Пишува М-р Татјана Гогоска
Деновиве повторно тажна објава од Зоолошката градина Скопје. И овој пат трогателно, како што сѐ секогаш објавите од оваа популарна, но за жал во последно време само по неубави случувања, културна институција во Градот Скопје, каде живеат стотици животни од дивиот и домашниот свет.
Некако стана пракса во последниов период, од Зоолошката градина да има единствено објава, кога ќе угине некое животно а се објавува само за оние капиталните, заради кои најмногу доаѓаат посетители.
Овој пат тажна објава за угинувањето на лавот Жика, кој повеќе од една година се бореше со појавата на тумори. Пред само еден месец, јавноста беше вознемирена за угунувањето на слоницата Дуња, која исто така беше подолго време болна, пред тоа жирафите Флопи и Каспер а во меѓувреме се случи мистичното труење на трите прекрасни Пржевалски коњи и на сето ова како плус се угинувањето на два волка, бизонот, сибирската лавица и да не набројувам, затоа што списокот е долг.
Едно е највистиното, во последниве безмалку две години, Зоолошката градина Скопје ги доживува најлошите денови, кога после 15 години го загуби статусот на кандидат, за членка на ЕАЗА (Европската Асоцијација на Зоолошки и Аквариуми) а со тоа изгуби многу. Во меѓувреме остана и без нефункционалниот ветеринар а за жал нов ветеринар, како што заслужуваат овие прекрасни жители не добија.
Јавноста со право вознемирена, информациите и од ЗОО и од Градот се рестриктивни, што создава нејаснотии и простор за шпекулации.
Да се потсетиме дека ЗОО Скопје има две основни функции, првата да се грижи за благосостојбата на животните а втората да ги едуцира пред сѐ децата но и возрасните за значењата на ЗОО и за животните. И ако во вториот дел имаше активности и раздвиженост, сега за жал и тоа го снема. Се сѐ прави со импровизација и недоволно. А за првата, грижа за благосостојбата на животните, очигледно дојде време да се вклучи силно АЛАРМ, за животните да бидат спасени.
И, за да не се надмудруваме, зборуваме со факти поаѓајќи од онаа народна мудрост, “рибата смрди од главата“. За очајната состојба на ЗОО, најлоша откако постои оваа установа се заслужни главните: Градоначалничката на Скопје, која веќе четврти мандат како в.д. директор му доделува на актуелниот директор, во чие време угинаа од “болест, старост, труење и под неразјаснети околности“, многу капитални животни.
Да потсетиме на уште непобитен факт: наместо Градот да ги стави како приоритет обновата на живеалишта и подобра благосостојба на животните, Градоначалничката фокусот го стави на непотребната Ботаничка градина, ако се знае дека ЗОО Скопје граничи со Градскиот парк, кој е сместен на илјадници квадратни метри и оваа градина во рамки на ЗОО е комплетно непотребна а се потрошија неброени народни средства. И сето тоа со амин и без збор, од актуелниот од неа поставен директор. Кои се причините можеме да претпоставуваме, но сигурно еден ден ќе излезе на виделина и ќе сѐ расчисти маглата, која се создаде околу ЗОО а од неа најмногу страдаат невините животни.
И за крај: за две години Зоо Скопје ќе одбележува 100 години постоење, секако ако го преживее овој лош период. И веќе требаше да биде отпочнато одбројувањето, со бројни активности а не со сѐ почести некролози, како објава за некое ново угинување.