ЕМИРА КАЗИЌ: Мојата поезија својата круна ја доби во Битола и стана дел од светската библиотека во Болоња!

Сите ја познаваат, сите знаат за неа и за нејзините успеси. Сите во тој балкански поетски круг. Затоа што нејзината поетска реч доминира уште од многу поодамна, а сега добива и европски одблесоци.

Госпоѓа Емира Казиќ е родена во Приједор, БиХ, СФР Југославија. За себе ќе рече дека е “Поетеса на љубовната поезија” и “Сонувач на јаве”.

*”Емира Казиќ, големата поетеса од Приједор”. Вака накратко би Ве претставила со само неколку зборови, но секако тоа би било само кус вовед, во интервју во кое за Вас би кажале доста повеќе работи. Навистина, Вие сте позната балканска поетеса, која публика ја дозна од активните учества на многуте литературни манифестации низ регионов.

– Јас сум поетеса од моето родно Приједор, и мило ми е што се слушна надалеку за мене. Но, јас најмалку сум во Приједор, таму имав само една но многу успешна промоција. 30 години живеам во мојата втора татковина, во Германија, во земја која ми пружа сѐ што изгубив преку ноќ. Сега мојата татковина е цела Европа.

*Вие бевте просветен работник, со дипломира по одделенска настава и српско хрватски јазик од Педагошката академија во Бања Лука, а сега сте во пензија. Со поетскиот збор сте почнале да се занимавате уште во младоста, уште тогаш сте зеле учество на конкурси и манифестации. Поточно, поетеса сте од кога знаете за себе.

– Мојата љубов кон пишувањето кај мене се роди со моите први букви. И од мали стихови во списанија, прерасна до мои книги во националната библиотека во Болоња. Но, токму така. Најголемиот успех и најдрагото признание што ми даде крилја да полетам во магичниот свет на поезијата ми дојде во 1963/64 година од Белград. Како ученичка во учителска школа ја добив првата награда на ЈАТ, на територијата на цела СФРЈ, за текстот за првите пилоти на слободното небо на Југославија.

*Живеевте во Босна и Херцеговина во која изминативе децении поминаа многу разни ситуации и слики пред очи, каде за да се пишува би се добио инспирација од реалноста, природата, убавината, традицијата, сплотеноста, заедништвото, или можеби историјата, немилите случувања, војната, загубите…Но, потоа се преселивте надвор од Вашата родна земја.

-Јас бев одделенска наставничка од 1965 до 1992 година, кога во лудилото што ја обзеде мојата земја ги изгубив работното место и домот и слободното небо за кое сонував. Животот продолжи. Се закотвив во околината на Штутгарт, го собрав семејството и продолжувам таму каде што застанав. Во најтешките моменти запишував и оставав под перница кратки записи. Немав време за посериозно пишување, се борев за гол опстанок и за да си ги спасам децата во туѓиот свет. Успеав и во тоа. Но, таа моја среќа немаше долг век.

* Да, ми кажавте за време на нашата прва дружба на Нишвил (учествувавме на поетскиот фестивал Jazz&book session н.з.), дека за жал го загубивте сопругот, еден од Вашите животни столбови.

– Во 2019 година останав без мојот драг сопруг. Тогаш поезијата го зазеде своето место заедно со мојата тага која обои добар дел од мојата поезија. Со поддршка од моите драги деца ги објавувам првите стихови чувани под перница. “Шепоти на душата моја” е мое првенче кое излезе во Нови Пазар со 230 песни. Благодарение на Енес Никшиќ како уредник и рецензент, во Нови Пазар ја одржав и првата промоција. И тогаш сè тргна по патот на поезијата. Моите први патувања по поетски патеки започнаа од Белград. Јас повторно во Белград. Со меѓународното книжевно здружение “Месопотамија”, со драгиот Сабах ал Зубеиди, кој повеќе не е меѓу нас, тргнувам од Нови Сад, Темерин, Ниш. Патиштата се вкрстуваат од Ровињ, Пула, Сплит, Сараево, Ниш, Бихач… Оттогаш е отворен патот на мојата поезија. Се отвора моето поетско небо без граници. Јас сум член на Културе снова, Книжевност која се чита, Српско бугарско пријателство, Балканска културна унија, Завичајни пјесници Приједора, Босанска книжевност у Приједору, Ријечи са Уне … Поезијата ме прошета низ целата моја татковина без граници.

*Сега ќе се осврнеме на Вашите книги. Колку имате издадено?

– Мои книги се испечатени во Загреб, Сплит, Рашка… Застанувам во древниот стар град Битола. Во градот кој има душа, мојата поезија го достигна врвот на успехот и славата. Таму добив бесплатно печатење на една збирка и тогаш тргнува нашиот посериозен и поголем проект. Покрај изданието со група автори, се одлучувам за посериозна соработка со “Фондација Такец” на чело со почитуваната д-р Гордана Такец. Благодарение на неуморната госпоѓа Такец и тимот под раководство на Игор Фоје го постигнав мојот најголем успех. Во еден здив издавам том на љубовна поезија од осум збирки. Истата година бев застапена со неколку песни во четири книги кои почитуваната проф. д-р Такец успешно ги испрати во Болоња, каде што заземаат почесно место за зачувување на националните вредности на Балканот. Колекција “Вино и љубов” од госпоѓа Такец токму сега се подготвува на македонски јазик. Очекувам оваа пролет да се најде на полиците на библиотеките во Македонија…Така Битола стана мојот драг град во кој со задоволство се враќам. Поединечно, од моите драги пријатели, успешните поети “Алики Михаледу” од Кипар, моите песни беа преведени и на грчки јазик. Засега не сметајќи ги збирките со други автори, мои самостојни наслови бројам 15. Сето тоа го постигнав во периодот од 2019 година до 2024 година. Дозволете ми да ги спомнам и безбројните колекции на групи чиј член сум и јас, каде што секогаш сум застапена. Продолжувам да соработувам со сите кои ми подадат рака. Благодарна сум и за поканата на книжевната куќа на градот Марибор, каде гостувам утре, на 17.10.2024 година и со тоа би ги заокружила желбите да ја поминам целата наша поранешна татковина.

* Имате и доста награди, а сигурно ќе имате и уште повеќе.

-За награди накратко би рекла дека сум добила, не го ни знам нивниот број. Да ги споменам Специјалните и Златните дипломи и медали, кои ги имам многу. На крајот би сакал да ги издвојам наградите кои ми се исклучителни драги од “Фондацијата Такец” на чело со профедор д-р Гордана Такец “Награда за животно дело” и “Оскар за поетски достигнувања”. И понатаму подготвувам нови наслови за наредната година. Се радувам на нови патувања, средби и предизвици на полето на поезијата. Имам план да се погледнам во огледалото на прозата. Со нетрпение очекувам да се сретнам со драги пријатели од целиот свет…

* Овде сакам да се осврнам и на една ретка но силна релација која владее меѓу вас и познатата црногорска писателка и поетеса Гордан Сариќ, која главно пишува поезија за мир и со која често патувате. Веќе сте препознаени и како тандем. Би напишале ли заедничка поема? Би објавиле ли заедничка книга?

-Посебно место во тој пријателски колаж зазема мојата драга пријателка и сестра по перо, мојата Гордана Сариќ од Никшиќ, поезијата нѐ зближи и ништо не е невозможно на тоа поле. Од нас можете да очекувате сѐ.

*Мирот е вредност на кое не смееме да останеме рамнодушни и мораме да се бориме и залагаме секој на свој начин. Ве очекуваме во Македонија.

-Веќе имам термин во Македонија за напролет. Ви благодарам за овој пријатен разговор и топли поздрави со пораката “Сакајте луѓе, љубовта нема цена!”. Со почит вашата Емира Мира Мирка Казиќ.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.