Друштвото на писателите на Македонија денес 16.09.2024 година, на прес- конференцијата ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година.
Добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2023 година е романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на „Матица“. Наградата „Стале Попов“ беше доделена од жири- комисијата во состав: Гордана Јовиќ-Стојковска (претседателка), Оливера Ќорвезироска и Стефан Марковски (членови).
Добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија за 2023 година е делото „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, во издание на „Арс Ламина“. За наградата „Ацо Шопов“ одлучуваше жири-комисијата во состав: Елена Пренџова (претседателка) и членовите Снежана Стојчевска и Зоран Јакимоски.
Добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за 2023 година е делото „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска, во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчески и Билјана С. Црвенковска, а е илустрирано од Оливер Коларевски. За наградата „Ванчо Николески“ одлучуваше тричлена жири- комисија во состав: Сузана Мицева (претседателка), Наум Попески и Стево Симски.
Наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година ја добива книгата „Птици во аквариум: надреализам, 1924-2024“, од Лидија Капушевска- Дракулевска и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“. Наградата „Димитар Митрев“ ја додели тричлената жири-комисија во состав: Иван Додовски (претседател), Соња Стојменска- Елзесер и Елизабета Бандиловска.
Поради недоволен број пристигнати конкуренти (пристигнати се две дела, а потребно е да има најмалку три дела во конкуренција за која било од годишните награди на ДПМ да се додели), оваа година нема да биде доделена наградата „Мост“, со која се одликува дело напишано на јазик на некоја од националностите во Македонија.
На прес- конференцијата за медиуми беше потенцирано и тоа дека жири- комисиите биле избрани од страна на Управниот одбор со анонимно номинирање и бодување, а на крај избраните состави на тричлените жири- комисии им биле познати само на претседателот на ДПМ и на двајца членови од Управниот одбор, кои ги верификувале гласовите на сите членови на УО на ДПМ.
На прес- конференцијата беше истакнато и тоа дека при утврдувањето на финалните состави на жири-комисиите, седум од првоизбраните членови, поради други ангажмани, не прифатиле да бидат дел од жиријата, поради што биле кооптирани други номинирани членови.
Согласно со Статутот на ДПМ, само активните членови во Друштвото имаат право да бидат дел од жири- комисиите за доделување на годишните награди на ДПМ.
Традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година ќе им бидат доделени на добитниците на свеченоста што ќе се одржи задутре, 18.9.2024 година во 19.00 часот во главната сала во Друштвото на писателите на Македонија.