Михајло Свидерски со романот „Последните денови на Ханс“ ќе гостува во КИЦ Софија 

Македонскиот писател Михајло Свидерски ќе гостува во КИЦ на РС Македонија на 25 октомври (петок) 2024 година, од 18:30 часот по повод својот роман „Последните денови на Ханс“ (изд. Персеј, превод Тања Попова). Ќе го претстави издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев. На настанот ќе учествува и преведувачката Тања Попова.

Во романот има загатка која веднаш ја зграпчува љубопитноста, извонреден психологизам кој го пленува читателот и пророчка длабочина со видение за невидливите кукловоди кои владеат со општеството.

Германски емигранти се населиле во едно зафрлено село некаде во Јужна Америка. Тие живеат во изолација, исклучувајќи ги посетите на малиот Сантијаго, кој му служи на стариот и болникав господин Ханс. Двајцата стануваат пријатели и момчето ги впива знаењата на беспомошниот и никому нужен старец. И додека селото е потресено од насилното преземање на власта во земјата (хунта, тоталитаризам), во болната свест на старецот, кој го крие својот вистински идентитет, вилнеат сеќавања од неговото минато – како понижено, малтретирано и угнетено дете, неостварен уметник, психопат диктатор, кој го потчинил половина свет со своето влијание… Зарем тој не е поврзан и со убиствата на луѓе од селото?

Роман во кој загатката не се открива до последната страница. Референците за конкретната историска личност се очигледни, но дали ликот е навистина тој, Адолф Хитлер? Читателот се претвора во детектив, во лавиринтите на психолошката драма.

Модерен европски роман кој може да се постави до делата на Шницлер, Џојс и Волф, неслучајно номиниран за најпрестижната македонска книжевна награда – „Роман на годината“ како и за Европската награда за литература.

Покрај маестрално извајаниот наратив, романот импресионира со своите болно прецизни размислувања за слободата, осаменоста, стравовите и насилството што раѓа насилство.

Михаjло Свидерски создал роман кој го надминува балканскиот регион и е дело од светска класа.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.