Се најавува третата резиденција во рамки на проектот RE-IMAGINE: Зелен уметнички пристап и продукција, која се одржува во Скопје, од 30 септември до 4 октомври 2024 година. Резиденцијата, организирана од Локомотива, има за цел да ги истражи одржливите уметнички практики кои интегрираат свесност за животната средина во креативните процеси и идејата дека работејќи заедно на реобмислување на уметноста ќе придонесе во позелена иднина.
Резиденцијата, на која ќе присуствуваат 25 уметници и продуценти, е фокусирана на одржливи уметнички практики, каде преку програмата нуди можност на учесниците да научат и применат зелени решенија во својата креативна работа. Во текот на резиденцијата, учесниците ќе учествуваат во низа интерактивни работилници, предавања, дискусии и презентации, на теми како: Хиерархија на материјалите и зелен дизајн во изведувачките уметности; Театар на специфични локации и интерсекционалност на еколошката одржливост и општествената одговорност, Нови пристапи во уметничкото творење: Зелено како креативен предизвик, Сајт специфичен театар и јавен простор, и презентација за работните услови во културата кај нас „Прекарност за почетници“. Работилниците како создавањето „Ремени од остатоци“ и „ Зелен кодекс на однесување“, ќе го нагласат значењето на рециклирањето, на етиката во творењето во културата и уметноста, додека менторските работилници ќе им помогнат на учесниците да го развијат продукцискиот и уметничкиот аспект на нивните зелени проекти. Во рамки на резиденцијата ќе се одржи и дискусија на тема „Зелени партнерства и политики“ на која ќе учестуваат претставници од организации, колективи, како и креатори на политики.
Резиденцијата, исто така, ќе вклучи водени тури и дискусии за зелени политики, нудејќи увид во практичната примена на еколошките практики во уметничката продукција. Додека работат на своите проекти, учесниците ќе имаат можност и да го запознаат локалниот контекст. Резиденцијата има за цел не само да ги опреми учесниците со алатки за инкорпорирање на одржливоста во нивните уметнички процеси, туку и да поттикне колаборативна средина за реобмислување на тоа како уметноста може да придонесе за позелена иднина.
Со нетрпение очекуваме да ги поздравиме учесниците на оваа инспиративна резиденција, каде што ќе стекнат непроценливо знаење и вештини за да ја поттикнат зелената трансформација во нивните организации, велат организаторите.
Проектот RE-IMAGINE е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија, како и Министерството за култура на Република Северна Македонија и Фондацијата Хајнрих Бол.
Конзорциумот на проектот обединува организации кои се меѓу пионерите во своите земји во однос на промоцијата и имплементацијата на зелени политики во културниот и креативниот сектор и ја презедоа водечката улога на застапмици за еколошка и одржлива уметничка продукција. Конзорциумот е составен од Локомотива (Скопје), Green Art Incubator (Србија), Pro Progressione (Унгарија) и Arte Urbana Collectif (Бугарија).
Зелен уметнички пристап и продукција: Tрета резиденција во рамки на проектот RE-IMAGINE
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.