Уредник на рубриката: Филип Димкоски
Ирена Павлова Де Одорико е родена во Велес. Таа е истакната поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, преведувачка и есеистка.
Завршила Филолошки факултет во Скопје, при Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“. Магистрирала при истата катедра со тезата насловена: ,,Помеѓу автобиографијата и фикцијата или патот од автобиографското до психобиографското врз примери од творештвото на Силвија Плат, Радмила Трифуновска и Даница Ручигај“.
Ја одбранила магистерската во јуни, 2009-та година.
Инаку, Ирена Павлова Де Одорико од 1987 година почнува да работи во МРТВ, во радиото и телевизијата, од 1997-та преоѓа во печатените медуми, а од 1998-та година работи во ТВ ,,Телма“ во културната редакција.
Од 2015-та се здобива со, за неа, најзначајниот статус на слободен уметник, во чии рамки комплетно му се посветува на творештвото.
Авторка е на книгите ,,Велзевул“-првата книга песни објавена во 1999-та година, романот: ,,Номад“, поемите: ,,Новата Ева“, ,,Деколте длабоко“. Повторно му е враќа на романсиерскиот жанр со романот: ,,Потстанарка“ за која академикот Гане Тодоровски ќе напише дека ,,делото според концептот ги надминува границите на жанрот промовирајќи еден нов посткафкијански егзистенцијален апсурд на само себеси својствен начин преку повеќесложната метафора на ,,потстанарството“. И со тоа, оваа книга ретко може да најде свој парник не само во македонската туку и во светската книжевност“.
Сопствениот книжевен пат, Павлова го продолжува со книгите: ,,Од другата страна на животот“- книга есеи, поемата:,,Новиот човек“, ,,Антологија на заборавените македонски поетеси“, ,,Пенелопа-нет“ ,,Пенелопа во Венеција“, објавена во 2016-та година, Прозното дело:,,Емигрантка” ,,Просветлени посвети”-книга песни, ,,Марија од Магдала” за која ја добива наградата за најдобра поема во 2018-та година на книжевен фестивал во Битола.
Ирена Павлова Де Одорико, во 2001-та година влегува меѓу десетте финалисти на Европа за наградата ,,Рома-Тиволи-Европa“, а истата година учествува и на Светскиот поетски фестивал ,,Венециското биенале“, каде е селектирана и во светската поетска антологија под наслов: ,,Специјална едиција на Венециското биенале“.
Нејзините песни се застапувани во многу наши и светски антологии. Преведувана е на повеќе странски јазици. Добитник е на неколку наши и странски награди за литература.
ЗЕМЈА
Прво пеење
Вака искрено
Меѓу мене и тебе
Многу прашања имам
Што катаден ги запишувам со креда
На овој несигурен автопат
Оти понекогаш ми беше мајка
Понекогаш маќеа
Од оние
Бездушно неправедни
Домарки на правта
Што толку те исплаши
Па ме прогна
По патот на коњокрадците
Со нив
Во присилен галоп
Ни ваму
Ни таму
Опашката си ја јадам
Не знам
Која приказна
За тебе да ја раскажам
Дали онаа што личи на бајка
Со среќен крај
Или таа
За оној расчекор
Meѓу црвената нишалка
Од моето детство
И ова нему што
Распетие
Би сакала
Во овој миг
Да сум прилично духовита
Во оној секому познат
Аланфордовски стил
Со монтипајтонска иронија
Ама најмногу
Да си правам чешит
Онака
По вевчански
Но од Вевчани
До Венеција
Насмевките умеат
Да се загубат
Некаде попат
Како старечки бројаници
Би била штета
За ваквите патници
Како мене
Со посадено небеско семе
На лицето
А со нозе
Што се котват
Неодоливо безнадежно
Во студен корен
На една друга земја
И едно ново време
Во кое
Мојот читател
Веќе
Ќе го нема
Ти
Толку нерешителна
Јас така немушта
Ти секогаш целивана
Во мојот целибат од агон
И пак
За тебе
Ке запалам свеќа горе
Но овојпат не
Со нетрепетна рака
МРТВИ ДУШИ
Мртви се овие души
И не знам што
За кого раздаваат
Пченицата рти
На островот
На добрата надеж
На островот
На добрата душа
Но таа не живее повеќе тука
Онаму е
Каде има жива светлина
И отсутни
Заборавени тела
Имиња
И адреси
Глеј
Насмеан ангел
Раздава за душа
На синот
Од отецот
Се додека не воскресне љубов
Во срцето
На уверот
АДНАНОВИТЕ ДЕЦА
Нашиот сосед
Аднан
Имаше четири деца
На денот кога почина
Мојата баба
Тој
Заедно со нив
Го носеше ковчегот
Мојата баба
Ни правеше чај
И колачиња
Во форма на гулаби
Додека со неговите деца
Си играв мижитатара
Во чаирот
Од разиграни бои
И ветувања
Од рајски овошја
И срмени чинки
Го пиевме сите
Дури и турчинот
Што живееше
Над нас
Доктор Салајдин
Секому го препорачуваше
Дури и на босанката
Тетка Кимет
Откако ќе и го измереше притисокот
И велеше:
,,Тоа е навистина чај од рајот,,
Можеби токму од него
Пораснаа како арслани
Аднановите деца
Кои на денот на смртта
На мојата ангел-баба
Без да потклекнат
Ја носеа на раменици
Како да носат
Еполети на вечноста
Ја крепеа нејзината нова куќа
Додека рамениците на дедо ми
Клапнаа
Како ранети крилја
Никогаш нема да го заборавам
Нејзиниот чај од рајски треви
Му рече Аднан
На мојот дедо
И така
Замина таа
Во земјата рајска
Каде се сега
Моите соседи
Аднановите деца
Дали децата на неговите деца
И на нашите деца
Ќе пијат рајски чај
Од оваа земја
Чиј ковчег ќе носат
Чиј аманет ќе исполнат
Додека народот тажи
По големата добрина
Редејќи бројаници
На едно
Заборавено минато
Во една наското заборавена земја
Ќе стојат ли
Саде простум
Со спуштени раменици
Како ранети галебови крилја
Орелот е мудар
Само на врвот
Од сопствената планина
Секој друг врв
Има птица своја
Умееше да каже
Чичко Аднан
Таткото на оние деца
Што ја носеа
Куќата на баба ми
На оној свет
Сечиј што е