Љутков: Културните и креативните сектори се основа за мобилност меѓу земјите од Западен Балкан

1.10.2024
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска учествуваше на тркалезната маса посветена на културните и креативните сектори, а во рамките на министерската средба посветена на управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука, истражување и иновации и култура.
Министрите за култура од Западен Балкан дискутираа за предизвиците и иницијативите поврзани со: заштитата и промоцијата на материјалното и нематеријалното културно наследство како ресурс за инклузивен, економски и одржлив развој, потребата за градење капацитети и професионални вештини во оваа област, особено во однос на управувањето со ризикот во време на климатски промени.
Културното наследство и неговото ставање во функција на одржлив економски и социјален развој, според Љутков, отвора низа можности за соработка и размена на знаења и искуства меѓу Западен Балкан и Европската Унија.
– Земјите од Западен Балкан, со поддршка од меѓународните организации, веќе соработуваат во областа на заштитата на културното наследство, а кај нас добар пример на автентична конзервација и презентација на културното и природното наследство и остварување на економско-социјалниот потенцијал претставува Музејот на вода во Заливот на коските на Охридското Езеро– рече Љутков.
– Климатските промени на глобално ниво, пак– додаде тој– се сериозни предизвици кои наметнуваат нови пристапи за заштита на културното наследство. Во тој контекст, како што рече, новите стратегиски документи за културно наследство го опфаќаат и делот за влијанието на климатските промени врз археолошките локалитети и сите други заштитени објекти и културни целини.
Министрите за култура разменија информации и искуства и за успешните иницијативи поврзани со регионалната соработка и мобилност на уметниците и културните професионалци, а воедно ги изнесоа и своите предлози за регионална и европска соработка.
Како предуслов за поширока соработка на уметниците во регионот, вклучувајќи ја и нивната мобилност, беше посочена поголемата афирмација и користење на поволностите што произлегуваат од потпишувањето на билатералните договори. Во тој контекст, беше потенцирано и значењето на програмата „Креативна Европа“ и нејзините иницијативи и акции „Ај-портунус“, „Културата ја движи Европа“ и „Изведбена Европа“, но и на европските мрежи кои подетално ги третираат прашањата поврзани со мобилноста.
Во однос на мобилноста на уметниците, Љутков ја потенцираше и важноста од прогласувањето на Скопје за европска престолнина на културата за 2028 година.
– Свесни сме дека сите ние во нашата држава имаме исклучителна одговорност во реализацијата на активностите што ќе следуваат, а со цел да го претставиме Скопје во европско светло. Активностите во овој процес несомнено ќе ги стимулираат и ќе ги поддржат мобилноста на уметниците и размената на знаења и искуства на културните професионалци, но и на професионалците од сродните релевантни сектори со нивните колеги од регионот, Европа и пошироко– рече министерот.
Според Љутков, Министерската конференција е уште една потврда дека регионот на Западен Балкан и евроинтегративните процеси се високо во агендите на актуелните и на идните политики на Европската Унија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.