Симеон Иванов- Канго (познат и само како Канго е роден на денешен ден, 2 ноември, во 1951 година во Кочани, а почина на 26 март 2018 година.
Тој е македонски рок- музичар и гитарист, поет, сликар и основач на културното движење „Мактеон“ кое ја промовираше македонската нација, култура, јазик, а особено античко-македонското наследство на денешниот македонски народ.
Славниот Канго беше познат по својот необичен стил налик на легендарниот гитарист Џими Хендрикс.
Тој беше рокер кој до последен здив живееше рокерски.
„Канго“ (од родовскиот прекар на неговото семејство: Кангаловци од кочанското маало Доклевец).
Во 1970 година почнал да се занимава со музика.
Го негуваше жанрот рок и рокенрол.
Беше музичар, текстописец, поет, уметник, вокалист и свиреше на гитара.
***
Симеон Иванов е роден во Кочани на 2 ноември 1951 година, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на правниот факултет во Скопје. Беше оженет со својата љубов од младоста и татко на три деца.
Канго почна да се занимава со рок-музиката во раната младост, а во 2015 година го прослави 50-годишниот јубилеј со концерт во Домот на АРМ во Скопје. Во неговата долга музичка кариера, свирел заедно со речиси сите музичари од неговиот град и пошироката околина.
Канго беше гитарист, текстописец, аранжер, композитор и продуцент на неговата истоимена група, која работела во формацијата: гитара/вокал, бас гитара и тапани. Исто така, над 20 години, Канго беше сопственик на училиште за рок-музика каде го предаваше своето искуство на помладите генерации.
Има издадено седум музички албуми: „Воскреснување“ (1991), „Вознесување“ (1994), „Реинкарнација“ (1995)- албум со преработки на песни на легендарниот гитарист Џими Хендрикс, „Вдахновение“ (1996), „Проповеди“ (1997), „Проповеди“ (1998)- компилација на најдобрите песни на Канго по повод 35-годишнината од неговата кариера, и „Откровение“ (2007). Покрај многуте концерти во Македонија, Канго настапил и на Заечарската гитаријада во 1994 и 2001 година, а има одржано концерти во Нови Сад и во Белград (2004), како и во Виена (2004), а настапувано и во Москва и Холандија.
Канго е автор на четири збирки поезија:
„Воскреснување“ (1988),
„Вознесување“ (1989),
„Вдахновение“ (1990),
Поемата „Распетие“ (1997).
Со своето движење „Мактеон“, Канго организираше повеќе македонски космополитски средби, како и чествувања по повод раѓањето на Александар Македонски на наоѓалиштето Горно Гратче, на планината Осогово, во близината на Кочани.