Денес се празнува Иванден- раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов

Свети Јован Претеча- Крстител Господов-Пророк кој оди пред спасителот 
Така го нарекуваат овој меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува, со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.

Именден празнуваат: Иван, Иванка, Ивана, Јана, Јанко, Јане,……

Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот Архангел Божји Гаврил му се јавил на првосвештеникот Захариј во јерусалимскиот храм. Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, Архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица. Захарија не поверува веднаш во зборовите на Божјиот известител и затоа јазикот му се врза со немост, па остана нем сè до осмиот ден по раѓањето на Јован.

Тој ден се собраа роднините на Захарија и Елисавета за обрезание на младенецот за да му биде дадено име. Па кога го прашаа таткото кое име би сакал да му го даде на синот, тој бидејќи нем напиша на табличка: „Јован“. Јазикот му се одврза во тој час и тој почна да говори. Домот Захариев беше на височината меѓу Витлеем и Хеврон. Гласот дека на Захариј му се јавил Ангел Божји, дека онемел, а потоа му се одврзал јазикот штом го напишал името Јован, се разнесе по сиот Израил. Овој глас дојде и до Ирод. Затоа Ирод, кога испрати да се заколат децата во Витлеем, прати луѓе и во ридското престојувалиште на Захариевото семејство, за да го убијат и Јован. Но, Елисавета благовремено го сокри детето. Разјарен од ова, царот Ирод испрати џелати кај Захариј во храмот (зашто се погоди тој повторно беше чреден за служење во ерусалимскиот храм) да го убијат. Захариј беше убиен меѓу притворот и храмот, а неговата крв се засири и се скамени на плочите и остана како неизбришливо сведоштво против Ирод.

Елисавета со детето се скри во една пештера, во којашто набрзо таа умре. Младенецот Јован остана сам во пустината, препуштен на грижа на Бога и Неговите Ангели.

 

Обичаи и верувања
Со овој голем верски празник, Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се собира папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.

 

Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале Тајанее, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што, исто така, пееле песни и собирале подароци, од кои потоа правеле заедничка вечера.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.