година. Во кругот на црквата се селските гробишта. Манастирчето “Св. Илија”, во месноста Чешино, подигнато во 1996/97 година од дарител автопревозник од Ресен.

Население во минатото

1948 532-

1953 521- 2.1%

1961 443- 15.0%

1971 302- 31.8%

1981 145- 52.0%

1991 73- 49.7%

1994 49- 32.9%

2002 27- 44.9%

2021 15- 44.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кривени живееле 450 жители, сите Македонци. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Кривени имало 520 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година Кривени се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 95 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.

Во 2002 година во селото живееле 27 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, од кои 14 Македонци и 1 останат.

 

Кривени е македонско село

 

Родови во селото се: Божиновци, Бочкаровци, Бојковци, Волчевци, Ѓуровци, Иловци, Јоцковци, Коловчевци, Кузаревци, Карадаковци, Лабачевци, Митановци, Милошевци, Мицковци, Мазевци, Недановци, Несторовци, Настевци, Наумовци, Писовци, Перевци, Павловци, Ризмановци, Рунчевци, Радевци, Секуловци, Старчевци, Стојановци, Салабашовци, Тодоровци, Трпевци, Талушевци и Танѕуровци.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

Староседелци: Божиновци со Грујовци (30 к.), Трпчевци со Бојковци и Павлевци (39 к.), Митановци со Милошовци (10 к.), Бочкаровци со Коловци, Јоцковци и Писовци (11 к.), Велковци (7 к.) и Несторовци со Сургуновци и Ѓуровци (3 к.)

Доселеници: Козаревци и Здравевци (2 к.) доселени се од селото Боиште кај Демир Хисар; Гроздановци (1 к.) доселени се од селото Бела Црква (Долна или Горна, или пак во прилепско).

Црква „Св. Ѓорѓи“ е главната селска црква;

Црква „Св. Илија“ е манастирска црква длабоко во планината;

Домот „Кривени“ е место за културни манифестации во средиштето на селото.

Археолошки наоѓалишта се Чешино — населба од доцноантичко време и Старо Кривени — осамен наод од римско време;

 

Редовни настани

 

Кривенци за своја општа селска слава го имаат Ѓурѓовден (6 мај), а за фамилијарни: Митровден, Св. Петка зимска, Пречиста, Св. Ѓоргија и Св. Никола зимски.

 

Историски личности и херои

 

Геро Ресенски – македонски војвода

Бише – ресенски војвода на ВМОРО во почетокот на 1903 година

Крсте Стојанов (1880 – 1905) – македонски издавач

Стефан Лазов – војвода на четата на село Перово во Илинденското востание

Димитар Талев Кипревски- македонски револуционер од ВМОРО.

Павле Настов Кузмановски- македонски револуционер од ВМОРО.

Стефан Лазаров Груевски- македонски револуционер од ВМОРО.

Сотир Лазов Груевски- македонски револуционер од ВМОРО.

Панде Димитров Божиновски- македонски револуционер од ВМОРО.

Сотир Јанков Божиновски- македонски револуционер од ВМОРО.

Тасе Мицев Божиновски- македонски револуционер од ВМОРО.

Ноне Божиновски- македонски револуционер од ВМОРО.

Тодор Стефанов Бојковски- македонски револуционер од ВМОРО.

Ефто Наумов Павлов- македонски револуционер од ВМОРО.

Нанчо Гошев Петковски- македонски револуционер од ВМОРО.

Панде Божиновски- учесник во Шпанската граѓанска војна. Бил во 11-та бригада- баталјон „Линколн“.

Михаил Бочкаровски (Калија)- Чарли (1895 – 1938), учесник во Шпанската граѓанска војна.

 

Иселеништво

 

Стари иселеници до 1949 година има во Бугарија (шест семејства), Аргентина (три семејства), Северна Америка (дваесет семејства), Австралија (четири семејства), Србија (едно семејство), Ресен (две семејства), Демир Капија (едно семејство) и во Битола (четири семејства).

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.