Од 12 до 14 јули, Галичник ќе се биде исполнет со звуците на традиционалните зурли и тапани, по повод 46- тото издание на културно-сценска и традиционална манифестација, Галичка свадба. Организаторите велат дека и годинава ќе има многу интересни содржини, а очекуваат и гости од земјава и странство кои ќе имаат можност да уживаат во уникатните свадбарски обичаи и ритуали, проследени со богатиот колорит на народните носии и изворните песни и ора карактеристични за овие краеви од Македонија.
Во центарот на вниманието и на најпознатата македонска свадба, ќе бидат галичката невеста Марина Петровска и младоженецот Огнен Караѓозовски, кој по потекло е од Галичник.
Од огромно значење за организирањето и одржувањето на атрактивноста на оваа автентична манифестација е поддршката што ја обезбедуваат големиот број нејзини партнери и помагатели. Еден од нив е компанијата „Пивара Скопје“, која е партнер на манифестацијата од нејзините почетоци и која, и оваа година, покрај финансиска поддршка, обезбеди и соодветна количина пијалаци од своето портфолио за сите учесници во свадбeната церемонија.
Како и секоја година, почетокот на годинешната Галичка свадба ќе биде означен в сабота, на 13-ти јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши в недела, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.