ИТНА КОЛУМНА: Крвта ми се заледи за децата!

Пред извесно време наидов на наслов за филм “Уб*ј ги децата прво” и крвта ми зовре и се вознемирив до таа мера што почнав себе си да се обвинувам, и да се запрашувам самата- дека штом постои таков наслов и филм, а е финансиран од официјалната Агенција за филм, каде што од самите членови имаат деца и ова не ги вознемирува, значи не е нешто опасно и алармантно и дека можеби веќе мене ми се истенчени нервите, што е нормално со годините, и почнувам да се вознемирувам за сѐ и сешто.

А и веќе со оваа реалноства, да не умее веќе човек да препознае што е нормално а што не, поместени и измешани се сите граници.

Помина тоа, и го заборавив…сѐ до синоќа кога седнав да проверам сандаче со пораки на фејсбук, по целодневното објаснување со пријатели за една тема која деновиве исто така ме вознемири.

А темата беше ќе речеш навидум едноставна и и јас нема да спомнувам имиња но наидов на текст во кој мајка (популарна личност и инфлуенсерка) одбива да го носи своето дете на училиште сѐ додека нема услови до октомври, во случајов клима уред, бидејќи била на родителски состанок и заклучила дека условите со температура од 37 степени целзиусови не се соодветни за основци и за во таква училница да го праќа својот син единец.

Таман да речам гласно “Браво мајка”, ете ти пак триста прашалници за кои се прашував повторно да не сум јас виновна што почнав брзо (и можеби неосновано) да се вознемирувам. Под неа, преку 500 пораки и главно од жени со потсмев, навреди, малограѓанштина, во стилот “што се замислува,” а дури една учителка замислете ѝ беше одговорила дека децата во Кавадарции на таа температура ги носеле ги носеле на берење грозје ама кога ќе пораснеле повеќе ќе се снајдете од скопските (???). Хм, со ова прашање можеби би требало да се позанимаваат организациите за заштита на детските права, малолетни деца носење на берба по горештини…

Прашалниците во мојата глава не застанаа тука, застанаа и кај нападите кон мајката, која ја прашуваа каде била таа да реагира за учебниците, а не сега тука да ми бара за својот син основни услови во училницата.

Мајката не побара специјален третман, ниту некој да испрати Ламборџини да го носи на училиште нејзиниот син, само свеж воздух во кој ќе може да функционира безбедно и лесно, а коментаторите за книгите чинам малку ја згрешија адресата, вистинската е – Министерство за образование и кабинетот на  министерката.

Нејсе, и тоа почнав да се обидувам да го заборавам, кога ви велам синоќа во инбокс ми стигнува прашање за консултација со уредничката и основачка на порталот КулАрт инаку најголемиот медиумски експерт за деца, уредничка која 30 години работеше во Детската редакција на МТВ каде ги правеше најгледаните серијали, потоа Детски Евровизии, пишуваше сценарија (и настрада поради тоа, но друга тема) и писателка е на сценарија и книги со проза и поезија за деца. м-р Татјана Гогоска.

Гогоска, како познавач на детската психологија, беше толку вознемирена од насловот за филмот и како истиот ќе влијае врз децата, што реши да го прекине своето непишување на колумни и да им се обрати на авторите (дури и со молба) да го сменат овој наслов, кој сугерира на најлошо што може да се замисли и во најмрачни сфери, и да им укаже дека не ги “пере” ни тоа што филмот е во жанр комедија па дури и се прикажува по фестивал, на Сараевскиот.

Богами таков морбиден наслов немало ни кај најстрашните хорори “Петок 13”, “Кога јагнињата ќе стивнат”, “Знам што правеше минатото лето”, “Зона на самракот”, „Егзорцист“, „Сјаење“, „Ноќ на вештерките“, па ни кај најславните комедии како “Некои тоа го сакаат жешко”, “Монти Пајтон”, “Матурска вечер”, “Животот на Брајан”, “Големиот Лебовски”, “Модерни времиња”…што ми тркнаа прво …

Немојте да мислите дека и нејзината колумна помина без остро и уште поостри коментари и хорор идеи. Олеснителна околност е тоа што уредничката не е инфлуенсерка па лесно се извлече со помала читаност- помало коментирање…

И таман си помислив “хоророт” од фејсбук за среќа останува на фејсбук, денес ме стигна на јаве.

Поминувам покрај главната улица кај Олимписки базен и на најтесниот дел од тротоарот во прв момент помислив дека ете пак нешто мене ми се навалува пред очи, сега ѕитчето од оградата, кога веќе го поминав и дојдов од оваа страна сфатив дека не ми се причинува. Вистина е.

Ѕитчето е навалено и не дај Боже да се случи она што прво го помислив и крвта ми се заледи “Ами децата? Колку се тие безбедни? Ова може секој миг да се сруши, не дај Боже. А тука секојдневно врват стотици деца, има основно, има средно училиште, има и градинка”.

За да е парадоксот поголем зад таа трошна куќичкна со ризична ограда сѐ извишени нови модерни уште невселени згради.

Застанав и фотографирав со цел да го испратам во Општина на Град Скопје, зачудена како досега теренските служби не го забележале и презеле безбедносни мерки, не дале наредба да се сруши небезбедниот дворски ѕид кога забележав од внатрешната страна на дворот исплашено и “шпионски” ме гледаат очи на домаќинот или домаќинката од куќичката. Ко да се плаши дека веднаш ќе им упаднам дома, а јас ко да се плашам дека ѕитчето ведшан ќе ми се сруши пред нозе.

Не знам чив страв е поголем, знам само дека со коленици кои се тресат стигнав до првото кафуле и седнав да се освежам и смирам.

Ух, ова хорорите и насловите колку ли само параноја умеат да набијат. Или можеби не? Можеби не е параноја туку само обид да се спречи “хорор”, а тоа ќе го изведеме заедно. Наместо коментирање кој е во право, споделете го линкот веднаш кај кај градоначалникот на Центар, кај градоначалничката на градот, мајки, татковци, баби, дедовци, тетки, вујни, братучеди… зшто некои наслови возбудуваат штом ги слушнеш, а некои слики до реалноста возбудуваат и плашат кога ќе ги видиш. И сѐ не е само филм, нешто е и реалност каде треба да отвориме очи. За децата и за сите нас се работи.

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.