Во Чифте амам, на 1 октомври 2024 гпсиба
(вторник), во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба на Емил Шулајковски под наслов „Сенки во облаците“.
Во најновата изложба на Емил Шулајковски под наслов „Сенки во облаците“ (2024), со која на извесен начин се одбележува и тридецениското творештво на овој автор, не може да се избегне импресијата според која тој својот карактеристичен ликовен ракопис го заснова и дефинира преку бојата како основен сликарски постулат. Како една од основните карактеристики на сликарството на Емил Шулaјковски за почеток може да ја издвоиме доследноста на константата која подразбира визуелизација на доживувањата преку експресионистичка изразност со боја врз платно, при што авторот ги спојува лирската апстракција и апстрактниот експресивен гест во динамични ликовни форми со пантеистичка животна и уметничка филозофија.
Изложбата насловена „Сенки во облаците“, е составена од пет одвоени циклуси, создадени во период помеѓу 2022 – 2024 година (при што доминираат слики од 2023 и 2024 година, но се претставени и неколку дела од 2019 година), со издвоени наслови „Градина на задоволствата“ (2019-2023), „Трансформација на симболите“ (2023), „Рефлексии на моментот“ (2023-2024), „Виор во мислите“ (2023-2024) и „Сенки во облаците“ (2023-2024), изведени во техниките масло и акрил на платно, како и акварел на хартија, што од своја страна претставува увид во еден опсежен творечки континуум, во кој на извесен начин се сублимирани „состојбите“ на емоциите и свеста, односно личната естетиката на создавањето.
Во обид формалнистички да се расчленат и анализираат претставените циклуси, работени во речиси ист временски период, ќе започнеме од „Градина на задоволствата„ во која разновидните бои се базираат на пастелност и светлина, во „Рефлексии на моментот“ боените партии сугерираат несвесен виор со форми во различни бои и дрипинг моменти, „Трансформацијата на симболите“ е динамичен спој на контрастни јаки бои, кои продолжуваат асоцијативни форми во „Виор во мислите“, додека комплетната сфумато смиреност ја достигнува во последниот циклус „Сенки во облаците“. Токму овој последен циклус манифестира значителна смиреност во однос на претходните циклуси, при што боите се сублимирани и доведени до степен на симплифицираност и прочистеност на ниво на сенка и светло, без оглед дали изборот на бои е со ладен или топол фон, а самото естетско доживување се движи од асоцијативна лирска апстракција до магичен реализам.
Емил Шулајковски е роден 1969 во Скопје, Македонија, дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Реализирал 28 самостојни изложби во Скопје, Кавадарци, Куманово, Тетово, Битола, Охрид, Белград, Ниш, Подгорица, Љубљана, Силер Сити, Лексингтон, Њујорк, а учествувал на преку седумдесет групни изложби. Неговите дела се застапени во приватни и јавни колекции во Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, БиХ, Грција, Кипар, Албанија, Бугарија, Италија, Ватикан, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Англија, Ирска, Полска, Чешка, Финска, Швајцарија, Белгија, Холандија, Луксембург, Норвешка, Русија, Турција, САД, Канада, Кина, Сингапур, Јапонија и Австралија. Добитник е на четири национални награди за сликарство.
Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос, и истата ќе биде поставена до 20 октомври 2024.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.