Во Манастирот св Јован Бигорски, денот од големиот празник Иванден, кој е слава на овој верски вековен храм, беше збогатен со изложба на стари традиционални македонски носии од дебарско-реканската етнографска целина.
Станува збор за 11 комплети најстари носии, коишто хронолошки можат да се следат од 17 до 19 век. Претставени се носии на Мијаците од областите: Река, Азот и Железник, како и носии од Дебарско Поле, Голо Брдо, Дебарски Дримкол и Горна Река,како и Мијаците Смилево, Крушево и Папрадиште.
Најголем број од носиите се невестински, но има и момински.
Изложбата поставена во манастирската галерија е плод на повеќегодишната соработка на бигорскиот игумен, Архимандрит Партениј, со ансамблот „Македонија“, предводен од неговиот уметнички менаџер, проф. д-р Владимир Јаневски. Изложбата ќе биде отворена два месеца, јули и август лето Господово 2019.