14.08.2024
“Имам историја, многу може да зборувам” ќе рече уште веднаш на средбата, и колку и да е разговорот тематски дефиниран, овој пат за фестивалот “Тумба фест 2024”, што ни е најсвеж повод, во разговор со творец кој твори со децении неизбежно да се начне барем по нешто од повеќето негови активности низ годиниве.
Човекот чија кариера е врзана за “Академци”, “Биоритам”, “Скопски боеми”, “Охрид фест” како уметнички, директор… Таква функција имаше и на еден “Тумба фест”, а оваа година на оваа сцена беа изведени неколку негови интересни песни, од кои две беа врв, сосема се издвоија според нивната уникатност и за нив пламнаа социјалните мрежи.
Прво ќе ја споменам повеселата суперхитовската “Неста ресенска” со Ташко Каранфиловски и “Астра бенд”, а потоа ќе ја споменам и другата, љубовната химна “Со душа живот украси” со Ѓоко Ѓорчев и Јованка Јо, според редоследот по кој го водевме нашиот разговор.
Авторот, гитарист и изведувач, Цане Петров овие два месеци, меѓудругото, има и големи семејни поводи за славење и честитки.
*Повеќе поводи за честитање, но сепак да почнеме од најглавното- раѓањето на внуката Ема. Како ја прославите оваа голема новост во семејството?
-Многу убаво, колегите од мојот некогашен бенд “Биоритам” дојдоа да нѐ развеселат, дојдоа сите колеги од емисијата “Мерак меана”, екипата од “Тумба фест”… Голема радост е тоа.
*Некако добро Ви тргна во последно време и после сите учества на фестивали низ годиниве, на “Тумба фест” овој пат посебно се истакнавте како композитор.
-Го обожавам “Тумба фест! Заради слободата што ја дава од секој агол. Затоа што таму можеш да свртиш малку, па да ставиш некој бугарски елемент, некој српски, во контекст на песната. Така што, ако во песната се спомнува Врање ќе ставиш елемент од Врање, всушност македонски ќе речам, етнографски ако гледаме таму некогаш било Македонија. Ама нагласокот и доста музичк елементи заеднички со Врање, на пример “Да знаеш мори Моме” и “Отвори ми бело Ленче вратата” тоа се македонски песни, а таму ги пеат и се обнародени.
*На “Тумба фест” ја користите приликата и да запеете речиси секоја година, претежно со други пејачи или пејачки.
-Таа слобода еднаш ја искористивме дотаму што со “Биоритам” направивме “Балкански коктел”. Беше многу интересна песна зашто пее Бугар, Грк, Албанец, Србин и Македонец. Се пееше на македонски јазик, но Коки пее како Турчин, така и беше облечен, јас бев како Србин, Новица пееше. Многу интересна песна…Текстот е на Ѓорги Калајџиев.
*Таа слобода на Тумба фест и во текстуалниот и во музичкиот дел малку ги опушта авторите, бидејќи нема тоа строг критериум кој мора да се следи, туку сега им е дадена шанса да дојде до изрази целокупната нивна креативност.
-Малку се поотворени, нели? Креативноста нема граници, музичка и текстуална, што се вели. Ете на “Тумба фест”, кој е шеговит фестивал оваа година се испеа и класична забавна песна, и наиде на голема прифатеност.
*Но колку песни досега имате снимено за таму и испеано меѓу другото?
– Можеби имам над 30. Како автор сум присутен уште од првиот “Тумба фест” во 1995 година, од кога почнав да добивам награди, имам и еден толкав голем ќуп дома, за втората награда што ја зедов со песната во изведба на Маријана Мишева. На Мирко Митревски му правев песна и како композитор и како аранжер. А и онаа песна што ја пееше на “Цветници” со Ена Веко “Ќе си земам раперка” е целосно моја. “А бре чичо остарен” што ја пеевме со него кога бев во “Академци”, е исто така моја. Имам создадено доста хумористични песни.
*Еве за “Неста ресенска” јас сум ресенчанка, и во случајов за една среќна околност и текстописец на песната, но морам да си кажам без да ми се забележите, кога директорот на фестивалот, господинот Драган Јаким ми најави дека Вие ќе ја правите музиката, прво што помислив, што е моја лоша проценка, дека ќе ја направите само колку да ви помине низ прсти, бидејќи не може да го познавате ресенскиот музички менталитет и музички код…
-Ама така си мислите…
*Така си мислев затоа што е многу тешко за некој кој не е од Преспа да ја погоди таа линија и таа жичка што навистина е мошне специфична. Не зборувам само за тоа колку е убава песната, туку зборувам колку е автентично погодена и го погодивте секој ресенчанец и ресенчанка до последен атом. Особено што ресенчани многу си ги почитуваат своите “нести” на нив се гледа со посебна почит и семејни симпатии од страна на семејството, а и Иванката е заштитен знак. Но и дознав дека вие како помлад сте свиреле во Преспа, и можеби тука го имате впиено тој типичниот преспански мелос.
– Добро сега ќе Ви кажам. Имам многу долга музичка кариера и сме свиреле во сите краеви. На пример некогаш нѐ барале да свириме во Арабати баба теќе во Тетово. Во Тетово ти да отидеш не можеш да пееш да речеме струмичка песна. Мораш нивниот мелос да го негуваш. Ако одиш да свириш во Струмица самите луѓе и гости што доаѓаат на музика знаат што сакаат да слушаат, нешто типично струмичко. Така што, на тој начин ние сме ги запознавале различните стилови на музика што ги има во Македонија- Куманово, Паланка, Кратово, Преспа…
*Постојат разлики кои обичниот слушател не може да ги воочи…
– …додека ако отидеш во Кичево тоа е сосем друго. Зурли, тапани… И сега уште една стручна работа ќе ви кажам, зурлите, гајдите и кавалите не можат да свират во секоја интонација. Тоа е народен инструмент и одредено е кој каде ќе свири. Многу пејачки ми барале песна со зурла. Не може! Зурла и женски глас не може да го ставиш. Пејачките ќе пеат во г-мол, во д-мол ама тука зурла не свири. Нема скала за зурла, сфаќате? И затоа…
*А како ја научивте ресенската мелозвучност? Човек роден во тој регион и да направи некоја песна него го влече мелосот што го слушал цел живот, од кога бил дете. Цело време тие песни се вртат таму. Може се вртеле и други ама тие доминираат. А и нема многу песни па да речеш ќе слушнеш од нив.
– Па нема многу. Тие си имаат сосем друг мелос, тој реон на пример Преспа, Охрид Струга, кон Битола друг. На пример “Бог да бие Русе” тоа во Македонија не се пее. Се пее ама не е толку актуелно. Меѓутоа тие луѓе, од тој регион тие си го доживуваат на свој начин, таа е нивна музика. Пример ќе ја спомнам само песната “Дано, Дано, Данице” од Кенан Таировски таа е типично ресенска. Тие се препознатливи за таа група жители што таму се родени, таму живееле, ги слушале песните на своите прослави …
* Вам што толку ве повлече? И Галичица ја вметнавте.
-Повлече прво тоа за Иванка, таа е легендата за куклата ресенска, како стара градска традиција. Секој автор кога ќе создава музика му доаѓа по некоја ситна идеја и по нешто во текстот да вметне. Тоа е конструктивно и секогаш во согласност со авторот на текстот. Еве истото се случи и со овој текст дури на некои места во еден стих јас ги вртам некои зборчиња, гледам некоја рима да има. На пример, внимавајте на овој момент, првите зборови како ви се од песната? “Езероно спие, џам, не мрда!” Тоа џам како се пее? Дури и на тоа џам му ставивме еден стоп, езеро спие џаам (стоп, пауза)…не мрда!
*Мелодичноста мора да е дел од текстот за да се вклопи во мелодијата.
– Така е.
*Но, текстописецот ја нема музичката визија. Тој ја има текстуалната, а композиторот потоа ја преведува со музички јазик.
– Така е. Мора да е едно, на крај.
*Таа песна велат дека ќе се пее кај ресенчани дај Боже секогаш за свадби.
– Сигурно ќе се пее зашто е нивна песна.
* И секогаш ќе ве слават и како преспански автор бидејќи оставате еден убав белег, печат за цела Преспа и за сите времиња.
– Видете, сега што е. Значи песната авторот додека ја прави, додека не излезе во јавност, е негова. Потоа е народна. Авторот не е битен. Авторот го нема. Од тој момент кога ќе стане таа убава песна народно прифатена, општо прифатена, тогаш песната е на народот, не е веќе моја…
*Е сега, многу може да се зборува, особено јас како ресенчанка за таа песна. Но, рековме дека на тој фестивал оваа година ја замелушивте публиката и со една навистина уникатна и многу силна мелодија. Јас не можам да ја дефинирам, но мене како на слушателка многу ми се допадна, особено што мелодијата нема вообичаена музичка линија. Зборуваме за нумерата “Со душа живот украси”.
– Прво само кога ќе ти кажат кој треба да ја пее, Ѓоко Ѓорчев, веднаш имаш поинаква одговорност. Таа потенцијално на почеток беше правена за Ѓоко и за Кате од “Нели ти реков”, бидејќи тие најмногу соработуваат. Но, Кате требаше да пее на “Охрид фест” со клапа од Хрватска и рече дека нема време да биде присутна. И баравме со Ѓоко соодветен вокал. Идејата беше моја. Ѝ се јавив на Јованка Јо таа супер, прифати и потоа на мене остануваше за тие вокали да направам песна.
*А зошто не направивте шегобијна песна за нив, туку направивте класична дуетска песна по теркот на Фреди Меркјури и Монсерат Кабаје.
– Замисли како би испаднало? Дали можете да го замислите Ѓоко Ѓорчев да пее хумористична песна? Тој е пејач од типот на Владимир Савчиќ Чоби, на Крунислав Слабинац. Ние го викаме него македонскиот Том Џонс и нема логика Ѓоко да пее шегобијна. И јас со Драган, директорот на фестивалот, уште кога зборувавме му велам- “Ако дојде Ѓоко и ако јас правам песна за него, таа ќе биде забавна песна и во нивни стил”. Претходно тие се виделе некаде на некој фестивал и му понудил на Ѓоко да пее и тој прифатил.
*Многу паметно и многу стратешки.
-И кога зборувавме со Ѓоко, Ѓоко ми вели: “Цане јас не знам за “Тумба фест” ти што песна ќе направиш?”. Му одговорив веднаш “Ѓоко јас имам кон тебе големо почитување. Ти не си обичен пејач, не можам да ти направам некоја тралалајка. Што значи мора да биде издржана песна”. Стилот на Ѓоко уште кога ќе ги запее првите зборови, секој што ќе го слуша да рече еве- е тоа е Ѓоко!
*Баш беше како на “Макфест” на времето во златните деведесеттите.
-Уште па и како шлаг дојде и Јованка што си го испеа тој дел.
*И таа даде сѐ од себе, веројатно песната многу ѝ легна во душата.
-Дури Кате потоа му се јавила на Ѓоко “леле како можев јас да не дојдам. Уф како ми лежи оваа песна”… И така беше.
* Текстот прво го добивте па ја правевте музиката или обратно?
– Да, да. Прво текстот. Јас обично за “Тумба фест” соработувам со Боби Петковски. И на Боби, кој живее во Љубљана, му пишав, му ја кажав идејата, ме праша во кој стил да биде? Му велам “Брату ти не се секирај. Почни, замисли нешто во стилот на Крунислав Слабинац, “Нови фосили” и “Милена генерација моја. Тоа е фазонот на тоа што би требало тие да го испеат”. Тој ми го прати текстот, после не знам колку денови…
*А проблемот е да направиш за Ѓоко Ѓорчев песна, затоа што мора да биде во рангот на тие што ги има испеано досега. Вака навидум како заскитана, меѓутоа му даде облик на фестивалот.
– Ѓоко секој ден ми се јавува “Цане, ти немаш поим колку луѓе ми се јавија да ми кажат колку е убава песната!”. Јас сум комплетен автор на музика и аранжман, снимана е кај мене. Музика продукција, снимање, свирење. Сѐ. Тоа беше една од понапорните песни, сосем друг саунд има. Меѓутоа ако ја слушаш “Последен танц” на Ѓоко и Кате, оваа е како продолжение на таа песна. Еден месец сигурно ја работев. Секогаш е проблем да направиш дуетски песни. Најголемиот проблем е два гласа- машко женско да ги поврзеш и музички ако гледаш, и најголемите имиња кај нас и композитори, можат да кажат дека е навистина добро составено за да им одговара на гласовите на двајцата. Јас од кога ја поставив, го викнав Ѓоко кај мене да ја пробаме во повеќе интонации. Најубаво е така, двајцата да дојдат и на самото место да видиме како што ќе одговара. Затоа што тие пеат двогласно цело време. Едно време пее на почеток Ѓоко сам, вториот дел го пее Јованка Јо и тој преод многу лесно поминува, за увото. Тоа е и целта на песнава.
*Преминувањето од атмосфера во атмосфера во песната е многу лесно и питко, ми се допадна.
– Најчесто македонските композитори кога доаѓаат машко и женско, нивни спас за да е убава песната, е да направат транспортирање на композицијата од машка во женска интонација, за да може да ја пеат. Секогаш е тоа проблем. Јас направив добра песна затоа што претходно го запознав Ѓоко, кога му правев две песни- едната ја пееше со Кате од “Соната” – “Јовано, Јованке”, другата со Кате Танева од “Нели ти реков”, “Море сокол пие” и тоа придонесе да знам на кој начин можам да работам со него.
*Тоа биле преработки, а ова беше нешто сосема нова каде што мора нова авторска визија да се даде.
-Ама тоа претходно ми беше запознавање со Ѓоко како пејач и затоа ми беше полесно. Пак ќе повторам, навистина е специфично да му правиш песна на Ѓоко Ѓорчев човек со толку дефиниран стил и да речам друг филм. И внимавајте, требаше да се погоди кој инструмент треба да свири. Не можеш да ставиш што било. Ако го слушаш “Последен танц” со Кате знаеш дека тие си се сродени во песната, така мораше да биде и овој пат во комбинација со Јованка Јо.
*Го споменавте Вашето студио, снимањето и сега нормално е да се поврзе темата што е најново?
– До крај на година ќе излезе нов албум на Нино Величковски со нови песни. Исто и тој има репертоар со мој потпис последниве 6-7 години. Тој пее специфични песни, некои боемски, мераклиски, староградски. Тој е мераклија. Такви песни му правев за “Охрид фест”, за “Тумба фест”, за “Лешок”, тие се фестивалите. За “Валандово” не сум му направил зашто од “Валандово” постојано му даваат песна. Имам снимено и околу дваесеттина песни со Кате и “Соната”, многу ми се мили. Последниве 15 години работам со нив, затоа што почнавме за “Охрид фест” и јас ја научив Кате што сака да пее. Не е толку едноставна дај ѝ песна и ќе ја испее и толку. Си има свој стил треба да ѝ лежи песната. Си ги одбира песните и сега кога ѝ праќам демоснимка бидејќи има девојче Ана, Ана сега избира, ја слуша и ако и се допаѓа песната на Ана добро, ако не, ништо.
*Да ви ја честитам дипломата за продукција, односно магистерската титула стекната на Југозападниот Универзитет Неофит Рилски. Што Ве поттикна?
– И јас сум бил исто како сите самоук, цело време. Музичко образование немам, сум се образовал сам од книги. Пред да наполнам 18 години, во Југославија, прво од сосетката ја земав гитара за да свирам. Потоа како дете бев играорец во Пионерски дом Карпош, па продолжив во КУД “Орце Николов”, каде бев инструктор по фолклор. Бројни играорци од Ансамблот “Танец” јас ги учев да играат. И сум многу поткован со македонската народна музика затоа што сум имал прилика да учам од најголемите мајстори, на пример од Ѓорги Димчевски легендарен виолинист кој беше шеф на оркестар на “Танец” и шеф на оркестар на “Орце Николов”. Таму продефилираа најдобрите пејачи- Виолета Томовска, Васка Илиева, Никола Бадев. Јас во една прилика уште како дете во “Орце Николов”, бидејќи свирев гитара, засвирив на сцена и така почнав. Кога не дојде гитаристот ме пуштија мене на концерт да свирам со Никола Бадев и Кочо Петровски на хармоника. Тоа беше доживување. Најмногу научив од Ѓорги Димчевски, неговиот син сега е виолинист и свири и на светски концерти. Тој ме учеше, но јас сум земал и пет мали книгички за гитара од Жарко Мукосављевиќ во кои имаше сѐ што треба да научиш за музика, како прво и за гитара. Така почнав во 1978 година.
*Тоа Ви остана како долг да се едуцирате и усовршувате, бидејќи кога имате едни такви учители секако дека останува обврска да се биде многу добар, па и подобар ако успеете да ги надминете…
– Секогаш има правила во таа работа, значи тие правила што ми ги кажале и на кои ме упатиле јас секогаш сум ги почитувал. Затоа имам три проекти со етно музика направени со Министерство за култура како проекти од национален интерес, со стари песни. Снимени пред повеќе од 15 години, Ирена Спасовска пее на нив. Има една светска организација што се вика Вомекс- Ворлд мјузик Експо. Од 6000 проекти 20 беа примени и нашето ЦД таму го примија. Тоа ЦД требаше да одиме да го промовираме во Лисабон, Португалија на фестивал само не ни дадоа пари од министерство. Тогаш се погоди Милчо Манчевски снимаше филм и неофицијално ни рекоа- сите пари таму ги дале. Не ни дадоа средства и не отидовме. А бевме примени под името Македонија. Организаторот ме прашаа под кое име ќе ја застапуваме државата, или Македонија ќе биде или не доаѓаме, им реков. И така беше. Значи од тоа имаме направено три етно проекти и оттогаш јас копав и барав и други заборавени песни, извадив многу убави песни, дури меѓу нив беше и “Катерино моме” која потоа ја испеа Ленче Дедејска. Има една егејска песна се вика “Смилјана” песна што никој не знаеше, а потоа “Синтезис” ја преработика, откако ја слушнаа. Тие се на цедето. Тоа е двојно ЦД во издание на “Мистер Компани”. На едното ЦД се песните на другото ЦД се без пеење, само инструментал. И во рамките на тоа продолжение од кога ги направив трите цедиња бидејќи се случи да истражуваме во кумановскиот крај, Кратово и Паланка, со Драган Јаким одевме по по селата да собираме стари песни, собравме некои 200 песни што не ги знаевме. А од тие 200 последниве десетина години јас направив 20 обработки, прекрасни песни кај што пеат наши познати пејачи Благица Павловска, Благоја Груевски, Душко Георгиевски, Круме Спасовски, Ирена Спасовска, и така е направено тоа ЦД. Тоа е совршено нешто, барем за мене. Ама, никаде не се пушта, по ниедно радио, а сум ги испратил композициите секаде.
*А зошто не направите официјална промоција?
-Па не знам. Како прво за промоција требаат пари. Треба ПР. Некој да ги преземе работите. Да се добие силна медиумска поддршка. Да имав поддршка со овој материјал што го правев со трите цедиња далеку ќе стасавме.
*Но никогаш не е доцна.
-Сакам да ви кажам, сите коцки треба да бидат склопени за да нешто се направи.
* Таквите песни немаат време, да мора да ги промовирате баш сега. Тие се вечни, народни. Ќе преземете ли нешто сега, не само Вие како индивидуалец, туку како музичка фела, меѓутоа нешто квалитетно, еден убав концепт, еден убав став и еден убав разговор со одговорните структури и во која насока ќе ја побарате од нив таа професионална логистика? Сцената мора да се смени комплетно како механизам и да се експонира сѐ она што е квалитетно сработено, а завршило по фиоки, за да дојде до израз, бидејќи џабе снимате и правите нешто ако тоа не влезе во душата на народот.
– Видете, не е џабе. Некои наредни генерации тоа ќе го отворат.
*Ама мора и ние да им дадеме идеја да го отворат. А и ние да го отвориме.
-Еве сега ќе Ви кажам. Јас на пример студирав во Бугарија. Во Бугарија пристапот кон нивната народна музика и пристапот во Македонија кон нашата народна музика е сосем различен. Понижувачки е односот на Македонците кон својата народна музика. Не на Македонците како луѓе, меѓутоа на стручните што ја водат таа работа е понижувачки. Јас студирав во Бугарија. Ќе кажам слободно дека сите професори имале екстра високо почитување кон мене и ги слушнале сите материјали што сум ги направил, тие ми се поклонувале за тие материјалите. И секогаш ме почитуваат дека јас сум од Македонија.
*Добро во фелата тие политики не се ни битни, тоа се споредни работи.
-Да, не се битни. Сакам да ви кажам на факултетот на кој што се учи тоа, таму музика е музика и музика, нема политика. Тој однос нивниот кон нивната народна музика е на многу високо ниво, кај нас не е. Кај нас дури сега почнува нешто на Академија да се предава за кавали, гајди. Порано освен класична музика ништо друго немаше. Погледнете, сите овие што свиреле народни инструменти биле самоуки, на пример Милан Завков беше маестро виртуоз на хармоника, а завршил контрабас на Музичка академија. Народната музика тој воопшто не ја учел на Академија. Класика учеле сите наши. Моцарт, Бетовен, Шопен…
*Во ред и тоа треба да се учи и тоа е добро, но немавме ништо од нашата традиција.
-Во ред, но ние не сме Германија.
*Ќе предавате како професор сега или можеби Ваше школо ќе отворите? Титула магистер сега ви дава и можност да бидете професор.
-Така е. Јас би сакал на сето мое знаење да преземам нешто, меѓутоа на повисоко ниво. Значи во тек е таа работа. Ќе закажеме состанок со луѓе од одговорни структури и ќе разговараме. Ќе одам со лист со моите запишани идеи и ќе им кажам како конструктивно да делуваме. А за професор, не знам.
*Зборуваме за Скопската или за Штипската Академија и двете се врв.
– Да! Значи немам збор за тоа. Многу ми е мило што веќе почна да се обработува во Македонија по овие музичките институции. Не знам во кој правец ќе ме одведе ова што ти го кажувам. Можеби ќе отидам на некоја Академија, можеби нешто друго ќе смислиме, има некои идеи, можеби ќе биде начин на влијание во Македонија со нашата музика, што е многу тешко сега, гледајќи што се пушта по радијата и што се слуша по кафеаните.
*За тоа си е виновна државата не радијата. Една одлука може сѐ да смени.
– Јас ќе ви кажам и друго гледање. Може и државата и не е виновна колку што се музичарите, ако некој им рече “Дај сега отсвири ми Жена од султана” и му извади илјадарка и тие веднаш ќе му ја свират.
*За во приватни забава е приватна работа, но во медиумите сликата мора да е поинаква.
– Не само во медиумите, и музичарите што свират по кафаните. Треба да си ја сакаат македонската музика и малку по малку да ја наметнуваат.
*Ние кога го имавме квалитетниот “Валандово” српска музика не слушавме.
– Дали се сеќавате? Ние сме свиреле во кафана, вечера се одржува “Валандово”, вечерта победила песната, ние до крај на свирката веднаш ќе ја испееме. “Бисер балкански” кога излезе ние истата вечер може не сме ја отсвиреле толку точно, ама важно сме ја отсвиреле. Ја земав како пример.
*Следниот ден ги знаевме песните наизуст.
– Сакам да ви кажам од утредента ги пеевме “Има ли песна”, “Бисера, дајте ми ја”. И тогаш имало пејачи Наум Петрески, Кирчо Поп Лазаров, Гоце Николовски, Милан Бабиќ, нашите пееле…
*Дали размислувате повторно да бидете уметнички директор или можеби да создадете нов фестивал?
-Јас девет години сум бил уметнички директор на “Охрид фест” и една година на “Тумба фест”. Сѐ на сѐ се собраа десет години. Многу одговорна и многу стресна работа. Што се вели- некогаш шеќерот ми се качувал на некое високо ниво…Пример ќе ви кажам, еден “Охрид фест” кога треба да се одржи, ноќта претходно почнува силно да врне. Што правиме сега? Григор Копров ми се јавува во 3-4 наутро- “Цанко што ќе правиме брат дај да ги собереме пејачите во 12 часот напладне и ако не врне на пробата ние да го снимиме фестивалот, потоа вечерта ако врне ќе ја пуштиме таа снимка”… Сакам да ви кажам дека тоа е стресно. И тоа е многу поразлично од правење музика. Друга работа ќе ви кажам. Треба да ги преслушаш сите песни, да го поредиш, порано се влечела ждрепка- која ќе била прва која последна, јас не оставив на тој начин. Не може да дојде некој нов талент, па да пее прво Наум Петрески и на крај по него да пее некој дебитант. Секогаш сум правел концепт од првата до последна песна, да има течение. Да нема шокови. А не, свири, свири па одеднаш некоја прозабавна нешто малку помодерна, па пак фолк, не е фер прво кон пејачите, не е фер ни кон фестивалот.
* На што сте најмногу горд од своите успеси?
– На семејството, потоа на сѐ друго.
*Во рамките на “Охрид фест” бевте директор на детскиот фестивал “Чунга Лунга”. Бидејќи деновиве славете, дали Ви дојде некоја идеја за внуката да направите песна, Ема кога ќе порасне да се радува?
– Да ви кажам, толку идеи имам и толку различни, што и тоа ќе се случи. Точно знам за која пригода каква песна да направам, а и за кој пејач или пејачка и таа да трае …
Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт