Владимир Пиштало е лауреат на „Прозарт 2024“

Наградата „Прозарт“, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 12. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на српскиот писател Владимир Пиштало. Наградата ќе му биде доделена на Пиштало лично, на свеченото затворање на фестивалот, во Даут Пашин амам во Скопје, на 17 септември.

Станува збор за писател што ги означи еволуцијата и достигнувањата на современата српска проза при крајот на 20 и почетокот на 21 век, како што стои во образложението за доделување на наградата.

„Тоа што го возбудува секој приврзан читател кон прозата на Пиштало, е еден многу редок спој на изграден стил и експериментаторски нагон: тој како шетач низ просторот и времето многу внимателно ги забележува деталите на животот, а од друга страна го искушува обликот на пишување. Оттаму наградата „Прозарт“ сосема заслужено и праведно припаѓа на еден од големите балкански мајстори и иницијатори на создавањето врвна проза на овие простори“ – се вели во образложението за доделувањето на „Прозарт“.

Претседател на жири комисијата за доделување на наградата е проф. д-р Ермис Лафазановски, а членови се проф. д-р Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.

Владимир Пиштало е роден во Сараево во 1960 година. Израснал во Мостар,
Краљево и Белград, каде завршил основно училиште и гимназија. Студирал
право во Белград и Сараево. Завршил докторски студии на Светска историја и
Американска историја на Универзитетот во Њу Хемпшир во САД.
Тој бил опкружен со книги уште пред да се роди. Неговата мајка работела во
библиотеката и од работното место отишла право во болница да се породи.
Неговиот татко бил библиотекар во Националната библиотека во Босна. Во
моментов е директор на Народната библиотека на Србија.
Како писател тој е заинтересиран за психологијата на поединечни луѓе и
градови. Тој ја раскажува историјата на јазикот на поезијата. Ако неговата
проза не ги содржи двата зачини – поезија и хумор – тој не би бил
заинтересиран да ја пишува. Пиштало верува дека добро воочените и остро
изразените детали ни обезбедуваат порта кон другиот свет.
Пиштало ја објавил својата прва приказна во списание уште кога имал 18
години, а првата книга уште на 21 година. Како студент ја основал книжевната
група „Белградско производство на соништата“. Објавил 14 книги белетристика,
од поетска проза до романи – „Сликовница“, „Ноќи“, „Манифести“, „Крајот на векот“, „Корто Малтезе“, „Витраж во сеќавањето“, „Александрида“, „Приказни од целиот свет“, „Милениум во Белград“, „Тесла, портрет со маски“, „Венеција“,„Сонцето на овој ден: писмо до Андриќ“, „Значењето на Џокерот“ и „Песната за три света“. Неговите раскази се вклучени во сите поголеми антологии на српската проза.
Неговата книга „Тесла, портрет со маски“ е преведена на 20 јазици. Неговиот роман „Милениум во Белград“ е преведен на десет јазици.
Истакнат сараевски критичар во една прилика изјавил дека: „Пиштало знае сè.
Тој е поет кој размислува, способен да раскаже добра приказна“. Жан Кристоф
Бусон од „Фигаро“ го нарече Пиштало „уметник со ретка книжевна дарба“,
додека Рене де Чекати од „Ле монд“ тврди дека Пиштало ни дал: „уникатен српски глас, звучен и урбан и нов…“. Чекати исто така додал дека „среќни сме
што најдовме толку внимателен длабоко образован раскажувач со иронична
нота, кој на уникатен, често халуцинаторен начин, ја опишува последната
деценија на 20 век во градот со кој тој се поистоветува: Белград, тоа сум јас!”
Пиштало ја има добиено наградата „Милош Ѓуриќ“ за преводот на песните на
Чарлс Симиќ. Неговиот роман „Тесла, портрет со маски“ е награден со
книжевната награда НИН за најдобар роман, што е најпрестижната
литературна награда во Србија. Ја има добиено и наградата на Народната
библиотека на Србија за најчитана книга во библиотеките на Србија во 2009
година. Ги добил и наградите Меша Селимовиќ и Бора Станковиќ. Делови од
неговиот роман за Тесла се вклучени во училишната програма за средните
училишта во Србија. Неговиот роман „Милениум во Белград“ беше финалист
за Prix Femina за најдобар преведен роман во Франција меѓу 700 романи во
2008 година.

Пиштало сè уште верува дека „реалноста е всушност руда од која, кога ќе се
исплакне, добиваме соништа“.

Освен Пиштало, гости на 12. издание на фестивалот ќе бидат познатиот хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Рене Карабаш од Бугарија, Мајк Дауни од Велика Британија, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија и домашните претставници Виолета Танчева-Златева и Ѕвездан Георгиевски.

Во рамките на ПРО-ЗА Балкан, годинава се одржува 11. програма „Скопје фелоушип“, која годинава се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија, а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.